САД: Намалена основната каматна стапка за првпат од 2020 – DW – 19.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Намалена основната каматна стапка за првпат од 2020

СН/дв
19 септември 2024

Поминаа четири години откако Федералните резерви последен пат ги намалија каматните стапки. Сега ФЕД настапија со невообичаено големo кратење на основната каматна стапка. На што се должи тоа?

https://p.dw.com/p/4kou6
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел
Претседателот на ФЕД, Џером ПауелФотографија: Kyodo/picture alliance

Федералните резерви на САД ја намалија својата основна каматна стапка за невообичаено висок процентен поен, што е драматичен пресврт по повеќе од две години високи стапки кои помогнаа да се спречи инфлацијата, од една страна, но ги зголеми трошоците за позајмување пари за многу потрошувачи.

Тоа е првпат во последните четири години американската централна банка да ја намали каматната стапка, што укажува на нејзиниот нов фокус, а тоа е стимулирање пазарот на труд кој покажува јасни знаци на забавување.

Со намалувањето на каматните стапки кое доаѓа само неколку недели пред претседателските избори во САД, потегот на Федералните резерви или ФЕД има потенцијал да го разниша економскиот пејзаж додека Американците се подготвуваат да гласаат.

Aвтомобилите станаа луксуз за Американците?

Клучната стапка е намалена на 4,8 отсто. Претходно беше на рекордно високо ниво во последните две децении од 5,3 отсто и остана така во изминатите 14 месеци додека ФЕД се бореше да ја смири најлошата инфлација во последните 40 години.

Во средината на 2022 година, инфлацијата се искачи на дури 9,1 отсто, а во август оваа година падна на 2,5 отсто, не многу над целната стапка на инфлација на ФЕД од два отсто.

ФЕД изрази очекување дека ќе ја намали стапката за уште половина поен на наредните два состаноци оваа година, во ноември и во декември, и предвидува уште четири намалувања во 2025 година и две во 2026 година.

ФЕД соопшти дека е поблиску од кога било да ја победи инфлацијата.

„Ние не велиме дека мисијата е постигната, туку дека сме охрабрени од напредокот кој го постигнавме“, им рече претседателот на ФЕД, Џером Пауел, на новинарите, додавајќи дека „американската економија е на добро место и денешната одлука е пресметана таа да остане тука каде што е“.