Интеграцијата во германскиот пазар на труд полека напредува – DW – 14.08.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интеграцијата во германскиот пазар на труд полека напредува

Томас Колман
14 август 2023

Повеќе од половина од бегалците биле вработени шест години по нивното пристигнување во Германија, покажува едно неодамнешно истражување. И покрај овој успех, авторите на студијата сè уште гледаат простор за подобрување.

https://p.dw.com/p/4UtMM
Бегалец работа железница Германија
54 отсто од луѓето кои дошле во Германија во 2015 година сега имаат работа, две третини од нив работат со полно работно времеФотографија: Julian Rettig/dpa/picture alliance

За Херберт Брикер, резултатот е исклучително позитивен: повеќе од половина од бегалците анкетирани од него и неговите соработници имале работа во 2021 година. Брикер е раководител во Институтот за пазарот на труд и истражувања на професиите (ИАБ), установа која функционира во рамки на Сојузната агенција за труд во Нирнберг. Од 2016 година, таму редовно се испитува интеграцијата на доселениците на германскиот пазар на труд.

„Во 2015 година мислевме: Ако по пет или шест години постигнеме стапка на вработеност од 50 проценти, ќе бидеме многу добри. Сега, во 2021 година, и покрај пандемијата на Ковид-19, сме кај 54%. Значи, очекувањата се надминати“, вели за ДВ Брикер, кој е и директор на Институтот за емпириски истражувања на интеграцијата и миграцијата во Берлин.

И колку подолго се бегалците во Германија, толку поголем дел од нив се вработени: „За луѓето кои се тука седум или осум години, имаме стапка на вработеност од 62 отсто. Тоа е прилично добро. Тоа е само околу десет, дванаесет проценти помалку отколку кај германското население“.

Според резултатите од студијата на ИАБ, стапката на вработеност во споредба со пандемијата 2020 година се зголемила за десет проценти - поттикната од економското закрепнување на германската економија во времето по строгите локдауни од 2020 година.

Бегалци l работа во Германија l Херберт Брикер
Херберт Брикер: Очекувањата се надминатиФотографија: Wolfram Murr

Голема долгорочна студија

Истражувачите на ИАБ ја засноваат својата студија на изјавите на оние кои побарале заштита во Германија помеѓу 2013 и 2019 година. „Вкупниот примерок сега вклучува 10.111 возрасни лица кои биле интервјуирани помеѓу еднаш и шест пати. Разгледувани се 8.799 бегалци на работоспособна возраст (18 до 64 години) кои овде се преселиле од 2013 година (околу 22.000 набљудувања на годишно ниво). Аанализите на бранот анкети во 2021 година опфаќаат 2193 луѓе“, ја сумираат својата методологија авторите на студијата.

Анктентите прашалници содржат околу 400 прашања. Во прашалниците за домаќинствата има околу 100 прашања кои „покрај многу други аспекти, собираат детални информации за биографијата на бегалците и миграцијата, образованието и обуката, статусот на вработување, примањето бенефиции и учеството во програмите за образование, обука, јазик и интеграција“.

За споредба, истражувачите ги проценуваа податоците од луѓето без миграциско потекло и вкупното население во Германија. Со оглед на тоа што студијата ја истражуваше ситуацијата во 2021 година, Украинците кои побегнаа по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година се изоставени.

Нивото на образование се зголемува

Според студијата, покрај вработувањето се зголемува и нивото на образование: сѐ повеќе бегалци работат во професии каде што е потребна квалификација. Секој трет возрасен, шест години по пристигнувањето во Германија, посетувал училишта и универзитети или завршил обука и дополнително образование. Според информациите дадени во прашалниците, 70 отсто од вработените бегалци извршувале задачи за кои е потребна професионална или академска квалификација. 41 отсто од анкетираните кои биле во Германија шест години изјавиле дека извршуваат работни задачи под нивото кое го имале пред да избегаат.

бегалец | работа во Германија
Авганистански бегалец вработен во текстилна компанија во ГерманијаФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Дванаесет проценти од испитаниците, пак, во 2021 година имале работа што била над нивното професионално ниво пред доселувањето.

За коавторката на студијата, Јулија Косјакова, ова е важен потенцијал со оглед на недостигот на квалификувани работници во Германија: „Тие се тука, достапни се и многу мотивирани“, изјави таа за агенцијата Ројтерс.

Пониска заработка од просекот на населението

Речиси две третини (65 проценти) од вработените бегалци кои биле во Германија шест години, во 2021 година работеле со полно работно време. Просечната бруто месечна плата на бегалците со полно работно време се зголемила од 1.660 евра во првите две години по пристигнувањето во Германија на 2.037 евра во шестата година.

Бегалците неделно работеле повеќе отколку порано, а добивале и повисока сатнина, вели Херберт Брикер, кој раководи со истражувачкиот оддел „Миграција, интеграција и истражување на меѓународниот пазар на труд“ во ИАБ.

„Сега сме на добри 2.000 евра бруто месечно за вработените со полно работно време“, објаснува Брикер. Сепак, тој признава дека тоа се „само 60 проценти од платите на германските вработени, или просекот за населението“.

Берлин | бегалци се подготвуваат за студии
Подготовка на бегалци за студирање на Слободниот универзитет во Берлин (архивска фотографија од 2016 година)Фотографија: Gregor Fischer/dpa/picture alliance

Една од причините за тоа е просечната возраст на бегалците, која е значително помала од онаа на германските вработени.

„На германскиот пазар на труд се заработува многу повеќе пари кога сте постари отколку кога сте помлади. Кај младите од 18 до 25 години, заработката на бегалците е 75 отсто од заработката на нивните колеги на иста возраст во Германија. Таму разликата не е толку голема и се изедначува со текот на времето. Но, има уште многу простор за подобрување“, вели Брикер.

Немањето можност за згрижување на децата ги успорува жените

Кога станува збор за интеграцијата на пазарот на трудот особено е впечатлив јазот меѓу половите: додека 67 отсто од машките бегалци имале работа во 2021 година шест години по нивното пристигнување, тој процент кај жените е само 23%.

Притоа, улога имаат грижата за децата, но и образованието и професионалното искуство во земјата на потекло, како и учеството во програмите за учење јазик и пазарот на трудот.

„Од 60 до 70 проценти од жените имаат деца, а кога имаат деца, во просек имаат три деца“, вели Брикер за ДВ. По правило, жените имигранти имаат деца на многу мала возраст, а во таа категорија нагло опаѓа и вработеноста кај германското население. Според Брикер, понудите за згрижување на деца притоа играат централна улога.

Разлики меѓу мажите и жените има и во работното искуство. „Жените имале многу поретко работно искуство од мажите во нивните земји на потекло. Тоа игра улога, а освен тоа жените подоцна од мажите почнуваат со учество во мерките за интеграција и јазичните курсеви во Германија“, нагласува Брикер, додавајќи дека разликите во образованието и обуката не биле толку важни. Исто така, пронајдени се и малку докази дека „културните разлики (...) играат улога“, нагласува Брикер.

Меѓутоа, со текот на времето, да работат почнуваат и повеќе жени имигранти: осум години по доселувањето, стапката на вработеност на жените се зголемува на 39 проценти.

Тоа што бегалците заработуваат значително помалку од просекот на населението во целина не се должи само на помладата возраст на доселениците. Студијата признава дека мнозинството бегалци „сѐ уште се вработени во секторот со ниски плати“.

Фактот дека нешто повеќе од половина од анкетираните бегалци во 2021 година имале работа, исто така значи дека висок процент од бегалците шест години по пристигнувањето во Германија сè уште живеат од социјални бенефиции: „Шест години по пристигнувањето во Германија, 46 отсто од бегалците добиваат државна помош или се дел од заедницата на која ѝ треба помош“, велат истражувачите на ИАБ. По седум или повеќе години, таа бројка паѓа на 40 проценти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема