Бангладеш: Валканата работа на владините специјални сили – DW – 8.04.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалБангладеш

Бангладеш: Валканата работа на владините специјални сили

Наоми Конрад | Крис Каурла | Арафатул Ислам
8 април 2023

Баталјонот за брза акција е специјална единица на полицијата на Бангладеш задолжена за борба против тероризмот. Но, како што покажува истражувањето на ДВ и Нетра њуз, владата ја користи оваа единица и за валкани работи.

https://p.dw.com/p/4PiYG
Припадниците на Баталјонот за брза акција на полицијата во Бангладеш
Припадниците на Баталјонот за брза акција на полицијата во Бангладеш Фотографија: Sony Ramany/NurPhoto/picture alliance

Чаури од гранати. Џихадистичка борбена литература. Или дрога. Што од овие „докази“ ќе се користи зависи од инсценирањето, вели еден извор. На баталјонот за брза акција (РАБ) му требаат само неколку реквизити за внимателно планираното убиство да изгледа како полициска операција во самоодбрана. Лажни докази се користат за камуфлажа. Да се сокријат трагите од егзекуција. Така го опишува ова еден командант на РАБ кој самиот бил вклучен во акциите.

ДВ и шведско-бангладешката истражувачка платформа Нетра њуз неколку месеци истражуваа за да добијат увид во внатрешните работи на оваа елитна полициска единица. Од основањето во 2004 година, мажите во црни униформи влеаја страв и трепет кај многу Бангладешци.

Министерството ги отфрла обвинувањата

Изворно, силите кои сега бројат околу 13.000 војници, беа формирани за борба против тероризмот и организираниот криминал. Но, активистите и погодените семејства го обвинуваат РАБ за стотици киднапирања и убиства. Министерството за внатрешни работи на Бангладеш, на прашањето на ДВ и на Нетра њуз, ги отфрли овие наводи како „конструирани, измислени и политички мотивирани“. Како што натаму се наведува, секој инцидент го истражуваат судовите и според конечните извештаи, обвиненијата против РАБ „по сѐ судејќи се неосновани“.

Поранешен припадник на РАБ зборува за ДВ
Поранешен припадник на РАБ зборува за ДВФотографија: DW

Но, многу жртви сѐ уште се водат како исчезнати. Многу смртни случаи се необјаснети. Ова ги натера САД, на крајот на 2021 година, да ги стават сите специјални сили, како и седум поранешни и сегашни офицери на списокот со санкции. Експертот за Јужна Азија, Мајкл Кугелман, од аналитичкиот центар Вилсон во Вашингтон, ова го смета за важен чекор. „Главната причина зошто таквите единици се подготвени да употребат насилство е тоа што знаат дека можат да делувуваат неказнето“, вели Кугелман.

„Свиркачите“ на РАБ ја обвинуваат владата

За првпат двајца „свиркачи“ сега сведочат за работата и за синџирот на команда на РАБ. Со своите изјави ја оптоваруваат и владата на Бангладеш. Овие двајца упатени биле воени лица и биле распоредени во РАБ во последните неколку години. Овие елитни сили се состојат од избрани воени и полициски сили. „Свиркачите“ служеле во различни единици на специјалните сили. Нивниот идентитет мора да остане тајна за да се заштитат тие и нивните семејства. Еден од нив сега вели дека РАБ е „одред на убијци“. ДВ и Нетра њуз го потврдија нивниот идентитет.

„Не се работи само за тоа целно да убиваме поединци. Ние и нивните роднини и пријатели ги ставаме во опасност и ги трауматизираме доживотно“, вели еден од двајцата „свиркачи“.

Долготрајни одделни истражувања

ДВ и Нетра њуз неколку дена одделно разговараа со „свиркачите“. Нивните изјави се совпаѓаат со анализите на експертите и ги поткрепуваат наводите на активистите за човекови права. Новинарскиот тим ги анализираше и обдукциите и полициските извештаи, како и една аудио снимка од погубување.

РАБ не држи затвореници со години. Овие луѓе се убиени, изјави за ДВ еден од „свиркачите“.
РАБ не држи затвореници со години. Овие луѓе се убиени, изјави за ДВ еден од „свиркачите“.Фотографија: Arafatul Islam/DW

Сепак, ДВ и Нетра њуз не можат да ја потврдат секоја изјава на двајцата мажи. Наредбите за тајните операции, велат тие, обично се даваат само усно за да се избегнат инкриминирачки документи.

Но, ако се земе сѐ заедно, документите, сведочењата на жртвите и „свиркачите“ сугерираат на тоа дека Баталјонот за брза акција систематски и сериозно ги крши човековите права во Бангладеш. Двајцата поранешни воени лица тврдат дека дозвола за сите незаконски дела, киднапирања, мачења и егзекуции доаѓа од некој претставник на владата. Или дека таквите методи се барем одобрени.

Ова особено важи за лицата кои се дел од политичката номенклатура или се поврзани со такви личности. Зеленото светло за убивање на такво лице доаѓа директно од Министерството за внатрешни работи или од самиот министер“, тврди изворот. РАБ е под команда на Министерството за внатрешни работи. Но: „Малку е веројатно дека министерката за внатрешни работи ќе одобри такво нешто без премиерката да биде упатена во тоа“, вели еден од „свиркачите“. Тој мисли на политичарката Шеик Хасина, која е на чело на Бангладеш од 2009 година.

За ДВ и за Нетра њуз беше многу тешко да се потврди вистинитоста на тврдењата за синџирот на команда и да се добие потврда од некоја независна истанца. Од кабинетот на премиерката не одговорија на нашите прашања. Министерството за внатрешни работи ги отфрли нашите барања за овие обвинувања како „злонамерни и политички мотивирани“.

Според сведочењето на „свиркачите“, РАБ користи и тајна мрежа на затвори кои имаат добро изолирани простории за мачење
Според сведочењето на „свиркачите“, РАБ користи и тајна мрежа на затвори кои имаат добро изолирани простории за мачењеФотографија: Chris Caurla/DW

Анатомија на кривичното дело

И двајцата „свиркачи“ дополнително сведочеа за тоа како „одредот на смртта“ обично оди по жртвите навечер и со цивилни возила.

„Некои жртви молат, други молчат. На местото на егзекуција, во жртвата се пука толку долго додека полека не искрвари“, вели изворот, што за ДВ и Нетра го потврдија полициските извештаи кои беа добиени на увид.

На крајот, местото на злосторството се подготвува на таков начин што ќе создаде лажен впечаток: до жртвата се става оружје од кое претходно се пука во воздух. Така се создава впечаток дека жртвата пукала на членовите на РАБ. Сè треба да укаже на тоа дека се работи за самоодбрана на припадници на специјалните единици.

Според истите извори, РАБ користи и тајна мрежа на затвори кои имаат добро изолирани простории за мачење. Постоењето на овие затвори го потврдува и млад жител на главниот град Дака, кој се притсетува на соба за мачење, бејзбол палки и уреди за електро-шокови. „Мислев дека така постапуваат само со терористите“, вели младиот човек кој успеал да се ослободи.

Тој имал среќа. Ова не може да се каже за стотиците лица кои беа приведени од РАБ во последниве години и на кои им исчезнува секаква трага. Многу од нив ѝ припаѓаа на опозицијата и исчезнаа за време на турбулентните изборни кампањи во 2014 и во 2018 година. Роднините на исчезнатите сè уште се фаќаат за секоја сламка на надеж дека исчезнатите на крајот ќе бидат пронајдени. Но, нивната надеж е залудна, вели еден од „свиркачите“. „РАБ со години не држи затвореници. Овие луѓе се убиени“, вели изворот, кој, воедно, бара и оваа „елитна“ единица да се распушти.

Семејствата на исчезнатите попусто го чекаат нивното враќање
Семејствата на исчезнатите попусто го чекаат нивното враќањеФотографија: Arafatul Islam/DW

„Незасновано и невистинито“ истражување

ДВ и Нетра Њуз побараа од самата РАБ да ги коментира резултатите од истражувањето. РАБ упати на Министерството за внатрешни работи. Во писмениот одговор на министерството, резултатите од новинарското истражување се нарекуваат „преценети, претерани, неосновани и невистинити“. Од ДВ се бара да се дистанцира од „ширењето еднострани ставови“.

Следните парламентарни избори во Бангладеш се одржуваат на почетокот на  наредната година. Европската унија и Велика Британија засега не покренаа санкции против РАБ.