Пензионерите со бастунче на протести бараат повисока пензија – DW – 10.08.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионерите со бастунче на протести бараат повисока пензија

ДТЗ
10 август 2023

На 14 август се најавува помасовен собир од кој ќе бидат упатени и конкретни барања до Владата. Но, во пресрет на протестите, постои разединетост во пензионерските редови.

https://p.dw.com/p/4Uzfk
Symbolbild Rentner Einsamkeit Armut lonely heart
Фотографија: Yui Mok/picture alliance /empics

Пензионерите во повеќе градови изминатите денови излегоа на протести на кои бараат зголемување на минималната пензија и линеарно покачување на пензиите. Место 6 проценти зголемување на пензиите од септември, бараат по 3.500 денари за сите пензионери, а се иницира и зголемување на минималната пензија на ниво на минималната плата.  Протестите се проширија и во главниот град - Скопје, каде од паркот „Жена - борец“ во средата (9.08) беа испратени пораки дека со 12 илјади денари пензија не може да се преживее месецот, дека едвај можат да се купат лекови, но не и „чоколада за внучињата“.

На 14 август се најавува помасовен собир од кој ќе бидат упатени и конкретни барања до Владата. Но, во пресрет на протестите, постои разединетост во пензионерските редови. Додека едни со бастунче се подготвуваат да излезат на протести, други смируваат да не се бара „преку леб погача“. И на едните и на другите им се лепат партиски етикети. 

Егзистенцијални проблеми 

Дел од скопските пензионери на мирен протест пред Собранието во Скопје го искажаа своето незадоволство од висината на минималната пензија и од најавеното зголемување на пензиите за 6 проценти. Незадоволни од неодамнешното зголемување на функционерските плати за 78%, тие бараат да им се овозможи достоинствена старост и пензии со кои ќе можат да ги подмират основните трошоци. Тврдат дека зад нивните барања не стои политика, туку битката за егзистенција. 

„Не можеме да живееме со 12.000 пензија. Струјата е покачена, парното и водата и телефони се покачени. За храната да не зборуваме. Лубеници не можеме да си дозволиме од што е зголемена цената на овошјето. На внуците не можеме да им купиме едно чоколадо, и затоа бараме да се покачи пензијата најмалку 20 до 25 илјади и тоа што поскоро“, порача пензионерката Вера Стојановска

На протестот на 14 август нема да присуствува претседателката на пензионери, Станка Трајкова. „Начинот на моето работење не е на улица и на такви протести. Начинот на моето протестирање е да работам и да ги решавам барањата на пензионерите како и досега, бидејќи овој дел што сега протестира не ги претставува сите пензионери. Треба да се решаваат барањата преку институционален пат“, изјави таа во телевизиско интервју за Сител.

пензионери
Пензионерите бараат да им се овозможи достоинствена старост и пензии со кои ќе можат да ги подмират основните трошоци. Тврдат дека зад нивните барања не стои политика, туку битката за егзистенција. Фотографија: imago/Caro

Можно ли е линеарно покачување? 

Пензионерите бараат висината на минималната пензија да се изедначи со минималната плата, а покачувањето да биде линеарно по 3.500 денари, како за најмалите пензии, така и за највисоките пензии.

Но, барањето за линеарно покачување на пензиите предизвика најмногу полемики во јавноста. Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (СЗПМ) смета дека такво усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји. Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 проценти од први март 2023 година и очекувано услогласување од околу шест проценти од септември, според нив, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15 проценти.

И претседателката на Сојузот на пензионери е против линеарното зголемување на пензиите.

„Како претседателка ги почитувам сите нивни барања и потребни, но линеарно покачување на пензиите е некомпатибилно, со поставеноста на пензискиот систем во Македонија. Линеарно покачување не постои ниту во земјите од регионот ниту во европските земји. Овие пензионери кои се со ниски пензии, меѓу кои и јас кои сме со повисоки пензии, се пензионери кои оствариле пензија во државниот пензиски систем, и тие однапред знаеле колкава ќе биде нивната пензија кога ќе одат во пензија и таа се вика пензија по формула“, вели Трајкова. 

Противуставно барање  

На слична линија и е Партијата на пензионери, кои реагираа дека барањата на пензионерите кои протестираат за враќање на усогласувањата како во време на ВМРО-ДПМНЕ, упатува на сомнеж дека оваа партија повторно манипулира со пензионерите во функцијата на нивната политичка агенда. Според нивните анализи, сегашниот модел на усогласување на пензиите кои ги следи трошоците за живот и пораст на платите е најреален и најповолен за сите корисници. Но, додаваат дека треба да се најде поповолно решение за минималните пензии, за што веќе се разговара со Владата. 

Универзитетскиот професор и член на Партијата на пензионери, Темелко Ристески за ДВ вели дека барањето за линеарно, а не процентуално зголемување, е неиздржано затоа што пензијата е економска категорија. „Граѓанинот плаќа негови пари во зависност од висината на платата и толку треба да добие како пензија. Изедначувањето на пензиите не е во согласност со уставното право на заштита на правото на сопственост“, дециден е Ристески.

пари
Некој нема ни за „чоколадо за внуците“, додека друга категорија зема пензии над 1.000 евраФотографија: picture-alliance/dpa

Колкава треба да биде минималната пензија?

Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензија и најави предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија кои ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика. Тие сметаат дека предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ.

Во Северна Македонија, на крајот од 2022 година, евидентирани се 572.327 осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување и 85.139 обврзници. Бројот на корисниците на пензија од работничко осигурување во Република Северна Македонија изнесува 334.816 корисници. Покрај овој број, во Фондот на ПИОСМ се исплатуваат и 60 земјоделски пензии и 867 воени пензии. 

Пензии повисоки од 1.000 евра

До 13.300 денари пензија добиваат околу 96 илјади пензионери, до 16 илјади денари им се исплаќа на над 60 илјади лица, додека до 22 илјади денари добиваат над 86 илјади пензионери. Највисоки пензии над 22 илјади денари имаат 93 илјади граѓани. Додека 2.714 пензионери во јуни зеле пензија во износ од 11,897 денари, група од 1.526 најдобро ситуирани пензионери месечно добиваат сума од 48 илјади до речиси 70 илјади денари пензија. Ова го покажуваат месечните анализи на ПИОМ.

Ваквите разлики кај пензионерите ги подгреаја барањата за зголемување на минималната пензија и нејзино изедначување со минималната плата. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, во изјава за медиумите посочи дека државата нема пари да ја покрие ниту сегашната исплата на пензии, затоа што смета дека Министерството за финансии секој месец доцни со исплата на парите кон банките за предвремената исплата на пензиите, за што плаќа камати, но има сѐ помалку средства за покривање на дупката во пензискиот фонд.

Од Министерството за труд и социјала, пак, ги отфрлаат тврдењата дека Фондот за пензиско е во криза и дека државата доцни со исплата кон банките. Од таму велат дека со измените на Законот за пензиско од лани во март и воведувањето на новиот начин на усогласување, пензиите пораснаа за околу 21 процент. Но, ниту едно од овие зголемувања не ја загрозило стабилноста на Фондот и не ја нарушило редовната исплата на пензиите

Последниот ревизорски извештај за ПИОМ утврди дека дефицитот расте, фалат документи во евиденцијата, а пензии од починати не се враќаат.