Повеќе од 30 000 жртви од земјотресот во Кашмир – DW – 9.10.2005
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе од 30 000 жртви од земјотресот во Кашмир

9 октомври 2005

Со секој изминат час се’ повеќе се отсликуваат размерите на катастрофата предизвикана од земјотресот.

https://p.dw.com/p/Aevc
Во тек се спасувачките работи
Во тек се спасувачките работиФотографија: ap

Властите во Пакистан проценуваат дека бројот на жртвите само во таа држава би можел да изнесува преку 30 илјади, а загинати има и во Индија и Авганистан. „Има села и градови кои се комплетно разорени“ – рече изутрината за агенцијата Франс-прес регионалниот министер за комуникации Тарик Фарук. Опустошен е и Музафарабад, главен град на пакистанскиот дел на Кашмир и само таму загинале преку 3 илјади луѓе. Најмногу настрадани има во округот Баг на 40-ина километри југоисточно од Музафарабад, каде пред земјотресот живееја околу 150 илјади луѓе. Во 4 села од тој округ нема ниту еден преживеан жител. Ни војската, ниту спасителите се’ уште не успеаја да се пробијат во најзафрлените предели. Повредени се вкупно околу 41 илјада луѓе. Фајзал Хајат, министер за пакистанскиот дел на Кашмир, рече дека од земјотресот се погодени половината од вкупно 2,4 милиони жители. Пакистанскиот премиер Шаукат Азиз упати апел за помош: „Помошта од пријатели од целиот свет е добредојдена. Сега сме во фаза на утврдување на обемот на штетата и на евакуација на луѓето“.

Ова е најсилен земјотрес во тој регион за последните 100 години. Во првите 24 часови по ударот со сила од 7,6 степени според Рихтеровата скала се регистрирани најмалку уште 20 потреси помеѓу 5 и 6 степени. „Ова е една сосем специфична допирна точка на индиската со евроазиската плоча. Индиската со својот северен врв удира во авроазиската со брзина од осум сантиметри годишно и го притиска планискиот масив Хиндукуш. Притоа настануваат вакви земјотреси. Овде всушност постојано ги има, но се разбира, не со ваква сила“ – укажува професор Јохен Цшау, раководител на одделот за сеизмологија на Геоистражувачкиот институт во Потсдам.

Зоран Јордановски