Мицкоски: Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане СДСМ – DW – 17.06.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане СДСМ

ДТЗ
17 јуни 2024

Мандатарот Христијан Мицкоски порача дека ќе работи на градење на единствени државни позиции за стратешките прашања, а на СДСМ и на останатите опозициски партии „им подаде рака за национално единство“.

https://p.dw.com/p/4h8iU
Христијан Мицкоски
Мандатарот Христијан Мицкоски на СДСМ и на останатите опозициски партии „им подаде рака за национално единство“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ е обединета, силна и останува тоа што била отсекогаш - партија на народот. Ниту еден фрлен камен наназад не ја создава иднината нанапред, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на свеченоста на која се одбележа 34. роденден на партијата. Тој оцени ВМРО-ДПМНЕ имала многу светли, брилијатни чекори и моменти овие 34 години кои ги направиле горди, но имало и моменти кога „се грешело, кога имало политики кои не секогаш биле разбрани на прав начин, или биле толерирани поединци кои нанесувале штета“. Но, како актуелен претседател тој вели дека ќе се однесува со еднаква почит кон секој претходен претседател на ВМРО-ДПМНЕ - и кон Љубчо Георгиевски и кон Никола Груевски, „без оглед на тоа колку се далечни или блиски нивните ставови со она што е ВМРО-ДПМНЕ денес“. 

Подадена рака за национално единство

Мицкоски на свеченоста „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ во Велес, порача дека ќе работи на градење на единствени државни позиции за стратешките прашања за земјата, а на СДСМ и на останатите опозициски партии „ќе им подаде рака за национално единство“. 

„Состојбата во СДСМ е очајна. Партијата е на колена, но јас нема да им се мешам. Нема да правам некакви тајни и скриени коалици под маса како што го правеа тие. Јас само ќе им подадам рака да застанат на здрави нозе, а потоа да разговараме за иднината на татковината. Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонија“, рече Мицкоски.

Тој вели дека „нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ, ниту Коалицијата „Вреди“ да стане ДУИ“.

„Ќе ги решаваме сите проблеми со посветеност. Нема од мене да видите двојни стандарди, ќе се однесувам согласно Уставот и законите во државата и нема да подлегнувам на темите кои нè оддалечуваат и разединуваат“, додаде мандатарот, кој ја состави новата влада за која неделава ќе треба да се гласа. 

Христијан Мицкоски
Мицкоски на сопартијците и на идните министри им порача да ги засукаат ракавите затоа што ги чека многу работа и реформи.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Порака до членството

На сопартијците и на идните министри им порача да ги засукаат ракавите затоа што ги чека многу работа и реформи. „Македонија треба да ја менуваме кон подобро. Преку крупни и силни политики да покажеме дека Македонија е на народот.  Немаме никакви 100 дена, ниту меден месец, ниту 100 минути“, рече Мицкоски и додаде: 

„Не може да имате приватни бизниси и да водите институции, мора од едното да се откажете. Однесувајте се одговорено, немојте да станете недостапни за обичниот човек. Ќе добиете привилегии, но однесувајте се чесно, без расипништво, затоа што тоа му припаѓа на народот. Во него треба да гледаме со широко отворени очи и со подигната глава. Оти вашиот неуспех ќе биде заеднички срам. Неуспех нема да толерирам“. 

Мицкоски во неделата (16.06) ги соопшти имињата на новите министри, а претходно тоа го сторија и Вреди и ЗНАМ, кои ќе бидат дел од новата владина коалиција. Осврнувајќи се на критиките дека премногу позиции им се дале на партиите од коалицијата Вреди, Мицкоски вели дека се додека коалициските партнери работат по закон, ќе бидат еднакви партнери.

„Доколку кој било застрани, ќе биде веднаш санкциониран, вклучително и од нашата партија, и ќе биде повикан на одговорност“, дециден е Мицкоски. 

Мицкоски најави дека ќе се бори за остварување на стратешките цели. „Членството во Европската Унија ќе биде нашата цел и добрите релации кон нашите стратешки партнери. Но, ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата“, рече Мицкоски.