САД и Франција не исклучуваат испорака и на борбени авиони – DW – 27.01.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

САД и Франција не исклучуваат испорака и на борбени авиони

АРД | СН
27 јануари 2023

Украинскиот претседател Зеленски го повтори барањето за испорака на повеќе оружје за неговата земја. САД и Франција не ја исклучуваат можноста за испраќање на борбени авиони за Украина, а Полска би го поддржала тоа.

https://p.dw.com/p/4Mlpi
Американски борбени авиони од типот Ф-35Ц Лајтнинг II
Американски борбени авиони од типот Ф-35Ц Лајтнинг IIФотографија: Lockheed Martin/ZUMA Wire/IMAGO

САД и Франција не ја исклучуваат испораката на борбени авиони на Украина, која е под руски напад. На прашањето дали САД размислуваат да ја снабдат Укрина со борбени авиони, заменик-советникот за национална безбедност на американскиот претседател Бајден, Џон Финер, за америкаската телевизија МСНБЦ, изјави дека не е исклучен ниту еден конкретен систем за вооружување. Поддршката ќе биде прилагодена на тоа што ѝ е потребно на Украина. „Ќе разговараме за ова многу внимателно“, рече Финер.

Според извештаите на британските медиуми во Лондон, претседателот на комисијата за одбрана на француското национално собрание, Томас Гасилу, дал слична изјава. „Мораме да ги испитаме барањата од случај до случај и да ги оставиме сите врати отворени.“

Поддршка од Полска

Полската влада соопшти дека доколку НАТО одлучи да испорача борбени авиони на Украина, таа ќе го поддржи. „Мислам дека ние, НАТО, мора да бидеме похрабри“, изјави премиерот Матеуш Моравјецки за француската телевизија ЛЦИ. Но, секако тоа може да биде само одлука на НАТО, рече шефот на владата. Германскиот канцелар Олаф Шолц, од друга страна, ја отфрли можноста за испорака на борбени авиони.

Украинскиот претседател Зеленски бара од Западот повеќе оружје за неговата земја
Украинскиот претседател Зеленски бара од Западот повеќе оружје за неговата земјаФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди потребата на неговата земја за дополнителни испораки на вооружување, покрај борбените тенкови кои сега се ветени. „Руската агресија може да се запре само со соодветно оружје“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање. На Украина, меѓу другото, ѝ се потребни и борбени авиони. „Терористичката држава нема да го разбере тоа поинаку“, рече Зеленски. Најновиот бран руски напади во четвртокот, во кои загинаа најмалку 11 лица неколку часа претходно, повторно го покажа тоа, нагласи тој.

Во испораката на тенкови ќе учествува и Канада

Во својот говор, Зеленски ѝ се заблагодари на Канада, која неколку часа претходно објави дека ќе испорача четири тенкови „Леопард“ во наредните недели. Канадската министерка за одбрана, Анита Ананд, рече дека нејзината влада размислува во иднина да испрати уште тенкови. Покрај тоа, канадските војници треба да ги обучат своите украински колеги за употреба на тенковите.

Во меѓувреме, првите украински војници пристигнаа во Германија на обука за користење на пешадиското борбено оклопно возило „Мардер“. Групата слета во Келн во четвртокот и наскоро треба да започне со обука за системот за оружје, јавува новинската агенција ДПА , повикувајќи се на безбедносни извори. Германија ѝ испорачува на Украина и 40 оклопни транспортери „Мардер“.

Германско оклопно возило од типот „Мардер“
Германско оклопно возило од типот „Мардер“Фотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Советот на Европа бара Трибунал за воени злосторства

Со оглед на војната против Украина, Парламентарното собрание на Советот на Европа едногласно повика на формирање специјален меѓународен суд за воени злосторства. Трибуналот во Хаг треба да ги гони политичките и воените лидери на Русија и на нејзиниот сојузник Белорусија кои ја „планираа, подготвуваа, иницираа или спроведоа“, агресорската војна против Украина, соопшти собранието во Стразбур.

Во меѓувреме, Јапонија најави заострени санкции. Тие се однесуваат на „стоки со кои Русија би можела да ги подобри своите одбранбени способности“. Ќе се замрзнат и имотите на три фирми и 22 физички лица, информираа од министерството за економија, трговија и индустрија во Токио.