Австрија: Курц сака повторно да биде канцелар – DW – 28.09.2019
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија: Курц сака повторно да биде канцелар

Бернд Ригерт
28 септември 2019

Поранешниот канцелар Курц во анкетите за утрешните парламентарни избори има јасна предност. Аферите на неговиот екс-коалициски партнер не му наштетиле. Но, дали пак ќе сака да влезе во „брак од интерес” со десничарите?

https://p.dw.com/p/3QOWv
Österreich Wahlen Wahlkampf Zv Debatte
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Во пресрет на предвремените избори (29.09.2019) австрискиот парламент прогласи непогода, не политичка, туку климатска. Со таквата симболична постапка партиите, со исклучок на деснопопулистичката Слободарска партија на Австрија, сакаа да стават акцент во инаку безживотната кампања. Борбата против климатското затоплување е во мода. И кандидатот на Конзервативците, Себастијан Курц, ја обработи темата. Ни 33- годишниот поранешен канцелар, кој во мај годинава беше симнат од власт преку гласање недоверба, не може вечно да зборува за спречувањето на миграцијата во земјата под Алпите. Деснопопулистите се единствените кои сметаат дека ограничувањето на емисиите на јаглероден диоксид е хистерија. Норберт Хофер, кој е новиот лик на десницата, исто како и неговиот идол Трамп и десничарските колеги од германската АФД, климатските промени ги смета за надуена измама.

Ибица" ја симна десницата од власт
Скандалот околу поранешниот претседател на Слободарската партија Хајнц Кристијан Штрахе, кој на Ибица на наводна ќерка на руски олигарх ѝ нудел партиски услуги во замена за нелегални партиски донации, во кампањата играше подредена улога. Тајно снименото видео на Ибица ја сруши владината коалиција на Курц, кој поради очигледните и дрски грешки на вицеканцеларот Штрахе мораше да ја прекине соработката во мај годинава, кога го отповика и министерот за внатрешни Кикл од неговата функција.

Партијата на Штрахе се одмазди со тоа што со гласање недоверба го симна и Курц од власт, поради што сега има предвремени избори. Курц, кој се доживува како жртва, вели дека не знаел ништо за сето тоа. Но, и партијата се смета за жртва на „криминална банда", која видеото нелегално го објавила. Разни теории на заговор се плетат од тогаш.
Курц неспорно води
Неславниот крај на тиркизно-сината коалиција не им наштети на коалициските партнери. Според последните анкети, Себастијан Курц и неговата партија која е целосно концентрирана околу неговиот лик, води со 33 до 35 проценти. Би можел да добие дури и повеќе гласови од минатите избори и да биде убедливо најсилна партија во парламентот.

Österreich | Bundesparteitag FPÖ|  Norbert Hofer
Норберт Хофер, новиот лик на десницатаФотографија: picture-alliance/dpa/E. Scheriau

Слободарската партија која и натаму се крши околу тоа дали да ја исфрли црната овца Хајнц Кристијан Штрахе од своите редови, веројатно се спаси со помали загуби. Со 21 до 23 проценти би изгубила околу седум проценти од гласачите, но и натаму е во трката со Социјалдемократите (25 до 23 проценти) за второто место.
Нови обвинувања против Штрахе
Истрага се води и сега против Хајнц Кристијан Штрахе, бидејќи заедно со сопругата, секретарката и телохранителот проневерил партиски средства и наводно прифаќал донации од сомнителни олигарси од Источна Европа. Телохранителот признал и наводно игра улога и во аферата со Ибица. Иако во партијата сега се пере валканиот веш, менаџментот е лежерен. „Имаме доволно традиционални гласачи кои ни остануваат верни", неодамна изјави висока функционерка од партијата.

Од помалите партии веројатно Зелените се оние кои имаат причина за радост. Овој пат би можеле да го надминат цензусот од четири проценти и да влезат во законодавниот дом во кој имаа мандати до 2017 година. Шефот на Зелените, Вернер Коглер смета дека тоа е благодарение на темата со климатските промени.
Кампањата како терапија за парови
Во дуелите на ТВ за време на кампањата беше мирно. Курц се презентираше како скромно момче од село и нагласуваше дека во руралните области кај баба му и дедо му многу сакал да ги гали козите. Порано му беше побитно тоа дека пораснал во работнички кварт во Виена. Во кампањата пак се работи за татковината, идентитетот и популистичкото одделување од елитите. Слоганот на партијата на Курц гласи: „Сакаме да ни се врати нашиот канцелар!" Австрија го сака она што ѝ е познато, не сака експерименти. Во директно соочување со Курц, кандидатката на Социјалдемократите, Памела Ренди Вагнер се шегуваше за имиџот на Курц. Тој пак возврати дека човек може да е пораснат на две места. Ренди Вагнер во својата кампања игра на картата на оптимизмот, дури и кога ѝ е јасно дека Курц е многу пред неа.

Österreich Wahlplakate ÖVP FPÖ Einer der unsere Sprache spricht
Народната партија и Слободарската партија имаат слични изборни слогани - велат, ненамерноФотографија: picture-alliance/dpa

Слободарската партија пак поставуваше плакати со Херберт Кикл на кои стои: „Ние ќе спречиме Курц да превагне кон левицата." Таквата грижлива понуда е директно барање Народната партија повторно да коалицира со десничарите. ТВ спот кој го прикажува вистинскиот шеф на партијата Норберт Хофер и глумец во улога на Курц при брачно советување, е најгротескниот приказ на таквата понуда. „Дали навистина сакате сето ова да го ставите на коцка поради Ибица", прашува наивно терапевтот за брачни прашања. Заклучок од спотот: деснопопулистите и партијата на Курц треба да бидат заедно.

Коалиција меѓу Народната партија и деснопопулистите? 
Норберт Хофер бара да се заборават гревовите на Слободарската партија на Австрија. Себастијан Курц пред изборите не се впушти во коалициски води со нив. Од неговото опкружување велат дека соработка со партијата му паѓала тешко бидејќи лично бил разочаран и се чувствувал измамен. Но, тешко ќе биде и да се формира друга коалиција. Нова варијанта на децениската врска меѓу Австриската народна партија и Социјалдемократите не посакува ниту една од двете страни. За мнозинство за коалиција меѓу Австриската народна партија и Зелените каква што Курц може да си замисли, еколошката партија со веројатни осум проценти од гласовите нема доволно сила. Курц рече дека може да има социјалдемократска влада ако помалите партии како Зелените, Либералите, листа Пилц и СПА соберат уште по некој процентен поен повеќе.

Повеќе:

Себастијан Курц, студениот канцелар

Љубовта на австриските десничари кон Кремљ

Австриските десничари го покажаа вистинското лице


Содржински, Себастијан Курц би имал малку задршки да продолжи да владее со деснопопулистите. Во прашањето за миграцијата се на иста линија, се зборува за љубов кон татковината и австрискиот идентитет. Но, за Курц Слободарската партија на Австрија во некои делови е преблиска до десноекстремистички групации како на пример Идентитерското движење. Врвот на Слободарската партија го отфрла постоењето на таквите релации или се обидува да го минимизира нивното значење. Трн во окото на Курц е и Херберт Кикл. Поранешниот министер за внатрешни работи е број два кај деснопопулистите и би можел да стане претседател на пратеничката група во новиот парламент. Како канцелар Курц би морал да соработува со Кикл. „Дали без Кикл би  коалицирале со Слободарската партија?", го запраша модераторката на телевизијата Пулс Курц. Одговорот не кажа ништо, со широка насмевка Курц изјави дека „прво се оди на гласање, а потоа ќе се види што ќе се прави." 

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија