Полска и Украина: Од најдобри пријатели до лути противници? – DW – 22.09.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска и Украина: Од најдобри пријатели до лути противници?

Јацек Лепјарц
22 септември 2023

По нападот на Русија врз Украина, полската влада одлучно застана на страната на нападнатиот сосед. Спорот околу увозот на украински житарки претставува пресврт.

https://p.dw.com/p/4WgfV
Полскиот претседател Анджеј Дуда и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Полскиот претседател Анджеј Дуда и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Луцк, јули 2023 годинаФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Тонот меѓу Полска и Украина станува сѐ поостар. Веќе неколку недели полскиот претседател Анджеј Дуда, премиерот Матеуш Моравјецки, како и други претставници на деснопопулистичката влада, користат јазик кој во предзиборната кампања обично беше резервиран за традиционалните непријатели на полската десница – Русија и Германија.

„Украина е како давеник“, рече Дуда во средата (20.09.2023) во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН. „Лицето кое се дави е исклучително опасно и може да го повлече спасителот длабоко под водата. Се вели дека давеникот се фаќа за сламка. Навистина, оној кој се дави се фаќа за сѐ што постои“. Полската влада мора да ги брани своите интереси и да се заштити од штета, додаде Дуда.

Полскиот претседател со тоа реагираше на говорот на украинскиот колега Володимир Зеленски пред Генералното собрание на ОН. Зеленски меѓу другото рече: „Вознемирувачки е да се гледа како некои во Европа во политичкиот театар глумат солидарност, претворајќи го прашањето за житото во трилер. Мислат дека ги играат своите улоги, но всушност помагаат за подготовка на сцената за актерот од Москва.“

Володимир Зеленски ОН
Зеленски со говорот пред Генералното собрание на ОН во Њујорк ја разлути полската владаФотографија: Craig Ruttle/AP Photo/picture alliance

Зеленски не кажа кои се тие земји, но во Варшава неговите зборови се сфатени како провокација. Планираниот состанок меѓу Дуда и Зеленски во Њујорк не е одржан „поради гужва со термините“.

Нема веќе оружје од Полска за Украина

Полскиот премиер Моравјецки долеа и масло на огнот – во интервју за телевизијата Полсат.  „Веќе не испорачуваме оружје на Украина.  Сега сами се вооружуваме, снабдувајќи се со најсовремено оружје“, рече тој во средата вечерта (20.09.2023.)

Полска ќе продолжи да ѝ помага на Украина, но не може да прифати пореметувања на сопствениот пазар на земјоделски производи. Моравјецки уверуваше дека Полска нема да се меша во активностите околу јазолот во градот Жешов во југоисточниот дел од Полска, од каде одат  пратките со западно оружје за Украина.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки најави - нема веќе полско оружје за Украина
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки најави - нема веќе полско оружје за УкраинаФотографија: Damian Burzykowski/IMAGO

Како и секогаш кај владејачката партија Право и правда (ПиС), зад сите овие махинации наводно стојат Германците. „ЕУ ја поставува Полска пред морална уцена, а Украина склопува сојуз со Германците против Полска“, изјави влијателниот европски пратеник од ПиС, Јацек Саријуш-Волски за Полские радио24.

Дали украинското земјоделство ја загрозува ЕУ?

Министерот за земјоделство на Полска, Роберт Телус предупреди дека  украинското земјоделство претставува „закана“  не само за „државите во близина на фронтот“, туку и за цела Европа. „Украина не може да пристапи кон ЕУ без услови“, нагласи Телус во име на Полска, која неодамна поддржа брз прием на Украина во ЕУ. Лидерот на ПиС, Јарослав Качински на изборен собир изјави дека конкуренцијата со украинските земјоделски производи го „уништила“ полското земјоделство.

„ПиС ги жртвува односите со Украина“, гласи насловот на коментарот на новинарот и политиколог Бартош Виелински во либералниот дневник „Газета виборча“ од четвртокот (21.09.2023.). Виелински пишува за „деструктивна политика која граничи со предавство“.

Според негово мислење, спорот околу украинското жито е само изговор. „Во предизборната кампања, ПиС не застанува пред ништо. За да ги мобилизираат своите гласачи, Качински, Моравјецки и Дуда распалуваат судир со соседната земја и поттикнуваат антиукраинско расположение“, пишува Виелински. 

Протест на полските земјоделци во Штетин поради евтините украински земјоделски производи
Протест на полските земјоделци во Штетин поради евтините украински земјоделски производиФотографија: Marcin Bielecki/PAP/picture alliance

ПиС се враќа на антиукраинска реторика

Партијата ПиС, која веќе осум години владее со Полска, не може да биде сигурна во уште една победа на парламентарните избори на 15 октомври 2023. година. Важни за ПиС гласови може да однесе десничарско националистичката Конфедерација, која во предизборната кампања отворено користи антиукраински пароли. За да ги врати бирачите, ПиС се врати на својата традиционално скептична линија кон Украина.

Важен гласачки потенцијал за полската десница се земјоделците и руралното население воопшто. Тие сметаат дека нивната егзистенција им е загрозена поради  украинските житарки и други земјоделски производи  од Украина.

Десничарскиот националистички табор во Полска, кој историската политика ја става во прв план на своите активности, во минатото секогаш беше скептичен кон помирувањето со Украина. Крвавите настани на крајот на Втората светска војна и во првите години по нејзиното завршување и денес фрлаат сенка. Националистите од Украинската бунтовничка армија (УПА) од 1943 година  напаѓале полски села во Волинија,  денешна северозападна Украина, за да ги протераат Полјаците од тоа подрачје.

Долги сенки на крвавото минато

Етничкото чистење требало да создаде поволни услови за украинската национална држава по војната. Според полските историчари, до крајот на војната во 1945 година се убиени околу 100.000 Полјаци, а до половина милион луѓе избегале или биле протерани. Во одмаздничките акции на полските партизани загинале меѓу 10.000 и 15.000 Украинци.

ПиС одржува блиски контакти со здруженијата на полски раселени лица кои ги претставуваат Полјаците од Волинија и како услов за приближување на Варшава и Киев поставуваат извинување на Украина и осуда на некогашните злосторства. Руската војна против Украина ова го турна во втор план, но изгледа само привремено. 

Ќе се смират ли тензиите меѓу Киев и Варшава?

Либералниот лидер на опозицијата Доналд Туск го опиша полско-украинскиот судир како „морален и геополитички скандал“. На предизборен митинг во Калиш зборуваше за „подол антиукраински циркус“ во организација на ПиС.

Но, се наѕираат први знаци за смирување на тензиите.

Министрите за земјоделство на Полска и на Украина првпат по подолго време разговараа телефонски во четвртокот (21.09.2023.), јави полската новинска агенција ПАП. И украинскиот амбасадор Васил Зварич, кој по говорот на Зеленски во ОН беше повикан во Министерството за надворешни работи на Полска, исто така се обиде да ги смири страстите. „Тоа беше добра прилика за размена на ставови. Нема криза. Одиме напред“, рече дипломатот.

Сепак, ако ПиС остане на власт и по 15 октомври, полско-украинските односи веројатно ќе претрпат трајна штета. Варшава нема да престане да го поддржува Киев, зашто победата на Украина против Русија е во интерес на Полска. Но, „медениот месец“ кој траеше една и пол година конечно би завршил.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема