САД: Планерите на нападите од 11 септември ќе признаат вина – DW – 1.08.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

САД: Планерите на нападите од 11 септември ќе признаат вина

ЕМФ | агенции
1 август 2024

Осомничениот главен планер на терористичките напади од 11 септември 20021 година и други обвинети, според наводи на американската влада, сакаат да постигнат спогодба со правосудството и да признаат вина.

https://p.dw.com/p/4iz9W
САД | терористичките напад од 11 септември
Во терористичките напади од 11 септември беа убиени околу 3000 луѓеФотографија: picture-alliance / dpa

Според наводи од американската влада, осомничениот главен планер на терористичките напади од 11 септември 2001 година и други сообвинети сакаат да склучат договор со правосудството и да признаат вина. Калид Шеик Мохамед и двајца соучесници се согласиле на таков договор, се вели од американското Министерство за одбрана. Детали за спогодбата сѐ уште не се објавени. Нејасна е и натамошната процедура. Калид Шеик Мохамед долги години се наоѓа во озлогласениот американски затворски логор Гвантанамо во Куба и, според извештаите на американските медиуми, преку спогодбата ќе избегне можна смртна казна.

На 11 септември 2001 година, во досега најтешкиот терористички напад во САД, беа убиени околу 3.000 луѓе. Исламистички терористи пилотираа два киднапирани патнички авиони во Светскиот трговски центар во Њујорк и уште еден авион во Пентагон, во близина на Вашингтон. Четвртиот авион се урна во Пенсилванија.

Калид Шеик Мохамед се смета за главен планер на нападите. Се вели дека тој ја регулирал и комуникацијата и финансирањето на проектот. Во 2003 година тој беше фатен во Пакистан и испрашуван од страна на американската тајна служба ЦИА. Според извештај на американскиот Сенат, тој бил мачен за време на испрашувањата. Калид Шеик Мохамед се наоѓа во американскиот затворски логор во Гвантанамо од 2006 година. Таму требаше да му се суди пред воен трибунал за неговата улога во нападите на 11 септември. Постапката против него и неколкумина други обвинети се одолговлекуваше со години.

Контроверзниот затворски логор се наоѓа на Куба, во американската поморска база во заливот Гвантанамо. Таму во еден момент беа затворени речиси 800 луѓе. Кампот беше формиран по теророт од 11 септември 2001 година, во време на републиканскиот претседател Џорџ В. Буш со цел да се држат затворени осомничени исламистички терористи без судење. Организациите за човекови права долго време бараат затворање на Гвантанамо, каде сѐ уште има мал број затвореници.