Јубилеј на Меркел во опасни времиња – DW – 22.11.2015
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јубилеј на Меркел во опасни времиња

Фолкер Вагенер / превод: ЕМФ22 ноември 2015

Да се „меркелува“ е уметност на оставање на политиката едноставно да си тече. Со ваков стил канцеларката слави успеси 10 години. Токму јубилејната година ќе биде решавачка за нејзината иднина, оценува Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1H9Z4
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Годинава е се‘ поинаку. Политиката на мирна рака, тивки тонови и доцни одлуки на Ангела Меркел нема веќе шанса. И тоа токму на десетгодишнината. Всушност, политичките биланси од декадата на Меркел беа напишани уште летото, барем во главите. Зависно од аспектот од кој се гледа на работите, тие беа формулирани или како воздигнување, или, во најлош случај, како признание проследено со стегање на забите.

Меркел, по која одамна е наречена цела ера, беше на врвот на својата моќ, на врвот на својот углед и авторитет. Тоа го почувствуваа не само Грците, туку и СПД и сите алфа-мажјаци во нејзината партија. Не е Германија таа која успеа, туку таа ја направи Германија успешна! А и Европа, барем до летото.

Моќта разнишана со културата на добредојде

Но, одеднаш дојдоа бегалците. Стотици илјади од нив во Германија гледаа ветена земја. А Меркел кажуваше реченици како: „Ќе успееме!“ и „Правото на азил не познава горни граници“. Најдоцна од септември политиката е повторно конфронтативна. Безброј добри луѓе практикуваат култура на добредојде, но во утробата на општеството се создава нелагодно чувство. Во меѓувреме, во Унијата на Меркел има неофицијален бунт. Недостига уште само водач на бунтот. Боже, како се заврте листот! Водечката Меркел, повеќепати прогласена за најважна, најмоќна жена во светот, на која дури и делови на опозицијата и‘ лежеа пред нозе, сега доживува ерозија на својот авторитет. Дали тоа значи крај на една политичка бајка?

Притоа, нејзиниот подем воопшто не беше спектакуларен. Првите години од мандатот на Меркел како канцеларка беа како доза наркотик. Таа немаше природни непријатели, во рамките на големата коалиција водеше политика без притоа некој да и‘ се спротивстави. Нејзината слава не се темелеше врз она што го правеше, туку врз тоа како тоа го правеше: долго не преземајќи ништо, носејќи одлуки тогаш, кога зад себе имаше сигурно мнозинство. Христијанско-демократската унија ги загуби сите особености кои ја правеа различна и таа стана неверојатно слична со социјалдемократите. Меркел станува неофицијален претседател на германското општество на консензуси. Накусо: политиката на Меркел е здодевна, но е многу смирувачка. Меркел едноставно важи за човек од доверба дури и во таборот на оние кои се на левиот крај од политичкиот спектар. Таа владее со уметноста на неконкретни и воопштени изјави. Ништо не го симболизира толку политичкиот стил на Меркел, како речиси будистичкиот начин на којшто ги држи рацете кога зборува, со споени прсти во облик на ромб, како да сака да каже: видете, јас проникнав во суштината на животот. Оваа симетрија меѓу Меркел, нејзината партија, избирачите, стана минато со политиката на отворена врата.

Wagener Volker Kommentarbild App
Фолкер Вагенер

Патријархот доживува есен?

Способноста на Меркел да ги замрзнува конфликтите се покажа како несоодветна за решавање на проблемот со бегалците. Досега, грешките на другите беа нејзиниот капитал, сега таа е онаа што згреши. Потфрли нејзината стратегија на избегнување на грешки, која беше политички рецепт на Меркел. Сега таа мора да води, а не само да управува со една рака на управувачот. Дека за тоа е способна, веќе има докажано. Одлично го препозна вистинскиот момент во времето кога се нишаа позициите на Хелмут Кол, молневито се збогуваше со атомската енергија по катастрофата во Фукушима. Но, во сите овие работи зад себе ги имаше анкетите, значи волјата на народот.

Сега треба да посегне по жезлото и на внатрешнополитички план. Ова поле досега речиси исклучиво и‘ го оставаше на СПД. Нејзина бина беше надворешната политика. Да се спасат еврото и климата, да се опонира на Русија, да се дисциплинира Грција. Успеа во тоа да биде незаобиколна кога се решаваа кризи ширум светот. Тоа весникот „Ди Велт“ го нарече „смирувачко пошвајцарување на Сојузната република“.

На сето тоа сега му дојде крај. Меркел мора да каже како работите ќе се одвиваат внатрешнополитички. Повеќе од еден милион бегалци за само неколку месеци не е само фуснота во политичкиот дневен ред. Тоа нема да биде ниту на долг рок. Има ли план? Ако нема, се‘ е можно - оставка, нови избори. Притоа, таа одамна се реши да се кандидира и во 2017 година. Но, тоа беше пред „културата на добредојде“.