Путин го обвини Западот за војната во Украина – DW – 21.02.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин го обвини Западот за војната во Украина

ЕМФ | агенции
21 февруари 2023

Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот за војната во Украина и тврди дека западните држави сакале да го претворат локалниот конфликт во глобален.

https://p.dw.com/p/4Nmjf
Владимир Путин обраќање парламент
Годишно обраќање на рускиот претседател Владимир Путин пред двата дома на рускиот парламентФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/IMAGO

Рускиот претседател Владимир Путин во говор за состојбата на нацијата денеска (21.02) ги обвини западните држави за војната во Украина и оцени дека тие сакале да го претворат локалниот конфликт во глобален. „Ние тоа така го разбираме и ќе реагираме соодветно“, рече Путин во рускиот парламент на само два дена пред годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина. Според него, Русија се обидувала да го реши мирно проблемот во Донбас, но Западот имал подготвено поинакво сценарио: „Тие ја почнаа војната. Ние направивме сѐ за да ја запреме“, рече Путин пред руските пратеници и високи претставници на руската армија.

Рускиот претседател го обвини Западот дека стреми кон „неограничена моќ“. „Приливот на пари од Западот во војната не се намалува“, рече Путин и додаде дека западните земји уште одамна почнале да ја претвораат Украина во еден вид „Анти-Русија“.

Тој е уверен дека мнозинството од руското население ги поддржува постапките на владата при „одбраната на Донбас“: „Сакам да им се заблагодарам на луѓето во Русија за одлучноста и храброста.“ На семејствата на загинатите руски војници Путин им вети финансиска поддршка и најави формирање државен фонд за таа цел.

Путин во говор за состојбата на нацијата ги обвини западните држави за војната во Украина
Путин во говор за состојбата на нацијата ги обвини западните држави за војната во УкраинаФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/IMAGO

Во новите области ќе има повеќе социјални програми, најави рускиот претседател мислејќи на четирите анектирани украински региони. Тие области, како што тврди Путин, избрале да бидат со Русија, наспроти заканите од „нацистите“. Путин ги нарекува нацисти членовите на раководството на Украина.

Според Путин, руската економија се покажала далеку посилна од она што го очекувал Западот. „Западот се бори против нас на економскиот фронт“, вели тој, оценувајќи дека тоа нема да успее. Западот, според рускиот претседател, провоцирал зголемување на цените и загуба на работни места, донесол санкции за да страда рускиот народ, „но нивната сметка

не се оствари“. „Руската економија и менаџмент се покажаа многу посилни отколку што мислеа тие“, рече Путин во говорот за состојбата на нацијата.

Рускиот претседател Путин го обвини Западот дека стреми кон „неограничена моќ“
Рускиот претседател Путин го обвини Западот дека стреми кон „неограничена моќ“Фотографија: Sergei Karpukhin/SPUTNIK/REUTERS

Прва реакција од Украина

Во првата реакција од Украина на говорот на Путин, претседателскиот советник Михајло Подољак рече дека коментарите на Путин покажуваат оти рускиот претседател загубил контакт со реалноста. Путин е „во сосема поинаква реалност, каде што нема можност да се води дијалог за правдата и меѓународното право“, изјави Подољак за агенцијата Ројтерс. Тој на Твитер напиша дека говорот ја покажува „конфузијата“ на Путин.