Полски МиГ-29 за Украина „во наредните денови“ – DW – 17.03.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПолска

Полски МиГ-29 за Украина „во наредните денови“

Мартин Адам | АРД | агенции
17 март 2023

Од самиот почеток на руската агресорска војна, Украина бара борбени авиони од западните сојузници. Досега НАТО беше претпазлив. Полска сега, меѓутоа, објави дека ќе испорача авиони од советски тип „во наредните денови“.

https://p.dw.com/p/4OovM
Наскоро ќе летаат над Украина - борбени авиони од типот МиГ-29 на полското воено воздухопловство (архивска фотографија)
Наскоро ќе летаат над Украина - борбени авиони од типот МиГ-29 на полското воено воздухопловство (архивска фотографија)Фотографија: Rosanna van de Logt/Zoonar/picture alliance

Полска наскоро ќе ѝ ги испорача на Украина првите борбени авиони МиГ-29 од советско производство, кои доаѓаат од старите залихи на Германската Демократска Република (ГДР). „Во наредните денови (...) ќе испратиме четири целосно оперативни авиони во Украина“, рече полскиот претседател Анджеј Дуда во Варшава. Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изјави дека не бил информиран за полските планови.

Борбените авиони сè уште се во служба во полските воздухопловни сили

Дуда претходно во Варшава го прими чешкиот претседател, Петр Павел, во рамките на неговата инаугуративна посета на Полска. Прашан да ја дообјасни изјавата за испораката на авионите МиГ-29, тој одговори дека за тоа има посебна одлука на полската влада. Со сигурност може да се каже дека борбените авиони ќе заминат во Украина во наредните неколку дена.

Други борбени авиони во моментов се сервисираат и „веројатно ќе бидат испратени последователно“, додаде Дуда. Според него, Полска има околу десетина борбени авиони МиГ, кои ги наследила од Народната армија на ГДР. „МиГ-овите сè уште се во служба во полските воздухопловни сили“, нагласи Дуда. Повеќето од нив се „целосно функционални“.

Полскиот претседател Анжеј Дуда најави брза испорака на четири МиГ-29 на Украина
Полскиот претседател Анжеј Дуда најави брза испорака на четири МиГ-29 на УкраинаФотографија: Ints Kalnins/REUTERS

Писториус не сакаше да ја коментира испораката

За време на посетата на воената база во Малвинкел во германската покраина Саксонија-Анхалт, Писториус рече дека „нема потврда од Полска“ дека земјата сака да испорача борбени авиони МиГ на Украина и кога тоа би можело да се случи. Министерот не коментираше и дали овие авиони се наследени од армијата на ГДР.

Ако авионите навистина се од Германија, германската влада можеби ќе мора да го одобри нивниот трансфер во Украина. Писториус во Малвинкел не сакаше да се изјасни на оваа тема, истакнувајќи  дека тоа би бил „чисто хипотетички одговор“, кој сака да го избегне.

Испораката на борбени авиони би била изненадување

Доколку Полска навистина на своја рака ѝ испорача авиони МиГ-29 на Украина, тоа би било изненадување. За волја на вистината полската влада постојано истакнуваше дека е подготвена на ваков чекор, но премиерот Матеуш Моравјецки на почетокот на неделава рече дека земјата ќе биде спремна за тоа за четири до шест недели. Полскиот министер за одбрана, пак вчера наутро нагласи дека ако Полска испорачува борбени авиони, тогаш тоа ќе го стари само како дел од меѓународна коалиција. 

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус воздржано реагираше на најавата на Полска за испорака на МиГ-29 на Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус воздржано реагираше на најавата на Полска за испорака на МиГ-29 на УкраинаФотографија: Ints Kalnins/REUTERS

САД и НАТО долго апелираа на воздржаност

Полска размислуваше за снабдување на Украина со советски борбени авиони МиГ-29 веднаш по руската инвазија врз земјата во февруари минатата година. Тие требаше да бидат испратени во Украина преку американската воздухопловна база Рамштајн во Германија. Но тогаш, такво нешто не се случи. САД и НАТО долго предупредуваа на воздржаност. Засега на Украина, официјално, не ѝ се испорачана авиони -  само резервните делови за МиГ-29 доаѓаа од Германија. Според непотврдени медиумски извештаи, Северна Македонија му предала на Киев четири борбени авиони од типот СУ-25. Покрај Полска, и Словачка е подготвена да испорача авиони МиГ-29.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема