Штрајкот на контролорите за летање на стенд бај – DW – 12.10.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајкот на контролорите за летање на стенд бај

ДТЗ
12 октомври 2023

Владата вели дека е постигнат договор со М-НАВ. Контролорите за летање од Нова Година треба да имаат нова опрема и радари, со што ќе се зголеми бројот на прелети.

https://p.dw.com/p/4XQpe
аеродром Скопје
Контролорите за летање од Нова Година треба да имаат нова опрема и радари, со што ќе се зголеми бројот на прелетиФотографија: Petr Stojanovski

Штрајкот на М-НАВ е одложен, но надлежните добија рок од 15 до 20 дена за да ги имплементираат барањата на контролорите за летање. Доколку не започне процесот на длабински реформи во работењето на компанијата, системот на вработување и обуки на кадрите, повторно ќе се врати во игра опцијата за штрајк и блокада на македонското небо.  

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, за ДВ вели дека начелно сите нивни барања биле прифатени на состанокот одржан во Министерството за транспорт и врски, со менаџментот на претпријатието за вршење на дејноста давање на услуги на воздухопловната навигација, М-НАВ АД Скопје.

Од Владата велат дека е постигната е согласност да се работи на отворените прашања од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ). Со тоа е овозможено авионскиот сообраќај да се одвива редовно, по најавите дека со штрајк може да се блокира воздушниот сообраќај над Скопје и Охрид.

Владата смета дека потпишаниот колективен договор, одлуката за ангажирање консултантска фирма којашто професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието, како и согласноста за подигнување на нивото на транспарентноста за сите прашања и изработка на студија којашто ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието покажува дека низ функционален дијалог се можни решенија.

Што е договорено?

Тасевски вели дека штрајкот е ставен во мирување сѐ додека не започне реализацијата на тендерот за функцонална анализа, со кој реномирана фирма ќе треба да изврши скенирање на компанијата со цел да се изврши систематизација на работните места. Таа ќе треба да се изврши откако ќе се направи споредба со контролите на летање во Европа. 

Во иднина ќе треба да се крене „рачна кочница“ при вработувањата на нов кадар, за кои често синдикатот имаше забелешки дека се по партиска, а не по стручна линија. Работни групи во наредниот период, исто така ќе треба да ги подобрат работните услови во Контролата на летање, за што е веќе изработена цела листа на забелешки. 

Нови радари од јануари 

Контролорите на летање, покрај тоа што ќе треба да добијат подобри услови на работа, по Нова Година ќе треба да работат и со нова опрема и радари. Опремата, иако е набавена од поодамна, стоеше неискористена, поради што е добиено уверување дека до крајот на годината ќе се инсталира. 

„Со тоа ќе добиеме оптимални услови за работа, ќе се зголеми безбедноста на небото, ќе се зголеми капацитетот на авиони коишто ќе бидат опслужувани, што ќе доведе до зголемен број на приходи за компанијата“, вели Тасевски. 

Синдикатот се надева дека надлежните ќе ги исполнат ветувањата коишто им ги дале. „Трета шанса нема да има“, вели тој за ДВ. 

„Привилегирани плати“, наместени огласи, прекумерни вработувања во администрацијата, спорни огласи, опрема која што со години е застарена и никако да се обнови - се само дел од проблемите наталожени со години, коишто го предизвикаа незадоволството на Синдикатот на контролори на летање.

Контролорите се жалат и на „непрофесионално однесување на директорите во однос на процесите за вработувања“, внатрешните прераспоредувања и условите за работа.