Пропуштена шанса и огромна штета за имиџот на Мундијалот – DW – 22.11.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалКатар

Пропуштена шанса и огромна штета за имиџот на Мундијалот

Gerstenberger Olivia Kommentarbild App
Оливија Герстенбергер
22 ноември 2022

Спорот околу капитенската лента со натписот „Една Љубов“ е вистински пример за сè што не го одликува ова Светско првенство: разноликост, толеранција, слобода на мислењето и ставовите, смета Оливија Герстенбергер.

https://p.dw.com/p/4Jr10
Капитенската лента „Една љубов“- трн в око за ФИФА
Капитенската лента „Една љубов“- трн в око за ФИФАФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Што вреди една акција ако се откаже под закана од санкции? Што вредат кампањите што се спроведуваат мирно и едногласно во демократските земји - односно во зоната на удобност - но не и онаму каде што е навистина важно?

Седум фудбалски репрезентации сакаа да дадат пример, застапувајќи ги „западните“ вредности на Светското првенство во Катар: репрезентацијата на Холандија, која ја започна кампањата, како и Англија, Велс, Белгија, Швајцарија, Данска и Германија.

Капитенската лента на „Една љубов“ е значаен придонес кон тоа, објасни капитенот на германската репрезентација, Мануел Нојер. На неа имаше срце со шарени пруги и натпис „Една љубов“- знак против хомофобијата, антисемитизмот и расизмот и за човековите права. Сега сите седум национални фудбалски сојузи се откажаа од акцијата. Зошто? Затоа што се плашат од спортски последици.

Демонстрација на моќ од страна на ФИФА

Спортски санкции, како на пример жолт картон поради едно парче текстил? Или дури и исклучување од турнирот? Тоа е лудо, но всушност е возможно, бидејќи лентата на ФИФА со нејзините пораки според прописите на Светското првенство е официјално парче спортска опрема. Носењето „неправилна“ опрема може да биде спортски санкционирано од судиите.

ФИФА јасно стави до знаење дека капитените може дури и да бидат принудени да го напуштат теренот, се вели во заедничкото соопштение на седумте фудбалски сојузи, кои им препорачуваат на капитените да не ја носат лентата затоа што не сакаат да ги доведат своите играчи во таква ситуација. Но, фрустрацијата од ваквата беспримерна одлука е голема.

Оливија Герстенбергер, авторка на коментарот
Оливија Герстенбергер, авторка на коментарот

Страв од лентата со срцето

Беспримерна? Секако! И притоа мора уште еднаш јасно да се каже: тука не станува збор за лента во боите на виножитото. На неа воопшто не се појавува виножито како симбол на ЛГБТКИ* движењето! Во прашање е прилично незабележлива лента со срце со значително намалена симболика.

Па сепак, ова парче текстил предизвика толку голема возбуда во ФИФА, што тие реагираа со сопствена кампања „Без дискриминација“: најразлични изјави од „Заштити ги децата“ до „Спаси ја планетата“ сега се на официјалните ленти на ФИФА за капитените на 32-те фудбалски репрезентации на Мундијалот во Катар. „Една љубов“, се разбира, не се појавува. Вешт потег на ФИФА, која сега со сета своја моќ изгледа ги спроведе своите намери.

Спортот и политиката не можат да се разделат

Но, што говори отстапувањето за седумте национални фудбалски сојузи? „Само сакааат да играаат фудбал“ не може веќе да биде аргумент. Спортот и политиката не можат да се разделат, дури и ако ФИФА, МОК и компанија го сакаат тоа.

Седумте репрезентации пред почетокот на Светското првенство донесоа многу јасна одлука во корист на оваа акција. Секој демонстрант или секој штрајкувач однапред донесува одлука и е свесен за можните последици, без оглед дали е во Германија, Иран или во Катар. Но, таквата одлука изискува и храброст и апсолутна волја навистина да се придвижи или промени нешто - без оглед на последиците.

Седумте европски фудбалски асоцијации имаа шанса за такво нешто. Можеа да застанат заедно, да покажат заеднички став и да истраат во намерите. Вака остануваат само празни ветувања и уште една огромна штета за имиџот на Мундијалот.