Тајните бункери на босовите на калабриската мафија – DW – 15.09.2014
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајните бункери на босовите на калабриската мафија

У.Ф.Браун/ С.Недевски15 септември 2014

Н'дрангета е најмоќната мафија во Европа, а нејзините босови кои се во постојано бегство пред полицијата, управуваат со неа од скривалишта во најзафрлените делови на Калабрија.

https://p.dw.com/p/1D3a9
Фотографија: DW

Секој од нив знае за што станува збор. Секој од нив уапсил десетици луѓе. Се’ е професионална рутина. Вечерва карабињерите ќе уапсат мафијашки убиец. Грешки не смеат да си дозволат.

Имено, во 1.000 километри одалечената Бреша истовремено треба да биде уапсен и роднина на убиецот, за да не можат да се известат меѓусебно. Се’ мора да биде точно во минута.

Операцијата протече речиси нечујно- убијците беа изненадени на спиење. Поради убиство тој издржуваше казна од 20 години и е пуштен минатата година. Потоа заедно со роднината нарача ново убиство.

Џоја Тауро, мал пристанишен град во Калабрија за кој никој не би знаел да немаше медиумиски натписи за Н’дрангета, озлогласената калбриска мафија.

„Н’дрангета долго ја сметаа за локален феномен со грозоморни злосторства како што се убиства и трговија со оружје и дрога. Притоа никој не го гледаше она што го покажуваа најновите истражувања. Н’дрангета е сега доволно моќна што продира во легалната економија. Тоа е сигурно најголема закана.“, објаснува Џанлука Валерио, командант на оперативната единица на карабињерите во Реџо Калабрија.

Криминалната организација денес брои 60.000 члена во 400 организации и 30 земји. Годишно заработува околу 53 милијарди евра. Н’дрангета со тоа е најсилната мафија во Европа.

Од брегот до Аспромонте има околу еден час возење. Аспромонте во превод значи груба планина. А токму таков е и овој крај: груб, суров и див. Планини до каде досега погледот и меѓу нив понекое село. Тука е срцето на Н’дрангета, тука мафијашките шефови се’ уште доаѓаат да се кријат кога ги бара полиција.

Карабињерите од градот Плати покажуваат како. Подрумот на една куќа во селото личи како карабина. Меѓутоа, во ѕидот има отвор. Дел од ѕидот се повлекува наназад и така се отвора влез во бункер. Тука мафијашкиот шеф Саверио Тримболи се криеше додека не го уапсија.

На една полициска снимка може да се види колку добро било скриено засолништето. Апсењето на Тримболи претставуваше успех, но никој не знае уште колку вакви бункери има.

Аспромонте не е само засолниште туку и место за состаноци. Долго се сметаше дека Н’дрангета е слаба мрежа на мафијашки семејства. Се’ додека карабињерите не го снимија една занимлива сцена: илјадници верници секоја година во почетокот на септември и’ се поклонуваат на Богородицата од Полси. А меѓу нив се и шефовите на Н’дрангета кои тука го избираат своето раководство.

Песимистите велат дека е предоцна да се победи мафијата. Оптимистите, пак, сметаат дека е тоа можно. Можеби за 50 години.