Гаук во посета на сириските бегалци – DW – 27.04.2014
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаук во посета на сириските бегалци

ЖА/дв/дпа/афп/ртре27 април 2014

На почетокот на посетата на Турција, германскиот претседател Јоахим Гаук се сретна со сириски бегалци во оваа земја. Тој го пофали турскиот ангажман за нивното згрижување и побара поголем германски ангажман на овој план.

https://p.dw.com/p/1Bp9p
Фотографија: picture alliance/AA

Во бегалски логор на периферијата на градот Караманмарис германскиот претседател Гаук се информираше за состојбата на околу 16 илјади луѓе, кои се сместени таму. Јоахим Гаук ги распрашуваше сириските деца за нивната судбина, за што разговараше и со претставниците на хуманитарните организации.

Според наводите на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, во Турција прибежиште имаат најдено речиси еден милион Сиријци, бегајќи од насилството во нивната татковина. Гаук ја истакна големата почит за енормните напори на Турција во помошта кон бегалците. И Германија би можела на овој план да направи повеќе, изјави Гаук.

Гаук на патот кон Анкара ќе ги посети и 300-те германски војници кои во рамките на мисијата на НАТО го обезбедуваат воздушниот простор во граничната област на турско-сириската граница со Патриот ракети.

Официјалниот дел од посетата на Јоахим Гаук почнува утре (28.04). Во Анкара Гаук ќе се сретне со турскиот претседател Абдула Ѓул и премиерот Реџеп Таип Ердоган. Притоа германскиот претседател планира да ја пофали германско-турската соработка, но и да опомене поради дефицитите во демократијата и правната држава, како и заштитата на верските малцинства и слободата на печатот во Турција.

По крвавото задушување на протестите во паркот Гези во Истанбул минатото лето, Анкара постојано е на мета на критика во странство. На сметка на Ердоган има обвинувања за корупција, како и за блокирање на пристапот кон социјалните мрежи како ЈуТјуб и Твитер.