„Надреална, застрашувачка состојба " – DW – 19.07.2021
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

„Надреална, застрашувачка состојба "

Сандра Бигер | СВР
19 јули 2021

Канцеларката Меркел посети едно од местата каде што последиците од поплавата на векот се особено драматични. Расчистувањето на теренот во настраданите подрачја е во полн ек, а луѓето полека се помируваат со ужасот.

https://p.dw.com/p/3wfyX
Nach dem Unwetter in Rheinland-Pfalz I Angela Merkel und Malu Dreyer
Фотографија: Christof Stache/AFP/dpa/picture alliance

Куќи однесени од поплавата, планини од смет и искршен мебел на калливите улици, војници, пожарникари и спасувачки екипи во најмалите селца, хеликоптери кои од птичја перспектива трагаат по преживеани и починати. За жителите по долината на Ар од средината на минатата недела сето ова е секојдневие, а сепак толку тешко да се поднесе.

Канцеларката Ангела Меркел по посетата на местото Шулд зборуваше за „надреална и застрашувачка ситуација“. Она што го видела, како што рече, било ужасно. „Во германскиот јазик речиси и да не постојат зборови за да се опише деструкцијата што се случила овде,“ рече Меркел. Според првичните проценки само во Шулд, место со 700 жители, од поплавата е направена штета од близу 48 милиони евра.

Deutschland  Unwetter in Rheinland-Pfalz | Malu Dreyer und Angela Merkel
Фотографија: Christof Stache/dpa/AFP/picture alliance

Видливо уморни

Луѓето во погодените области неуморно се борат против огромната маса кал. Главните улици ги расчистува војската со оклопни возила, додека во помалите улички и градини се чисти со багери и трактори. Сега откако повторно грее сонце и е потопло, борбата против калта е потешка. Исушена речиси и да не може да се изрине со лопата, поради што на многу места мора повторно да се наводени пред да се отстрани.

Повеќе:

-Потрага, спасување, расчистување – последиците од поплавите во Германија стануваат појасни

-Поплави во Германија: Климатската криза нѐ принудува да се прилагодуваме

-Катастрофални поплави во Германија: Се трага по илјадници исчезнати

Од друга страна во многу места нема вода. Но, тоа не е единствениот отежнувачки фактор за жртвите од поплавите. Веќе се забележува физичкиот и менталниот напор кој трае со денови. Многумина од минатата среда речиси и да немаат око склопено, а и да дремнале малку тоа не било здрав сон.

Тегобен поглед од небо на настраданите подрачја од поплавите во Германија

Некако мора да се продолжи

Валтер Пирлинг живее во долината на реката Ар во општината Инсул која исто така е една од тешко погодените. Овој 57-годишен маж е стамен и личи како ништо да не може да го раздрма. Но, изгледот лаже. Пирлинг вели дека во меѓувреме често го удира вистинска депресија. На почетокот работел "како на лента" - уште под шок веднаш почнал да ја расчистува куќата од водата и калта. Работата му помогнала да не западне во очај. Но, сега се почесто му излегува пред очи кобната ноќ и тоа за него е неподносливо. Се почесто се прашува како и дали ќе може да се справи со ова. Но, и од очајот нема фајде, се храбри самиот себеси, вели дека мора некако да се продолжи со животот.

Цел живот штеделе за куќата

И Петра Гриндлер си се бодри дека мора да се продолжи понатаму. Но како, оваа 51-годишна жена ни самата не знае. Низ солзи и со растреперен глас таа раскажува како поплавата им го уништила она што сиот живот го создавале со сопругот. Со децении штеделе, не оделе ниту на одмор и секој цент го вложувале во куќата. Пред две недели со сопругот со радост си рекле дека тешките времиња се зад нив и оти е време и повторно да земат годишен одмор. Сега за само една ноќ останале со празни раце.

Deutschland Unwetter Schuld - nachher
Фотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

Смртно преплашени во поплавата

Петра Гриндлер попатно ја прераскажува и кобната ноќ. Количината насобрана вода го блокирала излезот од нејзината куќа, така што било невозможно да го напушти домот. Го преколнувала синот да ја остави таму оти и било најважно тој да се спаси. По некое време успеале двајцата со помош на скала да се извлечат и планот им бил да се спасат на највисоката точка во местото, мостот над реката Ар. Но, токму тој мост нешто подоцна беше целосно уништен од надојдената вода. Еден по еден се одронувале камења од конструкцијата. Синот и мајката биле опкружени со вода и не знаеле уште колку ќе може да издржат пред да бидат потопени. Двајцата биле преплашени до смрт. Ги спасиле дури следното утро. Денес Петра вели: „Да не го имав син ми, доброволно ќе се фрлев во реката“.  Вели се срами што не успеала да остане силна за своето дете и се уште се надева дека ова што се случува е само лош кошмар. „Штипни ме и разбуди ме!", се молела повеќе пати во себе.

Hochwasser in Sinzig
Фотографија: Ian P. Johnson/DW

Гледаш, а не можеш да помогнеш

Додека Петра раскажува, соседот Вилфрид Каспер повеќе пати утешно ја прегрнува. Тој од својата куќа ја следел целата ситуација и видел во каква паника се мајката и синот. А, не бил во состојба да помогне. Во надојдената вода и самиот би се удавил, не можел да повика помош бидејќи телефонските и мобилните линии во тој момент веќе биле прекинати. Да ја гледа соседката преплашена, а да не може да стори ништо е товар со кој Вилфрид Каспер едвај се носи од кобната ноќ наваму.

Голема подготвеност да се помага

Во разговори со луѓе од селата по долината на реката Ар деновиве постојано течат и солзи. Солзи на замор, на тага, на беспомошност. Но, и на благодарност. Катастрофата предизвика и неверојатна подготвеност на луѓето за помош за погодените региони.

Од цела Европа стасуваат пари и предмети во Ајфел, хотелите од околината нудат бесплатно сместување на жртвите, доброволци во гумени чизми доаѓаат со колички и лопати во погодените места и се ангажираат таму каде што е потребна нивната помош.

На пример и во дворот и куќата на Мануела Гекен. Жената од Инсул облечена во зелен комбинизон вели дека на викендот одеднаш до неа се појавиле непознати млади луѓе и ја прашале: „Што може да помогнеме?" Додека раскажува и трепери гласот. Вели не може да сфати дека луѓе на кои не им го знае ниту името толку несебично и пружале помош. И тоа било нешто што мора прво да го „свари”.

Радоста и тагата во поплавените региони очигледно одат рака под рака.