Грчки список на реформи – DW – 31.05.2015
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчки список на реформи

Јанис Пападимитриу / З. Јордановски31 мај 2015

Новата грчка левичарско-десничарска влада на Алексис Ципрас е веќе 4 месеци на власт. Но, многу важни реформи уште не се отидени понатаму од стадиум на најави. Тежиште е даночната политика.

https://p.dw.com/p/1FZR7
Фотографија: picture-alliance/dpa/Michael Kappeler

1. Грчката влада предвидува да собере две милијарди евра со оданочување на голем имот. Дополнителни приходи на државата треба да и’ донесе и данок на луксуз.

2. Во тек е заострувањето на даночното право: сметки повисоки од 70 евра во иднина ќе треба да се плаќаат само со кредитна или дебитна картичка. Ќе бидат интензивирани даночните контроли, ќе бидат укинати исклучоците ккај оданочувањето. Освен тоа, треба да бидат засилени даночните власти и тие во дејствувањето треба да бидат самостојни во однос на државата, според примерот на американските даночни власти.

3. Другата страна на медалот е дека владата им излегува пресрет на даночните должници и им дозволува да си го отплатат долгот во 100 рати. Слично е и со пропуштените уплати во социјалните буџети. Даночните грешници, кои префрлиле во странство „црни“ пари, ќе добијат „последна шанса да се спасат“ со плаќање паушален данок.

4.Во принцип се прифаќа реформата на системот на данокот на додадена вредност што ја бараат кредиторите на Грција, но спорни се детали: Атина е за три различни стапки на данокот на додадена вредност (меѓу нив и една ниска - од 6,5 проценти, за прехранбени средства, лекови и книги), додека кредиторите инсистираат на две стапки.За плаќањата со кредитни кратички треба да има попуст кај данокот на додадена вредност.

5. Владата ја смета за можеби најважна реформа „совладувањето на хуманитарната криза во земјата“. Соодветниот закон беше усвоен во парламентот само неколку дена откако владата стапи на должност. Тој предвидува давање картички за набавка на прехранбени средства за сиромашните, како и други итни мерки. Кревањето на минималната плата на нивото од пред кризата е одложено за во 2016 година.

6. Приватизациите првобитно беа целосно отфрлани, но сега сепак ќе биде преиспитан секој поединечен случај. Би требало да се реализира продажбата на пристаништето во Пиреја, како и преземањето на 14 регионални аеродроми од страна на Фрапорт од Франкфурт. Наспроти ова, министерот за енергетика Панајотис Лафазанис силно се противи на приватизирање на гигантот за електроенергија ДЕХ.

7. Борбата против корупцијата се прогласува за „национален приоритет“, но деталите и натаму се отворени. Во секој случај владата очекува приходи од 2,3 милијарди евра од сузбивањето на шверцот со цигари и бензин.

8. Како реформа од највисок приоритет се смета и новата верзија на законот за медиумите, кој од агол на гледање на владата на Ципрас во изминатите години му одел на рака на поврзувањето на политичката и медиумската моќ. Тука посебно спаѓа новото регулирање на ТВ-фреквенциите, како и оданочувањето на ТВ-рекламирањето.

9. Владата на Ципрас, за разлика од претходната конзервативна грчка влада, одбива далекусежна пензиска реформа, со која би се крателе или замрзнале пензиите. Освен тоа, владата сака да ги олабави границите за дефицит на социјалните буџети. Атина сепак ветува дека ќе донесе мерки против предвремено пензионирање.

10. Отфрлена беше реформа на пазарот на работна сила, која би поттикнувала или воопшто би дозволила флексибилни работни односи.