Истрага против СЗО за справувањето со коронавирусот – DW – 19.05.2020
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Истрага против СЗО за справувањето со коронавирусот

БГ /АФП
19 мај 2020

Земјите-членки на Светската здравствена организација се усогласија да се отвори независна истрага за начинот на кој агенцијата на ОН одговорила на предизвикот од коронавирусот, по острите критики од САД.

https://p.dw.com/p/3cUYQ
Schweiz Genf WHO Treffen
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/WHO

На видео-конференцијата одржана вчера и денеска, освен истрагата за работата на агенцијата, договорено е и да се обезбеди еднаков пристап до третмани или вакцини кои ќе се развијат против Ковид-19, а се бара и меѓународна истрага за потеклото на вирусот.

Со резолуцијата која ја поднесе ЕУ се бара „непристрасна, независна и сеопфатна проценка“ на меѓународниот одговор на пандемијата која досега зафати 4,8 милиони луѓе и предизвика смрт на 318 илјади. Во неа се наведува дека истрагата треба да опфати и анализа на „акциите на СЗО и нивните временски одредници поврзани со пандемијата“.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел и комесарката за здравство Стела Кирјакидес во заедничка изјава порачаа дека „независната истрага за тоа како започнала и се раширила пандемијата ќе биде важна за да се зајакне глобалната подготвеност во иднина“.
Одлуката беше донесена еден ден откако САД остро го нападнаа СЗО и ја критикуваа Кина поради нејзината улога во кризата. Претседателот на САД Доналд Трамп во понеделникот се закани дека ќе ја повлече својата земја од СЗО, обвинувајќи ја организацијата дека лошо го менаџирала одговорот на пандемијата и дека е „под контрола на Кина“.

Schweiz Genf WHO Treffen | Tedros Adhanom Ghebreyesus
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус за време на конференцијата во ЖеневаФотографија: picture-alliance/Xinhua/WHO

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус го поздрави барањето за истрага, најавувајќи дека и самиот „ќе иницира таква евалуација во првиот погоден момент“.
Со резолуцијата се повикуваат државите да се заложат за обезбедување на „транспарентен, еднаков и правовремен пристап“ до секој третман или вакцина развиена против Ковид-19. Иако се стравуваше, САД не ја откажаа поддршката за резолуцијата, но се дистанцираа од неколку членови во неа кои се однесуваа на развојот на вакцина.
Меѓународната група за помош Оксфам остро ја осуди позицијата на САД, предупредувајќи дека резолуцијата не оди доволно далеку во обезбедувањето еднаков пристап до идната вакцина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема