Русија живее во страв по нападите со дронови – DW – 1.06.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоРусија

Русија живее во страв по нападите со дронови

БГ /АРД
1 јуни 2023

Страв во Москва по нападите со дронови, и евакуации од регионот на Белгород по гранатирањето од Украина. Многу Руси се видно вознемирени, а кај некои грижата прераснува во бес.

https://p.dw.com/p/4S0VD
Дронови  Москва
Контрола на зграда оштетена од нападот со љФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Руските власти најавија евакуација на стотици деца од селата во пограничните региони во Белгород, во близина на Украина, откако официјална Москва ја оцени состојбата како алармантна. 
По упадот во Белгород на вооружени лица минатата недела и нападот со дронови во Москва во вторникот, во средата се засилија и гранатирањата на руска територија. 
Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков изјави дека првите 300 деца ќе бидат префрлени во друг град на оддалеченост од 250 километри. 
Освен цивилни објекти, последниве недели беа гранатирани и неколку магацини за нафта и рафинерии. Во средата со дрон беше нападната рафинерија во Краснодар, по вторпат овој месец. 

Веста за нападот со дронови во Москва молневито се прошири низ руската престолнина. „Работам во близина. Кога одев на работа ги видов. Беше страшно“, вели една минувачка. „Не е добро, застрашувачки е“, вели еден маж. 
Загрижувачки е, вели и Александра додека чека дозвола да се врати во својот стан. Дронот кој се урнал, удрил во нејзината зграда. „Секогаш изгледаше како тоа се да е далеку, а сега е тука во Москва“. 

Путин: „Јасен знак за терористичка активност“ 

На погодените згради се видливи само помали оштетувања: дупки на фасадите, трагови од чад, искршени прозорци. Според податоците на министерството за одбрана, системот на противвоздушна одбрана бил успешен. Но, многумина се во страв. 
Жителите на престолнината се видно вознемирени- толку многу што мораше да реагира и Кремљ. По нападите со дронови, попладнето изненадувачки на јавноста и се обрати претседателот Владимир Путин.

Москва Русија
Руски полицаец пред една од оштетените згради во МоскваФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Нападот го протолкува како одговор на Киев на рускиот напад врз седиштето на украинската воена разузнавачка служба. 
„Како што знаете, киевскиот режим како одговор на тоа избра поинаков пат и се обидува да ја заплаши Русија, руските граѓани, така што напаѓа станбени згради“, рече Путин. „Тоа е, секако, јасен знак за терористички активности“. 

Заканите добро минуваат

Но, Киев нема да успее во тоа, гласеше неговата порака. Од една страна, затоа што Русија знае како да се заштити, а од друга, затоа што воената операција ќе продолжи се додека таквите напади повеќе не се можни. Путин порача дека Украина треба да очекува посилни напади, затоа што гаѓала цивилни цели во Русија. 
Таквите пораки добро минуваат кај одредени граѓани. Грижата преминува во бес. „Не е битно дали тие ни се братски народ или не- нашите војници гинат“, вели еден човек. Војниците и нивните семејства мора да бидат сигурни дека поради нивната смрт ќе следува одмазда. Но, тоа не е лесна задача. „Мислам дека сето тоа може да се запре со поодлучна акција“, вели тој човек. 

Киев Украина
Уништена зграда по руски напад со дронови во Киев, УкраинаФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Загрозена и резиденцијата на Путин 

Во Москва засега не се споменува можноста дека зад нападот можеби стојат руски сили. Тоа што владата во Киев негираше било каква директна одговорност, во целост се занемарува. Мета на нападите беа областите на југот и југозападот на Москва, каде се наоѓаат елитните станбени населби. Таму е и една од резиденциите на Путин. 
Според податоците на руското министерство за одбрана, нападот е изведен со осум дронови, од кои пет биле соборени, а три се урнале. Руските власти спроведуваат истрага. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема