Воена операција на Израел на Западниот Брег - неколку мртви – DW – 28.08.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Воена операција на Израел на Западниот Брег - неколку мртви

ЖА /АРД
28 август 2024

Израелската армија започна голема операција на Западниот Брег. Фокусот треба да биде на Џенин и Тулкарем, кои се сметаат за упоришта на милитантните Палестинци. Според палестинските информации загинале десетина лица.

https://p.dw.com/p/4k0Tq
Тулкарем во Западсниот Брег по напад на израелските сили
Тулкарем во Западсниот Брег по напад на израелските силиФотографија: Nasser Ishtayeh/SOPA Images/Sipa USA/picture alliance

Израелската армија во текот на ноќта започна голема операција на окупираниот Западен Брег. Според војската, во тек се антитерористички операции во северните градови Џенин и Тулкарем, кои се сметаат за упоришта на палестинските милитанти. Според весникот „Тајмс оф Израел“, вооружените сили се активни и во бегалски камп во близина на Тубас.

Според Министерството за здравство на Западниот Брег, пет лица загинале во бегалскиот камп и две во Џенин. Според палестинската служба за итни случаи на Црвена полумесечина, уште тројца загинале во напад со дрон врз нивното возило јужно од Џенин.

Според извештаите на медиумите, армијата користела бројна пешадија, беспилотни летала и снајперисти, ја уништила инфраструктурата со булдожери и ги затворила сите пристапни правци до Џенин.

Според израелскиот сајт ynet, бараните лица треба да бидат уапсени во  бегалските населби во Џенин и Тулкарем.

Наводно Џенин е опколен

Агенцијата „Вафа“ објави дека голем број воени возила влегле во Џенин. Според арапскиот ТВ канал „Ал Џезира“, населбата била целосно блокирана.

Според израелските и палестинските медиуми, војниците ги опколиле и болниците во двата града и ги блокирале возилата на брзата помош. Армијата го контролира пристапот до зградите на клиниката за да ги спречи милитантите да се задржат таму, објави ynet.

Гувернерот на Џенин, Камал Абу ал Руб, на палестинското радио изјави дека израелските сили го опколиле градот и ги блокирале излезните и влезните патишта и пристапот до болниците.

„Со сите сили против „исламистичко-иранската терористичка мрежа“

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, на Х  напиша: „Израелската армија од ноќеска со сите сили во бегалските логори Џенин и Тулкарем презема акции против исламистичко-иранската терористичка мрежа.“ Слично како во Појасот Газа и Либан, Иран работи на „изградба на источен терористички фронт против Израел во Јудеја и Самарија (Западниот Брег) преку финансирање и вооружување терористи и шверцување напредно оружје преку Јордан“.

Според информациите на „Тајмс оф Израел", операцијата би можела да потрае уште долго. Според извори во армијата, антитерористичката операција требало да трае неколку дена, објави утрово израелскиот весник.

Се зголемуваат тензиите на Западниот Брег

Ситуацијата на Западниот Брег,  окупиран од Израел,  значително се влоши  по почетокот на војната меѓу Израел и исламистичката палестинска организација Хамас во Појасот Газа.

Во меѓувреме, борбите во Појасот Газа продолжуваат, како и напорите за постигнување прекин на огнот и ослободување на преостанатите заложници. Според извештаите на израелските медиуми, израелска делегација треба да отпатува во Доха на дополнителни разговори за  договорот со Хамас. Индиректните преговори, во кои Катар, Египет и САД посредуваат меѓу конфликтните страни, се во застој со месеци.