Владата со кампања ќе лобира за уставни измени – DW – 23.08.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата со кампања ќе лобира за уставни измени

ДТЗ
23 август 2023

Бојан Маричиќ гледа две опции за да се дојде до уставни измени. Оливер Спасовски вели дека ќе се разговара со секој пратеник, бидејќи одговорноста е нивна. Собраниската седница ќе продолжи кога ќе има услови за тоа

https://p.dw.com/p/4VUI7
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Секретаријатот за европски прашања и Владата преку кампањата „Ние сме Европа“ ќе ги информираат граѓаните за придобивките и можностите од зачленувањето на земјава во Европската Унија. Станува збор за активностите кои ќе траат еден месец, а официјално ќе започнат на 30 август. Караванот на кампањата која чини пет милиони денари ќе опфати осум градови. Првиот во серијата настани ќе се одржи во Скопје на 30 август и ќе го отвори премиерот Димитар Ковачевски. За изведување на едномесечните активности ќе бидат издвоени 80 илјади евра од буџетот.

„Во рамките на напорите на Владата да ги оствари стратешките цели и да ја приближи целта за влез во ЕУ, ќе бидат организирани серија настани во осум града во државата - . Скопје, Струмица, Охрид, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и во Куманово. Секаде ќе има тематски настани, со кои ќе ги покриеме најважните теми, кои врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните“, изјави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ на промоцијата на кампањата. Активностите стартуваат во пресрет на собраниската седница на која што треба да се гласа за уставни измени, а на која стана извесно дека власта се уште нема обезбедено двотретинско мнозинство. 

Бојан Маричиќ кампања ЕУ
Секретаријатот за европски прашања и Владата преку кампањата „Ние сме Европа“ ќе ги информираат граѓаните за придобивките и можностите од зачленувањето на земјава во Европската Унија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Два начини до уставни измени 

Според Маричиќ, постојат два начини како да се дојде до уставни измени. „ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години. Јас не гледам трет начин, можеби постои, но тие се двете опции“, рече Маричиќ на прес-конференција. Тој не смета дека избори би можеле да сменат нешто.  

„Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време“, рече Маричиќ. 

Според него, владејачкото мнозинство има 72-73 гласа за уставни измени, а собраниската седница ќе биде повторно закажана кога ќе се создадат услови.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека во наредниот период ќе продолжат низ дијалог и политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес. 

Оливер Спасовски
Оливер Спасовски вели дека ќе се разговара со секој пратеник, бидејќи одговорноста е нивна. Собраниската седница ќе продолжи кога ќе има услови за тоаФотографија: DW/P. Stojanovski

Изолацијата е неприфатлива 

Според него, изолацијата на државата, посебно изолација што доаѓа однатре, е неприфатлива. „Се разговара со секој пратеник поради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние што ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани“, рече Спасовски на одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вторникот во Кичево го повтори партискиот став дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат. Тој вели дека светот прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат.

Габриел Ескобар
Габриел Ескобар доаѓа во Скопје на средба со државниот врв и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.Фотографија: AP Photo/picture alliance

„Дипломатски булдожер“ 

Ваквата изјави доаѓа во пресрет на посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар на Скопје. Тој во четврток и петок (24 и 25 август) ќе се сретне со државниот врв и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден“, коментираше денеска Мицкоски при посетата на Велес.

Тој смета дека власта се обидува посетата на Ескобар да ја претстави „како дипломатски булдожер којшто тука е повикан за да врши тортура и притисок“.