Бангладеш: Што по бегството на екс премиерката Шеик Хасина? – DW – 6.08.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБангладеш

Бангладеш: Што по бегството на екс премиерката Шеик Хасина?

6 август 2024

По 15 години владеење и протести кои ескалираа, поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина набрзина побегна од земјата. Нејасно е што ќе се случува во земјата откако армијата почна со подготовки за преодна влада.

https://p.dw.com/p/4j99b
Портрет на премиерката Шеик Хасина уништен од страна на демонстрантите
Портрет на премиерката Шеик Хасина уништен од страна на демонстрантитеФотографија: Mohammad Ponir Hossain/REUTERS

Премиерката Шеик Хасина (76) наводно имала само 45 минути да се спакува и да го напушти Бангладеш. Ова го пренесува индиската ТВ станица НДТВ. Нејзиното 15-годишно владеење заврши ненадејно и драматично. Се вели дека војската ѝ дала ултиматум - по неколкунеделни масовни студентски протести и ескалација на насилство.

Кога се дозна за заминувањето на Хасина во соседна Индија, на улиците на главниот град Дака и другите поголеми градови владееше празнично расположение. Маси народ славенички вееја знамиња. Самата Хасина претходно била пренесена во Индија со воен хеликоптер. Според медиумски извештаи, таа сака да продолжи за Лондон. Според извештаите на очевидци, стотици луѓе упаднале во официјалната резиденција на непопуларната премиерка откако таа го напуштила Бангладеш.

„Крајно време е да се стави крај на насилството“

Армијата ќе формира привремена влада, објави шефот на армијата на Бангладеш, генерал Вакер-Уз-Заман, во телевизиски говор во понеделникот (05.08.2024). Засега е нејасно дали тој ќе ја предводи преодната влада. „Земјата страдаше многу. Економијата претрпе штета. Многу луѓе ги загубија животите. Крајно време е да се стави крај на насилството“, рече Вакер-Уз-Заман во воена униформа.

Според неговите сопствени изјави, генералот веќе разговарал со главните опозициски партии и членови на граѓанското општество, но не и со партијата Авами лига. Нејзин претседавач е Шеик Хасина.

Бангладеш Дака | протести | Луѓе слават на улиците и плоштадите во Дака
Луѓе слават на улиците и плоштадите во ДакаФотографија: DW

Поранешната шефица на владата е одамна дел од политиката на Бангладеш. Нејзиниот татко, Муџибур Рахман, го предводеше претежно муслиманскиот Бангладеш до независност во 1971 година. Партијата Авами лига, што тој ја основаше, потоа четири години управуваше авторитарно. Во 1975 година, Рахман беше убиен во воен удар.

Кога Бангладеш се врати на парламентарна демократија во раните 1990-ти, Шеик Хасина победи на изборите во 1996 година и за првпат стана премиерка. Во изминатите 30 години таа и губеше на избори. Но, од 2008 година, Хасина постојано ја извршуваше функцијата премиерка на Бангладеш - сѐ до нејзината оставка во понеделникот. Последните избори во јануари 2024 година беа бојкотирани од најголемата опозициска партија, која се сомневаше дека гласањето не било фер.

Владата на Хасина беше обвинета, меѓу другото, за злоупотреба на државните институции со цел за одржување на сопствената моќ и за угнетување на владините критичари, вклучително и вонсудско убивање на опозиционери. Сега неколкунеделните насилни протести ставија крај на политичката кариера на Шеик Хасина.

Според извештаи на медиумите, околу 300 луѓе загинале во немирите од средината на јули. Студентските групи првично побараа укинување на контроверзниот систем на квоти за распределба на позициите во јавниот сектор. Според плановите на владата, на децата на борците за слобода кои се бореле за независност заедно со основачот на земјата Рахман требаше да им се даде приоритет за сигурни и подобро платени владини работни места. Највисокиот суд во Бангладеш потоа значително ја ослабна ваквата регулатива.

Бангладеш | Шеик Хасина
Шеик Хасина не беше омилена премиеркаФотографија: Peerapon Boonyakiat/SOPA Images/IMAGO

Тешка транзиција

Дали поставувањето на преодна влада предводена од војската ќе се одвива без проблеми е сè, само не сигурно. „Претставниците на студентите кои протестираат мора да бидат дел од привремената влада“, побара студентскиот лидер Асиф Махмуд во интервју за ДВ. „Во спротивно, нема да ги признаеме.“ Махмуд веќе не сака само шанса за владина работа, нешто за што се бореше за време на протестите против правилото за квоти. Тој во меѓувреме се гледа себеси како политичар со право да учествува во владата.

Недовербата меѓу населението, по говорот на началникот на армијата Вакер-Уз-Заман, останува висока. „Тој не ни претстави никакви конкретни планови“, вели разочарано активистот за човекови права и адвокат Кан Пана. Она за што генералот зборуваше беше само привремено решение, оценува тој: „Колку е голема јавната поддршка за луѓето со кои тој разговараше за формирањето на привремената влада?“, прешува скептично Пана. „Мислам дека луѓето нема да го прифатат тоа.“

Војската во соопштение за печат соопшти дека наскоро ќе започне директни разговори со лидерите на протестното движење.

Бангладеш стекна големо искуство со преодни влади во периодот помеѓу 1990 и 2008 година. Во тоа време, привремена административна влада ја презеде одговорноста пред и за време на националните избори за да се обезбеди нивно фер и непречено спроведување. Активистите сега бараат слична привремена влада до новите избори.

Бангладеш | протести во Дака
Човек се обидува да ја уништи статуата на таткото на Шеик Хасина, Муџибур РахманФотографија: Syed Mahabubul Kader/ZUMA Press/IMAGO

Шеф на владата да не биде генерал

Група од 21 истакнати научници и активисти за уставно право очекуваат новата привремена влада да го намали „насобраниот гнев на јавноста поради долготрајната изборна измама, широко распространетата корупција, лошото економско менаџирање и репресијата“.

„Моќта треба да се пренесе на национална или привремена влада по уставен пат или, доколку е потребно, преку промена наУуставот, по разговори со студентите кои протестираат и политичките партии“, се вели во соопштението на групата.

Адвокатите и активистите исто така нагласуваат дека армијата не треба да ја преземе власта во земјата, туку тоа треба да го стори цивилна влада. Се вели дека војската припаѓа во касарните.

Војската е тука за да ја заштити земјата од надворешни закани, потенцира за ДВ адвокатот Шахдин Малик, кој ја потпиша декларацијата: „Армијата не е тука за да владее со земјата.“.

Германската влада е загрижена поради ситуацијата во Бангладеш. Владата „секако со голема загриженост го следи развојот на настаните“, одговори портпарол на германското МНР на прашање на ДВ за време на владината прес-конференција во понеделникот. „Се разбира дека на сите ни е важно Бангладеш да продолжи по својот демократски пат.“