Катар: Првиот натпревар на првенството - ПР катастрофа – DW – 21.11.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалКатар

Катар: Првиот натпревар на првенството - ПР катастрофа

Томас Клајн
21 ноември 2022

Со помпезно отворање, започна спорното светско првенство во фудбал во Катар. Прво за Катар и ФИФА сѐ одеше по план, но потоа домаќинот се запиша во историјата - сосем различно од очекуваното.

https://p.dw.com/p/4Joh3
Свечено отворање на Светското фудбалско првенство 2022 во Катар
Свечено отворање на Светското фудбалско првенство 2022 во КатарФотографија: Elsa/Getty Images

Светското првенство веќе ја забележа првата сензација. Уште на првиот меч со кој беше отворено првенството, Катар влезе во историјата. Но, Емиратите и шефот на ФИФА, Џани Инфантино, очигледно поинаку си го замислуваа тоа бидејќи пустинската држава го загуби мечот против Еквадор со 0:2 и со тоа е првиот домаќин во историјата на светските првенства во фудбал што бил поразен во првиот натпревар. А, сѐ започна толку добро, само неколку часа претходно расположението кај одговорните беше опуштено. 

Морган Фримен: Ние сме еден народ”

Катaрци на камили и коњи го чуваа пристапот до стадионот Ал Бајт, на северот од Доха. Традиционалните наметки се вееја на ветрот, а сонцето во позадина тонеше во хоризонтот. Илјадници обожувачи на фудбалот од разни земји си го пробиваа патот низ бројните безбедносни огради сѐ до стадионот. Во внатрешноста на стадионот Ал Бајт направен по примерот на бедуински шатор, потоа сѐ беше помпезно и пред сѐ гласно. 

Околу 90 минути пред почетокот на првиот натпревар Емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани во придружба на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и престолонаследникот на Саудиска Арабија, принцот Мохамед Ал Салман, седнаа на своите места во „ВИП” ложата на стадионот и радосно ја поздравуваа насобраната толпа народ. Откако Емирот прво на арапски се обрати до посетителите, останатите присутни фанови ги поздрави и со зборовите „Welcome to the World" („Добредојдовте во светот” н.з.). Инфантино, кој ден пред тоа одржа прилично бизарна прес-конференција, прво не кажа ништо. 

Нешто подоцна се затемни стадионот и Оскаровецот Морган Фримен и околу 800 танчери и пејачот Јунк Кук од корејската поп група БТС направија спектакуларно шоу коешто го водеше Фримен. Тој зборуваше за толеранција и почит и дека желбата е преку фудбалот токму таа порака да се испрати во светот. „Ние сме еден народ", рече холивудската ѕвезда пред фановите во стадионот. Тоа беше очекуваното големо шоу коешто си го посакуваше Светското фудбалско здружение. Па така и Инфантино олеснет излезе пред камерите, ги поздрави  гледачите  и им довикна: „Се чувствувате ли добро?” 

Аплаузот не беше бурен. Дури откако од неколку ќошиња на стадионот се слушнаа весели извици, се приклучија и повеќето други присутни. 

Џани Инфантино: Магијата на фудбалот" 

Дали аплаузот и радоста на фановите во стадионот беа искрени, или сепак наместени? Откако се дозна дека Катар, според информации на медиумите, платил илјадници лица за да се постигне посакуваното расположение на првиот натпревар, многу нешта се нејасни. Изминатите години, а особено во изминатите месеци во пресрет на првенството, на Катар континуирано му се префрлаа различни  повреди на човекови права.  Дебатите околу тоа, барем така се надеваа одговорните, сега ќе „издишат”. 

„Доха е подготвена, Катар е подготвен. Секако дека ова ќе биде најдоброто првенство на сите времиња", рече Инфантино и додаде: „Штом се шутне топката, луѓето ќе се концентрираат на натпреварите бидејќи тоа го сакаат,  магијата на фудбалот."

Публиката разочарано го напушта стадионот поради поразот на екипата на Катар против Еквадор
Публиката разочарано го напушта стадионот поради поразот на екипата на Катар против ЕквадорФотографија: KAI PFAFFENBACH/REUTERS

Катар се запиша во историјата на светските првенства 

Потоа сведочевме на историски наторевар: по само 180 секунди топката ја стресе мрежата на катарскиот голман Саад Ал Шиб. Напаѓачот на Еквадор, Енер Валенсија, со глава постигна водство за гостите, но заради наводен офсајд голот не беше признат. Но, јужноамериканската екипа не се демотивираше и уште пред крајот на првото полувреме постигна уште два - овој пат важечки - гола. Стрелец повторно беше Валенсија кој со двата гола уште во првото полувреме го обележа поразот на домаќинот. 

Последицата беше што веќе по 45 минути фановите видоа доволно и многумина од нив не се ни вратија на своите места за второто полувреме. Стадионот сѐ повеќе се празнеше, ПР пропаста за Емиратот си го фати својот тек. Веќе 15 минути пред крајот на натпреварот, стадионот беше речиси полупразен. Само фановите на Еквадор беа уште присутни и навиваа, но и гласно ја изразија својата желба за студен напиток: „Queremos cerveza, queremos cerveza" –  „Сакаме пиво, сакаме пиво."  Катар само неколку дена пред почетокот на првенството воведе забрана за продажба на пиво. 

Без студен напиток, но со првата победа на свое конто, фановите на Еквадор го славеа подвигот на својот тим кој направи сензација. Од 21 до сега одржани натпревари со кои се отвора светското првенство, ова е првиот во кој домаќинот на првенството доживува пораз. Катар секако дека не си го замислуваше вака почетокот на  најскапото светско првенство на сите времиња.  Следствено на тоа, и играчите по судиското свирче кое го означи крајот на мечот, депримирани си заминаа од стадионот Ал Бајт.