На што имаат право мигрантите во Германија? – DW – 29.09.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На што имаат право мигрантите во Германија?

Матијас фон Хајн | ЕМФ
29 септември 2023

Лидерот на опозициската ЦДУ, Фридрих Мерц, предизвика гнев со своите изјави за мигрантите во Германија и бенефициите што тие ги добиваат. Што навистина добиваат мигрантите? Дали изјавите на Мерц се точни?

https://p.dw.com/p/4WwSu
Прифатен центар за бегалци во покраината Бранденбург
Не тече ни мед ни млеко, но основните потреби се задоволени (прифатен центар за бегалци во покраината Бранденбург)Фотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Една и пол недела и пред покраинските избори во Баварија и Хесен, лидерот на опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и шеф на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц, предизвикува нова бура во дебатата за миграцијата во Германија. Мерц во изјава за приватната телевизија „Велт“ ја повика сојузната влада да преземе построги мерки кон мигрантите. Во однос на медицинските услуги за одбиените баратели на азил, Мерц тврдеше дека тие добиваат „целосна медицинска нега“.

Опозицискиот лидер згора на тоа рече: „Седат на лекар и си поправаат заби, а германските државјани не добиваат термини“.

Советот за бегалци на покраината Мекленбург Предна Померанија ги критикуваше изјавите на Мерц како „злонамерна пропаганда“. Мерц очигледно не ја познава законската состојба, оцени претседателката на Советот за бегалци, Улрике Земан-Кац. Барателите на азил кои се во процес на проверка, исто како и оние чие барање за азил е одбиено, „не можат да си ги поправаат забите“, изјави Земан-Кац.

Мерц наиде на критики и од политичките противници, кои го обвинуваат за популизам. Шефот на ЦДУ се обидува „со лажни изјави да ја претрка АфД од десно“, обвини шефот на пратеничката група на СПД во покраината Мекленбург Предна Померанија, Јулијан Барлен. Пратеничката на Зелените, Констанце Елрих оцени дека со изјавите на Мерц е достигнато „ново дно во дебатата“ за мигрантите.

Фридрих Мерц, лидер на опозициската ЦДУ
Фридрих Мерц, лидер на опозициската ЦДУФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

На што имаат право мигрантите во Германија?

Кој какви бенефиции добива во Германија во основа зависи од статусот на бегалците.

Воените бегалци од Украина, на пример, добиваат дозвола за престој за привремена заштита без процедура за азил. Ова вклучува неограничено право на работа и тоа веднаш. Околу 1,1 милион украински бегалци во Германија, доколку имаат потреба, имаат право на целосен опсег на социјални бенефиции, меѓу другото и финансиска помош (т.н. граѓански додаток) која во јануари годинава ја замени социјалната помош. Во моментов (септември 2023 година) таа помош за полнолетни лица самци изнесува 502 евра месечно. Бегалците без сместување, како и секое лице без дом во Германија, имаат право на сместување од страна на одговорната социјална служба. Тоа може да биде сместувалиште за итни случаи, хостел или колективно сместувалиште за бегалци. Покрај тоа, оние на кои им е потребна привремена заштита имаат пристап до медицинска нега преку некој од здравствените фондови. Дозволата за престој првично важи две години.

За луѓето кои доаѓаат во Германија и аплицираат за азил, важат други правила.

Советување за работа бегалци Германија
Бегалците од Украина смеат веднаш да работат - за нив се грижат специјални советници за работаФотографија: Political-Moments/IMAGO

Сместување

Барателите на азил вообичаено прво се сместуваат во таканаречен почетен прифатен центар. За ова се одговорни сојузните покраини. Почетните прифатни центри често се големи сместувачки капацитети како поранешните касарни. Луѓето живеат во повеќекреветни соби без можности за готвење, но се целосно обезбедени со храна. Престојот во почетен прифатен центар може да трае од неколку недели до неколку месеци. Оние кои бараат заштита потоа се дистрибуираат по окрузи или директно до општините.

Во повеќето општини има трајни колективни сместувалишта, обично наречени заеднички сместувалишта (или сместувалиште на заедницата). Тоа може да бидат сместувалишта за 30 лица, но таму можат да живеат и неколку стотици луѓе. Спектарот е широк: има едноставни нови објекти со градина и игралиште за деца, со капацитети за готвење во самостојна станбена единица. Но, има и запуштени куќи во оддалечени делови од населени места, каде бегалците треба да ги делат собите со четири или пет лица.

Во текот на постапката за азил, слободата на движење на барателите на азил е ограничена: тие се обврзани да живеат на одредено место додека трае постапката, а понекогаш и подолго од тоа.

Германија | Бегалци и баратели на азил во Берлин
Прва станица за прием се прифатните центри Фотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Финансиска поддршка

На што имаат право бегалците во Германија е регулирано со таканаречениот Закон за бенефиции на барателите на азил. Доколку барателите на азил живеат во почетен прифатен центар или заедничко сместувалиште, тие се обезбедени со таканаречените „неопходни потреби“. Ова вклучува храна, сместување, греење, облека, производи за здравје и лична нега и добра за домаќинството. Оние кои бараат заштита, исто така, имаат право на џепарлак за своите непосредни лични потреби. За самци-корисници тој износ во моментов изнесува околу 150 евра месечно.

Доколку „неопходните потреби“ не се обезбедуваат како бенефиција во натура, туку како паричен надоместок, самците баратели на азил моментално имаат право на вкупно 367 евра.

Доброволниот ангажман е награден: Доколку барателите на азил работат на доброволна основа, тие можат да добијат хонорари до 200 евра.

Германија | протерување баратели на азил
Депортациите се ретки - многу пречки стојат на патот на репатријациитеФотографија: Daniel Kubirski/picture alliance

Здравје

Акутните медицински итни случаи, како што се повредите, мора да се третираат во болници. Болниците може да ги надоместат трошоците од Службата за социјална заштита. Инаку, здравствената заштита варира помеѓу сојузните покраини. Во многу покраини, барателите на азил сега добиваат електронска здравствена картичка со која можат директно да одат кај лекар. Има и покраини каде оние кои бараат заштита пред да добијат здравствен третман мора во надлежната служба да побараат документ за лекарска услуга. Сепак, ова не го менува опсегот на услугите.

Со добивањето статус на заштита или по 18-месечен престој, оние кои имаат право на бенефиции потоа имаат пристап до редовни здравствени услуги, на ист начин како и сите други законски осигуреници.

Од Шуто Оризари до Германија и назад

Статус на толерирано лице

Бегалците чие барање за азил е одбиено, имаат право на целосни бенефиции согласно Законот за бенефиции за барателите на азил доколку имаат таканаречен статус на толерирано лице. Тоа значи дека на оние кои треба да ја напуштат земјата им е дозволено привремено да останат во Германија затоа што има пречки да ја напуштат земјата или не можат да бидат депортирани. Ова може да биде затоа што тие немаат документи за идентификација или затоа што имаат болест што не може да се лекува во нивната земја на потекло.

За да може побрзо да се утврдат идентитетите и да се добијат потребните патни документи, неопходна е помош од властите во земјите на потекло. Затоа, сојузната влада има склучено договори за враќање назад со некои држави и се обидува да постигне слични договори со други држави. Меѓутоа, во некои земји има мал интерес за повторен прием на нивните државјани. Една од причините: трансферите на пари од мигрантите – вклучително и нерегуларните – до нивните семејства дома се важен економски фактор во земјите на потекло. Во некои земји, овие суми се повисоки од помошта што државите ја добиваат за развој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема