Шокот од Дуизбург го отвори прашањето за Лев – DW – 2.04.2021
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Шокот од Дуизбург го отвори прашањето за Лев

Јерг Штрошајн
2 април 2021

По бламирачкиот пораз против Северна Македонија, повторно пораснаа сомнежите во националниот селектор Јоаким Лев. Никој нема да му се налути ако си замине порано од најавеното, смета Јерг Штрошајн.

https://p.dw.com/p/3rVqz
Schweiz Basel | Bundestrainer tritt zurück | Joachim Löw
Фотографија: Valeria Witters/SvenSimon/Witters/POOL/picture alliance

Понекогаш надворешната перспектива е корисна. Чави Хернандез неодамна во интервју за Зидојче цајтунг редеше пофалби речиси во занес:„Тој беше луксузен тренер. Сакаше спектакл, напаѓачки фудбал, а потоа стана и светски шампион", изјави поранешниот шпански фудбалер од светска класа полн со воодушевување од 15-годишната кариера на Јоахим Лев во Германскиот фудбалски сојуз. „Но, по толкав временски период неизбежно е да се истроши“. Во тоа време, сепак, Чави не можеше да знае за разочарувачкиот пораз против Северна Македонија.

Колку силно е проширен јазот меѓу селектор и националниот тим, уште еднаш беше потврдено во средата вечерта во Дуизбург. Со поразот од 1:2 против 65-та репрезентација во светот германската репрезентација достигна уште една ниска точка, што тешко може да се објасни - по бламажата на Мундијалот во Русија  и испаѓањето уште во групата и погубните 0:6 против Шпанија во средината на ноември 2020 година. Соодветно беспомошно Лев изгледаше и по најновиот бламирачки настап.

Не е прагматичар

Притоа 61-годишникот изгледаше повторно високо мотивиран по најавената оставка по Еевропското првенство налето. Лев сакаше да биде непопустлив во односот кон играчите, повеќе не сакаше да покажува несоодветна попустливост- како што  докажа со неноминацијата на Јулијан Дракслер. Се чинеше дека со тоа може да ги поправи спрегите во националниот тим. Сè требаше да биде подредено на успехот. Лев сакаше да докаже дека патот на препородот на репрезентацијата, кој тој го зацрта е вистинскиот. Без врвните играчи како Матс Хумелс, Томас Милер или Џером Боатенг. Сега може да се каже: Лев не беше во право.

DW Kommentarbild Jörg Strohschein
Јерг Штрошајн, автор на коментарот

Повеќе:

-Долг ден на вџашеност по бламажата од Дуизбург

-Германија заслужено поразена од Северна Македонија 

-Комплименти и респект за македонските фудбалери

Тој меѓутоа  нема играчи-лидери во тимот на кои може да смета при препородот. Неговата проценка дека може  да успее во тоа без овие искусни играчи повеќе не држи. Во мај Лев сака да го номинира составот за Европското првенство. Повеќе не може да се  каже со сигурност дека Милер и Хумелс нема да бидат во тимот. За Лев тоа би било болно признание - затоа што тој е помалку прагматичар отколку човек со убедување и слободен дух.

Дали пламенот е изгаснат?

Неодамна, Лев беше воодушевено фален од јавноста и многу придружници за неговата одлука да ја заврши својата работа за ДФБ налето по Европското првенство. Без оглед на неговите значајни успеси, веројатно беше олеснување дека  националниот селектор го отвори патот за негов наследник. По натпреварот во Северна Македонија, смиреноста што всушност се создаде околу персоналното решение Лев сега ќе биде заменета со бучава барем до почетокот на Европското првенство. Ова треба да биде тежок, вознемирувачки процес за сите вклучени - кој на крајот на краиштата би можел да се заврши и со европска титула.

Во еден момент пламенот ќе се изгасне, изјави Шпанецот Чави, говорејќи за Лев Прашањето ќе биде дали Лев може да го одржи својот личен жар до Европското првенство и да донесе правилни заклучоци. Сега е многу тешко да се замисли тоа. Веројатно никој би му се налутил на Лев и ако порано си замине од селекторската функција.