Марширајќи во чекор против Босна – DW – 15.01.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марширајќи во чекор против Босна

Марион Кразке
15 јануари 2022

Српските националисти провоцираат конфликти во мултиетничка Босна и Херцеговина. Имаат поддршка од ултрадесничари и исламофоби од ЕУ. Се зголемува критиката на сметка на пасивноста на Брисел.

https://p.dw.com/p/45Tq3
Bosnien und Herzegovina, Republika Srpska feiert 30-jähriges Jubiläum
Фотографија: Miomir Jakovljevic/Anadolu Agency/picture alliance

Во неделата, 9 јануари, во Бања Лука, во прв ред на главната трибина, рамо до рамо седеа: Милорад Додик, кој со децении е лидер на Србите во Република Српска (РС) и актуелен член на претседателството на БиХ, неговата долгогодишна сопартијка, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, амбасадорот на Русија и членови на француската ултрадесничарска партија Расемблеман Насионал.

Пред десничарите од ЕУ и Западен Балкан дефилираа униформирани лица: полицајци од РС, меѓу кои и специјални единици во камуфлажни униформи со црвени беретки. Сличноста со прочуената српска паравојска, која во војната во Босна од 1992-1995 направи многубројни злосторства, не е случајна. Во склад со декорот беше и паролата што повремено ја скандираа: „За крстот, за крстот!”

Ова беше многу повеќе од само парада, тоа беше најава за битка со босанската државаи мирниот поредок на Балканот. Додик со месеци се заканува со отцепување на Република Српска. Со години на 9 јануари дозволува да се слави „Денот на Република Српска”, иако босанскиот Уставен суд тоа го забранува. Датумот го одбележува основањето на РС во 1992; веднаш потоа започнаа злосторствата против лица кои не се од српска етничка припадност, прогоните, масовните убиства, масовните силувања. Насилството кулминираше во јули 1995-тата со геноцидот во Сребреница.

И покрај овој неодамнешен повторен напад врз суверенитетот на босанската држава, реакциите од ЕУ се држеа во тесни рамки. Од Брисел се вели дека го осудуваат таквиот развој, бидејќи ги загрозува стабилноста и просперитетот на земјата. Притоа, наводно лично Оливер Вархеји, еврокомесарот за проширување, на Додик му ветил дека ќе има поместување на ингеренциите од национално на ниво на посебните ентитети. Според порталот кликс.ба, 30 членови на Европскиот парламент, со писмо од 12 јануари, побарале од претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен да спроведе истрага во врска со ова.

Сонародникот на Вархеји, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, неодамна во главниот град на РС, Бања Лука, дури и лично го посети сепаратистички настроениот Додик и со тоа ја деминстрираше неговата поддршка за него. Тој и колегата од Словенија, Јанез Јанша, важат за умовите кои стојат зад спорниот „нонпејпер“, во кој се бара поделба на државите од поранешна Југославија според етнички критериуми. И двајцата ја поддржуваат исламофобната политика на српските националисти.

Bosnien und Herzegowina | Orban-Besuch in Banja Luka
Виктор Орбан во Бања Лука (6.11.2021)Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Пукајте на џамиите!“

Со месеци Додик сѐ погласно пропагира обединување на „српскиот свет”. Поимот означува ново издание на великосрпската политика која доведе до војната во Југославија која 120.000 лица ја платија со живот. РС на Додик е резултат на таквата политика на прогон и уништување. Додик сега тестира до каде може да оди со тоа што подбуцнува против „мирисот на Сараево“, каде претежно живеат муслимани.

Неговите говори полни омраза имаат последици: за православниот Божик националистите во повеќе градови во БиХ и Србија скандираа песни на омраза: „Божик е, пукајте на џамиите!”. Припадници на етнички малцинства кои за време на војната беа бегалци и потоа во рамки на Дејтонскиот мировен договор се вратија назад, сега повторно стравуваат за својата безбедност.

- повеќе на темата: Разбуди се, Европо!

Критична маса за нова војна

„Фашистичката реторика на Милорад Додик има ефект“, констатира режисерот и долгогодишен политички активист Дино Мустафиќ. За порталот тачно.нет тој вели дека во РС има критична маса за нова војна.

Додик и кругот околу него поддршка добиваат главно од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој поттикнуваше немири и во Црна Гора и Косово, сосема во духот на поранешниот владетел Слободан Милошевиќ. И Русија си го игра својот дел. Во декември Додик беше во посета на рускиот претседател Путин, кој покрај Украина, сега си отвора втор фронт на Балканот за да ја дестабилизира ЕУ. Не е коинциденција што се разгорува ситуацијата во БиХ во исто време со Украина, нагласува познатата српска активистка за човекови права Соња Бисерко.

Bosnien und Herzegovina, Republika Srpska feiert 30-jähriges Jubiläum
Припадници на специјални единици во камуфлажни униформи со црвени беретки во текот на парадата во Бања Лука по повод Денот на Република Српска (9.01.2022)Фотографија: picture alliance/dpa/AP

Да се гледа од страна или да се реагира?

Во меѓувреме кај босанско-херцеговското население расте стравот од натамошни провокации. На 10 јануари, ден по парадата, загрижени граѓани се собраа пред седиштето на Високиот претставник за спроведување на Дејтонскиот договор во Сараево и скандираа: „Санкции, санкции!”. И во повеќе европски градови луѓе демонстрираа за остра реакција против потпалувачите во Босна.

За режисерот Мустафиќ досегашното однесување на ЕУ е „наивно и незаинтересирано”. Реуф Бајровиќ, поранешен министер за енергетика и заменик претседател на невладината САД-Европа-Алијанса, констатира дека Додик секогаш оди до границата до која меѓународната заедница тоа му го допушта. Од 2006 година, според Бајровиќ, таа не покажала подготвеност да го брани Дејтонскиот мировен договор. Парадата во Бања Лука е само последица на таквата политика, вели тој.

САД на почетокот на 2022 година воведоа санкции против Додик. Но, за Курт Басинер од тинк тенкот „Совет за политики за демократизација” тие не се доволни. Во разговор со ДВ експертот за Балкан бара „брз и силен безбедносен одговор” во форма на зајакнување на ЕУФОР-трупите и редовни мисии на НАТО во земјата. Вели дека во Босна треба итно да бидат префрлени 120 војници на Алијансата со цел да се запрат сепаратистичките движења и потенцијалниот вооружен конфликт.