Повторно тешки борби помеѓу Ерменија и Азарбејџан – DW – 13.09.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕрменија

Повторно тешки борби помеѓу Ерменија и Азарбејџан

Јенс Јенсен
13 септември 2022

Двете кавкаски држави се обвинуваат меѓусебно за повторното избивање на насилството. Овојпат не е погоден конфликтниот регион Нагорно Карабах.

https://p.dw.com/p/4GlIG
Ерменски војник држи стража во регионот Нагорно Карабах (архивска фотографија)
Ерменски војник држи стража во регионот Нагорно Карабах (архивска фотографија)Фотографија: Sergei Grits/AP Photo/picture alliance

Во конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан повторно се водат тешки борби на заедничката граница. Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека Азербејџан со артилерија и оружје од голем калибар нападнал позиции во близина на градовите Горис, Сотк и Џермук. Има информации за загинати и ранети. Азербејџан, од друга страна, ја обвини Ерменија за „големи субверзивни акти“ во близина на границата и гранатирање на нејзината војска. Притоа, како што се вели, загинале неколку азербејџански војници.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Тој притоа зборувал за азербејџански напад на кој би морало да има меѓународна реакција. Пашинјан го алармирал и францускиот претседател Емануел Макрон, јавуваат медиумите во главниот град Ереван.

Предупредување од германското МНР

Министерството за надворешни работи на Германија ги предупреди германските државјани во регионот да бидат внимателни. Зголемување на борбите не може да се исклучи. Секој кој се наоѓа во место каде што се водат борби, би требало да побара засолниште сѐ додека не биде безбедно за да си замине, се вели од германското МНР. Џермук, каде што има позната бања, е популарна дестинација за странски туристи.

Поранешните советски републики со децении војуваат една против друга за регионот Нагорно-Карабах. Тој е населен со Ерменци, но припаѓа на Азербејџан. По распадот на Советскиот Сојуз, ерменските сили обезбедија контрола врз областа во војната од 1992 до 1994 година и окупираа големи делови од Азербејџан. Во 2020 година, Азербејџан ги врати своите територии и зазеде стратешки важни области во Нагорно-Карабах. Во борбите загинаа повеќе од 6.000 луѓе.