Турција: „И соседот ме цензурира“ – DW – 26.06.2014
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: „И соседот ме цензурира“

Мартин Родевиг / Жана Ацеска 26 јуни 2014

Моментно во Турција се блокирани над 45.000 веб-страници. Погодени се порнографски, но и страници на уметници, музичари, новинари и активисти. Турската интернет-заедница се обидува да се одбрани, но безуспешно.

https://p.dw.com/p/1CQVG
Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Маскирана личност со стрела цели врз посетитетлот. За среќа, се работи само за графит во бирото на турското хакерско здружение „Алтернатиф Билисим“. Шарената младешка фигура се наоѓа среде сивиот бетон на истанбулскиот деловен кварт.

„Хакерспејс“ - така активистите ги нарекуваат своите простории и тие не е лесно да се најдат. Тие се сместени во азискиот дел од градот, во Кадикоју, кварт во кој живее и работи истанбулскиот среден слој, а таму туристи тешко ќе залутаат.

Турција е зад Ирак и Кина

„Алтернатиф Билисим“ во превод значи нешто како „алтернативна комуникација“. Во здружението се собрани компјутерски стручњаци, студенти и професори. Но, Риза Келеш е програмер и од првиот дел е член на здружението.

Türkei Internet Zensur
Фотографија: DW

„Ние не се сметаме за хакери, а уште помалку за државни непријатели. Ние сме организација која се залага за граѓанските права“, за дигиталните права на граѓаните и се бориме против се‘ поголемиот надзор над интернетот во Турција“, вели тој.

Но, тоа е речиси безизгледна борба. На светската ранг-листа на организацијата Репортери без граници Турција е на 154 место од вкупно 180 држави, зад Ирак и Кина. Една од причините за тоа е новиот закон за интернет, кој стапи во сила на почетокот од оваа година. Тој на турското надзорно тело за телекомуникации, ТИБ, му дозволува без судски налог да блокира страници со содржини кои се „штетни, сексуално провокативни, кои величаат насилство и се навредливи“, значи, се работи за растеглив параграф.

„Не знаеме дури точно ни колку страници се блокирани. Претходно постоеја судски одлуки врз чија основа се блокираше некоја страница и тие беа достапни за јавноста. Денес се‘ се случува без знаење на јавноста, па можеме само да правиме проценки“, вели Али Риза Келеш.

Screenshot Türkei Internet Seite unter Zensur
Принтскрин од интернет-страница под цензура

На страницата www.engelliweb.com/:engelliweb.com се наведени сите страници за кои се знае дека некогаш биле блокирани. На листата, покрај страници со порнографски содржини и помалку или повеќе популарни блогови и портали со вести, се наоѓаат и „тешкаши“ како Гугл, Твитер.

Диктаторски методи на демократската држава

Членовите на здружението „Алтернатиф Билисим“ изгледаат резигнирано кога говорат за можностите на борба против контролата врз интернетот. Што можеме да направиме, се прашуваат. Минатата година во целата земја одржувале конференции и организирале протести за да го привлечат вниманието на јавноста врз заострените закони за интернет, но безуспешно. На својата интернет страница прикажуваат како по легален пат може да се избегне цензура, на пример со помош на мрежа за анонимизирање како Тор или преку посебни сервери во странство. Но, и тие мерки се комплицирани. „Алтернатиф Бислим“ не може да допре до широките народни маси.

Активистите за слобода на интернетот уште повеќе ги боли што мораат да гледаат како владата, а притоа формално Турција е демократска држава, успева толку силно да го контролира интернетот. Бидејќи не располага со средствата на класична диктатура, таа посега по забрани.

„Илјадници доброволци и‘ помагаат на владата во наоѓање критички содржини на интернет“, тврди Али Риза Келеш. „Знам и дека владата, а посебно владејачката партија АКП, има ангажирано агенции за да вршат надзор во социјалните медиуми“.

Страв од реприза на паркот Гези

Цензурата на интернетот е проект на исламистичко-конзервативната влада на партијата АКП. Повод за него беа протестите во паркот Гези кои традиционалните, конвенционални медиуми во почетокот ги игнорираа. Населението затоа се информираше преку социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук и, првпат по толку години на власт, тоа и‘ доведе на владата сериозни проблеми. Новиот закон за интернет би требало да спречи такво нешто да се повтори.

Istanbul Fußgängerzone
Фотографија: DW

Секоја критика на владата сега значи кршење на „личните права“ на раководството. Дури и виц или некоја погрешно сфатена изјава би можела да биде премногу. Правникот и стручњак за интернет Јаман Акдениз од истанбулскиот универзитет „Билги“ овие мерки ги изедначува со цензура од орвеловски размери. Али Риза Келеш ситуацијата во Турција вака ја опишува: „Порано се знаеше кога некоја страница е блокирана и причината за тоа. Денес се цензурираат страници и сите се прашуваат - зошто токму овие?“

Во август во Турција се одржуваат претседателски избори. Членовите на здружението „Алтернатиф Билисим“ стравуваат од најлошото.