Австриски политичар „зависник“ од видео игри – DW – 24.12.2019
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австриски политичар „зависник“ од видео игри

БГ
24 декември 2019

Хајнц-Кристијан Штрахе од касата на својата партија трошел до три илјади евра месечно за онлајн игри на својот смартфон. Штрахе веќе ги загуби државните и партиските функции по корупцискиот скандал во октомври.

https://p.dw.com/p/3VIL7
FPÖ in Österreich schließt Ex-Chef Strache aus Partei aus
Фотографија: picture-alliance/dpa/APA/K. Hecht

Поранешниот австриски вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе трошел меѓу две и три илјади евра месечно играјќи ја видео играта за мобилни телефони „Судир на клановите“ (Clash of Clans), а трошокот и го префрлал на својата политичка партија, тврди негов поранешен адвокат.
Бизарниот детал од животот на Штрахе бил наведен од адвокатот во извештајот за ткн. Скандал Ибица во кој беше вовлечен австрискиот политичар.
Штрахе е поранешен лидер на десничарската Слободарска партија на Австрија, но мораше да поднесе оставка од функцијата и во партијата и во владата откако беше објавена видео снимка на која тој бара финансиски услуги во замена за политички контакти од наводни руски олигарси.
„Скандалот Ибица“ имаше сеизмички ефекти врз австриската политика. Владата падна, а партијата на Штрахе загуби на изборите кои следуваат, по што тој беше исфрлен од Слободарската партија.
Новиот извештај за зависноста од видео игри на Штрахе беше објавен во весникот „Клајне Цајтунг“, а новинарот кој ја напиша приказната објави и факсимил од забелешката на полицијата во која се наведува дека политичарот бил навлечен на стратегиската игра.
Истрагата на крајот сепак била запрена затоа што поранешниот адвокат на Штрахе одбил да даде повеќе информации.
Информациите за месечните трошоци на Штрахе е тешко да се потврдат затоа што компанијата која ја развила видео играта не дава информации за своите корисници. Штрахе претходно тврдеше дека „по грешка“ ја користел партиската каса за своите потреби и дека ги вратил потрошените средства.