Трамп се плаши од жените – DW – 26.01.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп се плаши од жените

26 јануари 2024

Иако, според Трамп и неговите спин доктори, ниеден кандидат не е пострашен од белиот човек со ирско презиме, во овој момент, само една жена стои на патот на Доналд. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4bgxI
САД Вашингтон | Ники Хејли и Доналд Трамп
Ники Хејли и Доналд Трамп (архивска фотографија)Фотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Ниеден републиканец кој победил на внатрепартиските избори во Ајова и Њу Хемпшир не останал без номинација од својата партија за претседателските избори. Од тој аспект триумфот на Доналд Трамп делува обезбеден, особено што засега неговите правни проблеми не влијаат негативно врз неговата популарност. Сепак, ако некој пред само неколку месеци кажеше дека Ники Хејли во Њу Хемпшир ќе изгуби со разлика од 11% во дуелот со Трамп, ќе беше сметан за будала. Трамп во Њу Хемпшир победи со 54% од гласовите наспроти 43% за Хејли. Не го повтори „лавина“ успехот од Ајова, каде ги збриша противниците и го примора Рон ДеСантис да се повлече од трката.

Хејли, од друга страна, во оваа американска сојузна држава имаше подобра демографска слика, со помалку евангелисти и повеќе независни гласачи кои имаа право на глас. Штом тука не го победи Трамп, тешко е да се замисли дека може да го порази. Па, сепак, Хејли ветува борба и после поразот одржа победнички говор. „Во Њу Хемпшир се одржува првото гласање за претседателските избори, не последното. Уште многу држави треба да се изјаснат и ние ќе ги ставиме во можност тоа да го направат“. Потоа го нападна ривалот, повторувајќи дека е престар за Белата куќа. Сега следуваат Невада и на крај на следниот месец Јужна Каролина, каде Хејли беше поранешна гувернерка, но каде сѐ уште заостанува зад Трамп.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Доналд Трамп, од своја страна, беше бесен после победата во Њу Хемпшир. Ја дефинираше Америка како „банкротирана земја“, а потоа продолжи да ги повторува личните навреди кон Хејли, нарекувајќи ја „Birdbrain“, „птичји мозок“, и расистички злоупотребувајќи го нејзиното индиско потекло и роденото име Нимрата Рандхава. Добро позната стратегија на Трамп употребена против Барак „Хусеин“ Обама, со цел да го поврзе со исламистичкиот тероризам. Покрај неминовната тирада против имиграцијата и цените на горивата, Трамп дури и навести, без дополнители детали, дека: „Госпоѓата Хејли набрзо би можела да се соочи со истрага“. На крајот од говорот вети дека ќе им се одмазди на сите оние кои го разлутуваат. „Јас не се лутам често - јас ја враќам услугата“, заканувачки ќе порача Трамп. Тимот на Хејли не пропушти шанса да му го забележи бесот и нервозата: „Ако Трамп е толку во форма, тогаш зошто вака се нервира?“

Што реално го збудалува Трамп?

Да, зошто Трамп е вака нервозен и од што стравува, кога води во речиси сите анкети и патот кон номинацијата му делува поплочен со успеси?

Пред сѐ веројатно затоа што неговиот мачоизам не му дозволува да се помири со фактот дека една жена нема намера да се повлече од трката и така да му се потчини. Потоа, гледајќи ги анкетите може подобро да се разбере причината за неговата нервоза. Според „Фокс“, 35% од гласачите во Њу Хемпшир се изјасниле дека никогаш не би гласале за него. Голем дел од републиканскиот електорат се сомнева во способноста на Трамп да мобилизира гласачи надвор од неговата тврдокорна база. Воедно, Хејли освои 74% од умерените гласови, 58% од високо образованите и 66% од нерегистрираните како републиканци гласачи, односно, од независните. Само 32% од гласачите изјавиле дека се чувствуваат како припадници на движењето „МАГА“, а 1/4 кажале дека нема да го гласаат Трамп доколку биде кривично осуден.

Настрана бројките тоа, што реално го полудува Трамп е симболиката. Ники Хејли во овој момент е „Last women standing“ - Трамп веќе нема машки противкандидати и со тоа таа станува симбол за повеќето жени, не само републиканки, спремна да оди до крај во дуелот со мизогиниот и мачоистички ривал Трамп.

Ако во 2020-та Трамп успеа да поврати еден дел од женскиот електорат, денес ситуацијата е многу поинаква. Намерата на Трамп на национално ниво да го забрани правото на абортус, како и мизогините и расистички напади против Хејли, оддалечија многу жени, особено млади, од поддршката за неговите политики. Тоа најверојатно нема да ѝ помогне на Хејли да ја освои номинацијата, но со сигурност ќе ја зајакне изборната база на жени против Трамп и тоа во корист на Бајден, се разбира доколку актуелниот претседател остане демократскиот кандидат за изборите во ноември.

Доналд Трамп
Голем дел од републиканскиот електорат се сомнева во способноста на Трамп да мобилизира гласачи надвор од неговата тврдокорна базаФотографија: Scott Olson/Getty Images

Испаѓа дека Трамп не се плаши само од Ники Хејли, туку дека сѐ повеќе стравува од жените. И има добри причини за тоа. Според „World Economic Forum“, САД се на 40-то место во светот според родова еднаквост. Америка, поради широката распространетост на огнено оружје, има најмалку три фемицида дневно. За иста професија или работно место, жените во САД добиваат само 80 центи за секој долар заработен од мажите, а во случај на Афроамериканки или хиспано популацијата, бројките се уште полоши. Голем дел од десничарскиот електорат верува дека движењето „Me too“ е неправедно и агресивно, дека жените треба да се вратат на своите традиционални улоги и дека белите мажи се всушност оние кои се најдискриминирани во американското општество.

Во американскиот Конгрес, само 28% се жени, што во така голема земја, каде секој претставник треба да патува и по илјадници километри до матичната држава, за тие жени сѐ уште го прави претешко помирувањето на семејството и политичката кариера. Фактите говорат дека за разлика од 2020-та, кога женскиот електорат гледаше со голема надеж, денес тие се разочарани. Но, со таа разлика што мизогинијата на Трамп и издржливоста на Ники Хејли сега полека ги вади од апатијата, и овојпат штетата во најголем дел ќе се удри од грбот на Трамп.

Сѐ е можно?

Дека сѐ тоа ќе ѝ помогне на Хејли во трка за номинацијата е нешто што Американците би го нарекле „long shot“, но доколку Трамп заглави со своите правни проблеми и доколку продолжи да крвари кај женскиот електорат, тогаш сѐ е возможно.

Хејли сѐ уште ужива голема поддршка кај републиканците кои и денес се препознаваат во традиционалните вредности на Роналд Реган и Џорџ Буш постариот, во исправениот р'бет, фискалната ригорозност, како рецептура за враќање на американскиот морален лидершип во светот. Денес таа политичка струја е малцинска, но сѐ уште може да се потпре на длабокиот џеб на Чарлс Кох и неговата политичка машина „Americans for Prosperity“ или Џејми Димон од „ЈП Морган Чејс“. Од денес до „супер вторникот“ во март месец, кога 16 држави гласаат истовремено, може да се случи сешто. Се разбира, нема гаранции за успех, но Хејли во најмала рака, под услов да не се откаже, го одржува ветрот на промени и се става во позиција на лидершип кој не дозволува апсолутна победа на Трамп. Тоа ќе влијае кај женскиот електорат и кај самите републиканци, особено умерените, да размислат за опасноста Трамп кога ќе гласаат во ноември.

Ники Хејли
Ники Хејли во овој момент е „Last women standing“ Фотографија: Andrew Burke-Stevenson/Zuma/IMAGO

Кампањата на Џо Бајден внимателно ја следи ситуацијата и ги подвлекува и нагласува актуелните бројки и тенденции, со цел да докаже дека во реалноста Трамп е ранлив и победлив. Затоа што, како што знаеме, трката во ноември ќе се решава во шака држави и за шака гласови, со максимум разлика од 1.5% до 2% во гласовите - во некои клучни држави помеѓу победникот и губитникот ќе одлучуваат десетици илјади гласови.

Од гледна точка на демократите, Хејли денес се бори за таа цел: да ги мобилизира жените и прогресивните и просветлени републиканци. Само тие можат да му го загорчат животот на Трамп пред големиот национален електорат, кога во прашање нема да биде номинацијата, туку изборот за претседател.

Иако, според Трамп и неговите спин доктори, ниеден кандидат не е пострашен од белиот човек со ирско презиме, во овој момент, само една жена стои на патот на Доналд.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема