Зошто Тојота го победува Фолксваген? – DW – 20.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

Зошто Тојота го победува Фолксваген?

АРД
20 септември 2024

Најголемиот светски производител на автомобили, Тојота, продава повеќе возила од кога било. Нема знаци на криза кај јапонскиот производител, додека конкурентот Фолксваген би можел да затвори фабрики. Кои се причините?

https://p.dw.com/p/4kt3e
Тојота  Фолксваген
Зошто Тојота го победува Фолксваген? Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata/J. Castro

Хиро Такахаши ја познава автомобилската бранша. Почесниот професор по економија на почетокот на годината објави нова книга: „Автомобилите се менуваат - стратегијата за управување на Фолксваген." 80-годишниот Јапонец помина неколку недели истражувајќи во Волфсбург за неговата нова книга.

Такахаши доаѓа до заклучок дека кинеските електрични автомобили се првенствено причина за кризата во Фолксваген, а не нужно сопствени грешки во управувањето на концернот. Во интервју за студиото на АРД во Токио, тој изјави дека воопшто  не го гледа Фолксваген на колена.

Тојота повторно продава повеќе од десет милиони автомобили

Сепак, вреди да се погледнат моменталните деловни бројки на двата најголеми светски производители на автомобили. Додека Фолксваген расправа за затворање на фабриките, Тојота соборува рекорд по рекорд. Оваа година веројатно повторно ќе продадат повеќе од десет милиони возила.

Хибридните автомобили од овој концерн отсекогаш биле особено барани, т.е. комбинација од електричен мотор и  мотор со внатрешно согорување.  Четириесет проценти од сите продадени возила се хибридни. Чисто електричните автомобили практично немаат никаква улога. Тојота продаде нешто повеќе од 100.000 чисто електрични автомобили минатата година.

Фабрика на Тојота кај Нагоја, Јапонија
Производство на хибриден Приус во Тојота Сити кај Нагоја Фотографија: Yoshio Tsunoda/AFLO/imago

Ова делумно се должи на фактот што во Јапонија, на домашниот пазар, речиси и да нема опции за полнење возила. Германија измина долг пат во овој поглед. Иако не звучи многу ориентирано кон иднината и особено модерно, но токму тоа ги одвраќа производителите на електрични автомобили од Кина, за кои зборуваше експертот Такахаши, да инвестираат многу во Јапонија: без инфраструктура, нема пазар за кинеските електрични автомобили BYD.

Во Јапонија речиси и да нема политички притисок за е-мобилност

Хиро Такахаши не верува дека нешто ќе се промени толку брзо. Политичкиот притисок за производство на електрични автомобили не е особено силен во Јапонија, објаснува тој, и известува за многу претпазливо формулирана цел на јапонската влада дека сите нови продадени автомобили треба да имаат електричен мотор до 2035 година. Забраната за мотори со внатрешно согорување не е во план, особено затоа што оваа цел би ја исполниле и хибридните возила. „Токму тука се разликува јапонската автомобилска политика  од германската“, вели Такахаши.

Многу слабиот јен исто така  ѝ помага на Тојота.  Јапонските автомобили се едноставно многу поевтини од европските или американските автомобили во моментов. Тојота е особено баран во Северна Америка, каде што продава речиси една третина од своите автомобили; пазар каде Фолксваген сѐ уште има проблем со имиџот по дизелскиот скандал.

Фабрика на Фолксваген во Тенеси, САД
Фабрика на Фолксваген во Тенеси: Америка е тежок терент за германскиот производител по дизел скандалот Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Schelzig

Во исто време, зависноста на Тојота од кинескиот пазар е значително помала од онаа на Фолксваген. Концернот со седиште во Волфсбург продава околу една третина од сите свои автомобили во Кина - повеќе од 3,2 милиони минатата година. Од друга страна, Тојота продава само едно од пет возила произведени на најголемиот светски автомобилски пазар. Јапонскиот производител продаде 1,9 милиони автомобили во Кина во 2023 година.

Восхит кон германските производители на автомобили

Германските марки на автомобили се многу популарни во Јапонија. На улиците на Токио се гледаат многу автомобили Мерцедес, БМВ, Порше, Ауди, па дури и Фолксваген - но речиси никогаш во електрична верзија. Поради својата долга историја, германската автомобилска индустрија е високо ценета во земјата на изгрејсонцето. Јапонците имаат големо воодушевување кон германските автомобили, кои, вели Такахаши, евтините кинески автомобили никогаш не можат да ги надминат.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Сè на сè, Фолксваген е високо ценет од јапонскиот автомобилски експерт. Тој би сакал Тојота да го копира Фолксваген: да ја прошири својата позиција и да произведе повеќе луксузни автомобили, автобуси и камиони. И тој верува дека транзицијата кон производство на чисто електрични автомобили може да послужи и како модел за најголемиот јапонски производител на автомобили. 

Последици од силна конкуренција

Тој се обидува да ги релативизира  економските тешкотии во Волфсбург  и дебатата за затворањето на фабриките: „Ако ја погледнете глобалната автомобилска индустрија, ова се случувало секогаш одново. Погледнете ги Форд и Џенерал Моторс, тие мораа да ги затворат своите фабрики во САД. Нисан исто така значително опадна.“ Ако конкуренцијата расте, како што е случајот сега со електричните автомобили од Кина, тогаш тоа нема да биде без последици, вели Такахаши.

Фактот дека јапонските производители во моментов се толку успешни се должи и на нивното традиционално исклучително профитабилно производство. Јапонската филозофија на животот и работата „Каизен“ се уште е дел од ДНК на компании како Тојота „Ниту еден ден без подобрување“ е мотото. Хиро Такахаши се сеќава дека овој тип на Lean менаџмент, негломазно и ефикасно управување, го спаси Порше од банкрот пред неколку децении.

Автор: Торстен Ифланд, АРД