Совет на Европа: Подготовки за иднината на самит во Исланд? – DW – 16.05.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИсланд

Совет на Европа: Подготовки за иднината на самит во Исланд?

Лусиа Шултен
16 мај 2023

Лидерите на земјите членки на Советот на Европа се состануваат во Рејкјавик за да разговараат за неговата иднина. Теми има доволно. Но, Советот на Европа не се бори само со недоволната препознатливост во јавноста.

https://p.dw.com/p/4RP1O
Пленарната сала на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Франција
Пленарната сала на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, ФранцијаФотографија: Dominique Boutin/Sputnik/picture alliance

Во јавноста, често се појавува со предупредувања. Ја критикува недоволната борба против корупцијата, вклучително и во Германија. Инсистира на почитување на човековите права. Го критикува присилното враќање на мигрантите од надворешните граници на Европската унија.

Некои понекогаш го мешаат со Советот на Европската унија, но неговото седиште не е во Брисел, туку во Стразбур. Советот на Европа е најстарата организација на европските држави, а тоа што понекогаш се меша со Советот на ЕУ е можеби негова сопствена вина. Затоа што во 1986 година ѝ дозволи на Европската заедница да го користи неговото знаме - иако тој не е институција на Европската заедница, подоцна на Европската унија.

Советот на Европа е основан во 1949 година под влијание на Втората светска војна, значи многу порано од „Европската економска заедница“, претходник на Европската унија. Меѓу неговите основачи беа поранешниот британски премиер Винстон Черчил и тогашниот германскиот канцелар Конрад Аденауер.

Советот на Европа – важен, но малку познат

Од самиот почеток се залагаше за човековите права, демократијата и принципите на владеење на правото. Неговите инструменти се повеќе од 200 меѓународни договори, конвенции,  експертски групи, Парламентарното собрание и Европскиот суд за човекови права. Членки се 46 европски земји. Едно од неговите најголеми достигнувања е создавањето на зона без смртна казна за околу 700 милиони луѓе.

И сепак: „Секому е потребен, но никој не знае за него“, вели политикологот Клаус Брумер од Католичкиот универзитет во Ајхштет-Инголштат. Според истражувањето спроведено на почетокот на мај на барање на Европското движење на Германија, само пет отсто од испитаниците знаеле дека самит на Советот на Европа треба да се одржи во Рејкјавик на 16 и 17 мај.

„Секому е потребен, но никој не знае за него“, вели за Советот на Европа германскиот политиколог Клаус Брумер
„Секому е потребен, но никој не знае за него“, вели за Советот на Европа германскиот политиколог Клаус БрумерФотографија: Katholische Universität Eichstätt-Ingolstadt

Пратеникот во германскиот Бундестаг, Фолкер Улрих, смета дека Советот на Европа не го добива вниманието што го заслужува. Тој политичар од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) е член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кое има 306 пратеници од 46 земји членки. Тие избираат важни функционери во Советот на Европа, ги следат изборите во земјите членки и ги анализираат актуелните прашања.

Украина ќе биде главна тема на самитот

Под претседателството на Исланд со Советот на Европа, шефовите на држави или на влади на 46 земји членки се среќаваат само на четвртиот самит во неговото 74-годишно постоење. Брумер стравува дека некои претседатели на држави или на влади воопшто нема да дојдат во Рејкјавик. Притоа, има многу теми за кои треба да се разговара.

Главна тема треба да биде поддршката за Украина. Во пресрет на самитот, од Советот на Европа можеше да се слушне дека треба да се состави регистар за идни тужби од Украина. Самитот треба да се занимава и со прашањето на исчезнатите украински деца. Брумер, експерт за Советот на Европа, очекува од самитот во прв ред симболика и потврда на европските вредности. Бидејќи, „што се однесува до практичните работи, Советот на Европа нема никаква надлежност или овластување да ѝ помага на Украина во обновата или воено“, објаснува Брумер во интервју за ДВ.

Една од главните теми на самитот треба да биде како Советот на Европа може да ја поддржи Украина
Една од главните теми на самитот треба да биде како Советот на Европа може да ја поддржи УкраинаФотографија: Michel Euler/AP/picture alliance

Русија веќе не е членка

Членките на Советот на Европа се членки и на Европската конвенција за човекови права. Доколку граѓаните веруваат дека некоја земја ги крши нивните права, можат да се обратат до судот во Стразбур. На крајот на март, според тој суд, имало речиси 16.000 тужби од Русија, што е околу една петтина од сите предмети за кои одлучува судот. И опозицискиот политичар Алексеј Навални во минатото се жалеше до Европскиот суд за човекови права, а Судот пресуди во негова корист.

Меѓутоа, поради нападот врз Украина, Русија веќе не е членка на Советот на Европа од март 2022 година. Голем број пресуди донесени против Русија веројатно нема да бидат спроведени, иако Москва правно погледнато, би морала да ги почитува.

Фолкер Улрих смета дека истапувањето на Русија од Советот е правилно, иако тоа ја ослабува заштитата на 130 милиони руски граѓани. Во исто време, истапувањето на Русија создава дупка во буџетот на Советот на Европа. Во 2022 година буџетот изнесуваше 477 милиони евра, а придонесот на Русија беше нешто повеќе од 34 милиони или околу седум отсто. Патем, Москва ги суспендираше нејзините исплати за буџетот на Советот на Европа уште пред истапувањето. Сè уште не е јасно како ќе се надомести оваа финансиска дупка.

Предизвици за иднината

Какви последици ќе има излегувањето на Русија врз другите членки? „Постојат цела низа земји кои имаат систематски проблеми со почитувањето на демократијата, човековите права и принципите на владеењето на правото“, предупредува Брумер.

Алексеј Навални
И критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, се обраќаше до Европскиот суд за човекови права (архивска фотографија)Фотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance

И Улрих смета дека е неопходно овие основни принципи посилно да се имплементираат во земјите кои се во процес на трансформација. „Во изминатите  години Советот на Европа им служи на земјите кои сакаа да се приближат до Европската унија. Имајќи го тоа предвид, важно е Советот на Европа јасно да ги покаже своите барања за тие теми“, вели тој пратеник во интервју за ДВ.

Конкурентски собир во Кишињев?

Можната конкуренција доаѓа од друга насока. Само две недели по средбата во Рејкјавик, шефовите на држави или на влади на 44 од 46-те земји повторно ќе се сретнат - овојпат во главниот град на Молдавија, Кишињев, како „политичка заедница“. Овој формат го лансираше францускиот претседател Емануел Макрон со цел зајакнување на политичката соработка, безбедноста, стабилноста и благосостојбата на европскиот континент. Брумер критички гледа на тој состанок и го смета за излишен, со оглед на постоењето на Советот на Европа. Фолкер Улрих исто така гледа потреба за разјаснување на односот меѓу тие два формати.

Бројни нерешени прашања, слабо медиумско внимание, а сега паралелна средба: исландската домаќинка, премиерката Катрин Јонасдотир уште во јануари нагласи дека е важно да се формулира визија за иднината на Советот на Европа. Претседателите на државите или на владите на земјите членки сега имаат можност да го сторат тоа - ако воопшто дојдат.