ЕС: Гугл и Епл треба да платат милијарди евра – DW – 10.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоЕвропа

ЕС: Гугл и Епл треба да платат милијарди евра

ЖА /АРД
10 септември 2024

Европскиот суд донесе две далекусежни пресуди против технолошките гиганти: судиите потврдија казна од 2,4 милијарди евра против Гугл, а Епл треба да плати 13 милијарди заостанати даноци.

https://p.dw.com/p/4kSEm
Гугл и Епл
Далекусежни пресуди против технолошките гигантиФотографија: Pavlo Gonchar/SOPA Images/IMAGO

Во спорот со Комисијата на ЕУ за околу 13 милијарди евра заостанати даноци, Епл (Apple) доживеа конечен пораз пред Европскиот суд (ЕС). Судиите во Луксембург ја отфрлија  претходната пресуда  во корист на Епл   и пресудија во корист на властите во Брисел.

Заднината е даночен спор: Според Европската комисија, Ирска, каде што се наоѓа европското седиште на Епл, му одобрила на производителот на Ајфон неприфатливо ниска даночна стапка од само 0,005 проценти. Ова ги прекршува насоките за државна помош на меѓународната заедница. Во 2016 година, властите во Брисел  му наложија на Епл  да плати 13 милијарди евра даноци плус камата. Парите оттогаш се на посебна сметка.

Групацијата Ајфон постојано нагласуваше дека приходите на двете ирски подружници кои се во прашање, се оданочуваат првенствено во САД. Затоа Епл сметаше дека е принудуван да плати двапати. Во 2020 година, групата доживеа успех пред суд на ЕУ, кој дополнителното барање го прогласи за неважечко. Европската комисија не успеа да докаже дека даночните аранжмани на Епл во Ирска претставуваат забранета државна помош, аргументираа судиите.

Комисијата поднесе жалба до ЕС и сега беше успешна: судиите одлучија дека Ирска му одобрила на Епл незаконска помош која мора да биде вратена. Самата Ирска со години не сакаше да ги собира парите.

Гугл казнет поради злоупотреба на позицијата

Во друга пресуда, судиите во Луксембург  одлучија дека Гугл  мора да плати казна од 2,4 милијарди евра изречена од Комисијата на ЕУ во 2017 година. Така, ЕС ја потврди соодветната пресуда од претходната инстанца, Судот на Европската унија.

Казната е изречена  затоа што Гугл  ја ставил сопствената услуга за споредба на цените на врвот на резултатите од пребарувањето и, според Комисијата, на таков начин ја злоупотребил својата доминантна позиција. Судот на ЕУ ја потврди казната во ноември 2021 година. Спротивно на тоа,  Гугл и матичната компанија Алфабет  се обратија до ЕС - но сега изгубија.

Претходните пресуди со право утврдија дека однесувањето на Гугл е дискриминаторско и не соодветствува со конкурентските перформанси, објасни ЕС. На компаниите со доминантна позиција не им е дозволено да се однесуваат на таков начин што ќе ја ограничуваат конкуренцијата.

Повеќекратни казни во износ од милијарди евра

Надлежната служба за прашањата на конкуренција на Комисијата на ЕУ во изминатите години изрече казни од неколку милијарди долари на Гугл, иако тие не и предизвикаа големи финансиски проблеми на компанијата. Судот на ЕУ ќе одлучува за сличен случај веќе следната недела. Прашање е дали Гугл несоодветно ги попречувал другите провајдери во рекламирањето на пребарувачите во услугата „AdSense for Search" и дали е оправдана казната на Комисијата на ЕУ од 1,49 милијарди евра.