ЕСМ чека зелено светло за да го пушти парното во Скопје – DW – 11.10.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕСМ чека зелено светло за да го пушти парното во Скопје

ДТЗ
11 октомври 2022

Регулаторната комисија за енергетика се очекува да одржи подготвителна седница, по што треба да бидат издадени и три лиценци со кои ЕСМ во иднина ќе ја преземе одговорноста за затоплување на скопските радијатори.

https://p.dw.com/p/4I06G
гас
Грејната сезона почнува на 15 октомври, а гас за топланите е обезбеден само за две неделиФотографија: Egor Eryomov/dpa/picture alliance

Неколку дена пред започнувањето на грејната сезона, се прават последните подготовки за издавање дозволи за снабдување и испорака на топлинска енергија за Град Скопје. Регулаторната комисија за енергетика се очекува да одржи подготвителна седница, по што треба да бидат издадени и три лиценци со кои ЕСМ во иднина ќе ја преземе одговорноста за затоплување на скопските радијатори. 

„Ќе одржиме подготвителна седница за трите лиценци за регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Тоа е дел од процедурата која мора да се помине и на која ќе се разгледаат предлог одлуките на сите засегнати страни. Потоа следува главна седница, која ќе биде закажана до петок и на гласање ќе бидат ставени одлуките за доделување на лиценца на ЕСМ дистрибуција, ЕСМ снабдување и ЕСМ продажба“, вели за ДВ претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Со тоа практично ЕСМ преку своите три фирми, коишто беа формирани неодамна, ќе биде одговорно за потрошувачите кои досега добиваа парно во Скопје од страна на Балкан енерџи груп (БЕГ), на која што на крајот на јуни ѝ беа одземени лиценците за работа.

„Станува збор за околу 60.000 потрошувачи. За еден мал дел остануваат одговорни Скопје Север, како и досега“, вели Бислимоски.

Гас само за две недели

Грејната сезона почнува на 15 октомври, а гас за топланите е обезбеден само за две недели. Надлежните уверуваат дека радијаторите ќе останат топли и во ноември и во текот на зимата. 

Неодамна „Адора инженеринг“ и АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) постигнаа договор за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“. Топланите кои се во сопственост на „Адора“ ќе се користат од страна на ЕСМ во процесот на обезбедување греење за градот Скопје во претстојната грејна сезона, која започнува на 15 октомври. ЕСМ ќе ги закупи топланите на Адора за 390.000 евра годишно, односно 32.500 евра месечно. 

„Точно е дека обезбедивме гас до крајот на октомври, но тоа не значи дека нема енергенс и за наредните месеци“, вели премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека набавките се прават на месечно ниво, со оглед на калкулациите како да се обезбеди најповолна цена по која ќе се купи енергенсот. „Сакаме да го заштитиме буџетот и да земеме енергенс којшто има пополна цена од другите и да внимаваме на заштита на животната средина“, вели премиерот.

парно радијатори
Надлежните уверуваат дека радијаторите ќе останат топли и во ноември и во текот на зимата Фотографија: Hauke-Christian Dittrich/dpa/picture alliance

Алтернативи

Министерот за економија Крешник Бектеши е дециден дека топлинска енергија од 15 октомври ќе има за сите потрошувачи во град Скопје, без разлика дали ќе работи или нема да работи когенеративната електрана ТЕ-ТО.

„Ако не работи ТЕ-ТО во делот на производство на електрична енергија, со чиј нус производ се обезбедуваат 60 до 70 отсто од производството на топлинска енергија за градот Скопје, топланите Исток и Запад со набавката на гас ќе ја покријат целата потрошувачка во делот на топлинска енергија која ја има во градот Скопје. Ако работи ТЕ-ТО, топланите Исток и Запад ќе работат со помал интензитет“, вели Бектеши.

Со моменталните цени на електричната енергија на регионалната берза ХУПЕКС на компаниите кои се на слободниот пазар им е поевтино да набават струја од увоз отколку да ја произведе ТЕ-ТО. „Ако ја земеме предвид моменталната цена на природниот гас од 1500 евра за 1000 нормални кубни метри, цената на производство на електрична енергија од ТЕ-ТО ќе биде околу 280 евра по мегават час. Цената, пак, на берзата на ХУПЕКС моментално е 200 евра за мегават час што значи дека на компаниите на слободниот пазар им е подобро да увезат струја отколку да ја преработи ТЕ-ТО“, прецизира Бектеши.

Владата до Собранието достави измени на Законот за стокови резерви со цел да се обезбедат алтернативни енергенси доколку има проблеми во снабдувањето со гас поради последните настани во војната во Украина. „Со Република Бугарија имаме договор да не се затвораат прекуграничните капацитети за електрична енергија што е многу важно за стабилноста на електроенергетскиот систем во нашата држава. Договорено до крајот на неделава да се зголемат капацитетите на постојниот гасовод што го имаме со Бугарија за да можеме да користиме и други извори во делот на снабдување со природен гас“, вели Бектеши, кој како  алтернативни ги посочува ЛНГ терминалите во Грција и во Турција.