Мицкоски го поднесе предлогот за нов владин состав – DW – 18.06.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски го поднесе предлогот за нов владин состав

ДТЗ
18 јуни 2024

Мандатарот Христијан Мицкоски вети брзи резултати во економијата и борба против криминалот. Дециден е дека членовите на владата треба да имаат промакедонски позиции.

https://p.dw.com/p/4hBrX
Христијан Мицкоски
Мицкоски го поднесе предлогот за нов владин состав и порача дека очекува брзи резултатиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мандатарот Христијан Мицкоски до Собранието го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзина работа. Очекува пред пратениците да биде ставен викендов на 22-23 јуни. „Граѓаните очекуваат брзи резултати за она што оваа влада го ветуваше дека ќе го испорача. Не ветувавме многу за време на кампањата, туку верувавме дека земјава ќе биде повторно на граѓаните. Изминативе седум години државата беше заробена од неколкумина властодршци“, рече Мицкоски.

Најави дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и нема да има толерирање, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата.  „Планираме да расчистиме со сомнежите и информациите кои последниов период стигаат до нас, за многу злоупотреби изминативе години. Очекувам брзи резултати во делот на економијата. Младите ќе бидат наш главен акцент - сведоци сме на класичен егзодус на млади кои ја напуштаат земјава. За жал 8/10 мои студенти кога ќе ги прашате за нивните планови по завршувањето на студиите, велат дека одлучиле да ја напуштат земјава. Таа перцепција треба да се промени, со напорна работа, без поделба од прв, втор и трет ред граѓани“, рече Мицкоски. 

Кои се новите министри?

Мандатарот го предлага Панче Тошковски за министер за внатрешни работи, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром, Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска Димитриеска. За заменик претседател на Владата и министер за транспорт е предложен Александар Николовски, за ресоротот одбрана Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор, Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа се очекува да биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински. 

За прв човек на новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам - актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт - ракометарот Борко Ристовски.

 

Влада Северна Македонија
Новата влада ќе има 20 министерства место досегашните 16Фотографија: DW/P. Stojanovski

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на ДПС вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата, е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди, министер за здравство Арбен Таравари, министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, министер за економија Бесар Дурмиши. За министер без ресор и заменик претседател на владата задолжен за добро владеење е предложен Арбен Фетаи. За министер за правда е предложен Игор Филков, додека за министер за јавна администрација Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.

Гласањето за новата влада се очекува да се случи за време на викендот. Собраниската седница за избор на новата влaда треба да заврши најдоцна до недела на полноќ. 

„Членовите на Владата треба да имаат промакедонски позиции“

Но, дел од предлозите за министри веќе наидоа на критки во јавноста. Предлогот Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, да биде заменик претседател на владата и министер кој ќе раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците, предизвика размена на критики во опонентските блокови на партиите на Албанците.

Мандатарот, одговарајќи на новинарски прашања за проруските ставови на Стоиљковиќ, рече дека секој член на владата мора да има промакедонски позиции. „Очекувам од секој член на Владата да има протатковински, промакедонски позиции“, порача Мицкоски и додаде: „Секој кој ќе излезе од овие позиции, нема да биде член на оваа влада“.

Новата влада ќе има 20 министерства место досегашните 16.

Мицкоски повтори дека подава рака до опозициската СДСМ за градење единство за стратешките прашања. „Кога ќе се консолидира СДСМ, сакам да градиме заеднички ставови за да не ги повториме грешките од минатото. Кога ќе завршат внетрешните превирања, подавам рака за да градиме национално единство за стратешките прашања“, рече Мицкоски.