Навални: ЕУ бара од Москва „независна истрага“ – DW – 25.08.2020
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навални: ЕУ бара од Москва „независна истрага“

СН/агенции
25 август 2020

Европската унија врши притисок во случајот со рускиот опозиционер Алексеј Навални, за кого постојат индиции дека е отруен. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел порача дека очекува разјаснување од Москва и тоа неодложно.

https://p.dw.com/p/3hSYH
Russland Alexej Nawalny
Фотографија: AFP/Y. Kadobnov

Европска унија „силно го осудува“ она што изгледа дека е обид за убиство на рускиот опозиционер Алексеј Навални и ја повикува Русија без одлагање да започне истрага за неговото труење, соопшти шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Тој во соопштение објавено на интернет сајтот на неговата служба укажа дека прелиминарните резултати од универзитетската болница Шарите во Берлин укажуваат на тоа оти Навални е отруен за време на посетата на Сибир. Борел изрази благодарност до германската болница поради негувањето на Навални, а нему му посака брзо да закрепне.

Joseph Borrell
Жозеп БорелФотографија: Imago Images/Seeliger

„Европска унија силно го осудува она што изгледа дека е обид за убиство на Навални. Неопходно е руските власти без одлагање да започнат независна и транспарента истрага за труењето на Навални. Рускиот народ како и меѓународната заедница бараат да ги дознаат фактите за труењето на Навални. Одговорните за тоа мораат да одговараат“, пишува во соопштението на Борел.

Неизвесен исход

Клиниката „Шарите“ во Берлин, каде истакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин се лекува уште од саботата, по спроведените сопствени детални тестови, исто така наведува дека има индиции оти 44-годишниот политичар е отруен. Ова го соопшти портпаролката на клиниката.

Повеќе:

-Лекарите во Берлин открија индиции дека Навални бил отруен

-Како блогерот Навални стана најпознат противник на Путин

-Навални пристигна во Берлин

Клиниката соопшти дека Навални сè уште е во вештачка кома. „Неговата здравствена состојба е сериозна, но во моментов нема акутна опасност за неговиот живот“. Клиничките наоди укажуваат на труење „од супстанција од групата активни супстанции наречени инхибитори на холинестераза“. Конкретната супстанција сè уште не е позната.

Сега ќе се администрира противотров на Навални, се вели во извештајот. „Исходот на болеста останува неизвесен а во овој момент не можат ниту да се исклучат долгорочни последици, особено во делот на нервниот систем“.