Драги: Економијата на ЕУ пред „егзистенцијален предизвик“ – DW – 9.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драги: Економијата на ЕУ пред „егзистенцијален предизвик“

СН/агенции
9 септември 2024

Како може економијата на ЕУ да остане конкурентна? На ова прашање треба да одговори извештајот на поранешниот шеф на ЕЦБ, Марио Драги: Според него, потребни се иновации и инвестиции до 800 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/4kQb5
Марио Драги при презентацијата на неговиот извештај во Брисел
Марио Драги при презентацијата на неговиот извештај во БриселФотографија: Yves Herman/REUTERS

Според извештајот, на европската економија и се потребни огромни инвестиции и мора да стане значително поиновативна за да биде во чекор со конкуренцијата со САД и од Кина. Европа е заглавена во статична индустриска структура, напиша Марио Драги во стратешкиот документ за конкурентноста на на економијата на Европската унија.

Според Драги, на ЕУ ѝ се потребни инвестиции во опсег од 750 до 800 милијарди евра годишно за да може економски да се натпреварува со САД и со Кина.
Оваа сума е пропорционално поголема од сумата која Европа ја доби во рамки на Маршаловиот план за обнова на континентот по Втората светска војна.

Пред една година, Европската комисија побара од  77-годишниот поранешен шеф на Европската централна банка и поранешен премиер на Италија, извештај за тоа како ЕУ може да ја одржи својата економија конкурентна.

Во поглед на конкуренцијата од САД и од Кина, Драги предупредува дека  економијата на ЕУ се наоѓа пред „егзистенцијален предизвик“. Економскиот раст во ЕУ во последните две децении секогаш бил побавен од оној на САД, а Кина брзо го фатила чекорот.

Марио Драги и претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен во Брисел
Марио Драги и претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен во БриселФотографија: NICOLAS TUCAT/AFP

Драги во својот извештај истакна и дека на Европската унија ѝ е потребна поголема координација на индустриската политика и побрз систем на одлучување.

Неговиот извештај предупредува на проблеми како што се различните нивоа на субвенции меѓу земјите од Европската унија кои му штетат на единствениот пазар, како и на сложениот и бавен процес на донесување одлуки на ниво на ЕУ.

Европската унија ќе мора повторно да се фокусира на клучните прашања и да обезбеди ефективна политичка координација на заедничките цели, смета Драги.

Според него, доколку некои земји членки на ЕУ сакаат да се „движат“ побрзо од другите, треба да им се овозможи тоа.

Марио Драги, исто така, наведе дека Европа има проблеми со високите цени на енергенсите, откако веќе го нема на располагање евтиниот руски гас.

Европската унија треба да го зголеми бројот на иновации, да ги намали цените на енергенсите, како и истовремено да ја зајакне својата воена индустрија и да ја намали зависноста од другите земји, особено од Кина, додава Драги во извештајот.