ФБИ потврди дека Трамп бил погоден од куршум – DW – 27.07.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

ФБИ потврди дека Трамп бил погоден од куршум

СН/агенции
27 јули 2024

По обидот за атентат врз Трамп, избувна расправија за тоа што го погодило во увото. Шефот на ФБИ зборуваше за отворени прашања - брзо уследија критики од Трамп. Сега властите јасно ставија до знаење: тоа бил куршум.

https://p.dw.com/p/4iojJ
Доналд Трамп со крв на увото непосредно по обидот за атентат врз него на 13 јули, 2024 година
Доналд Трамп со крв на увото непосредно по обидот за атентат врз него на 13 јули, 2024 годинаФотографија: Gene J. Puskar/AP Photos/picture alliance

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) соопшти дека поранешниот  претседател на САД и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп бил застрелан во уво со куршум за време на обидот за атентат врз него на 13 јули во Пенсилванија.

ФБИ во соопштението наведува дека „она што го погодило поранешниот претседател Трамп во увото е куршум, цел или фрагментиран на помали парчиња, испукан од пушката на починатиот субјект“.

Нејаснотии и расправија

Објавата дојде два дена откако директорот на ФБИ, Кристофер Реј, рече дека не е јасно дали повредите на Трамп биле предизвикани од куршум, шрапнел или стакло. 

Директорот на ФБИ, Кристофер Реј
Директорот на ФБИ, Кристофер РејФотографија: Julia Nikhinson/AFP

Поранешниот лекар на Доналд Трамп во Белата куќа, Рони Џексон, претходно ја негираше сугестијата на директорот на ФБИ дека шрапнел, а не куршум, можеби ја предизвикал повредата на десното уво на републиканскиот кандидат за време на атентатот на 13 јули во Пенсилванија.

„Нема апсолутно никакви докази дека се работи за нешто друго освен за куршум. Директорот Реј не е во право и не му доликува што било друго да сугерира“, напиша докторот.

Џексон тврди дека лекувал рани од куршуми за време на војната во Ирак и оти го следи закрепнувањето на Трамп откако бил застрелан.

Трамп: „Не, тоа беше куршум“

Доналд Трамп, исто така, го критикуваше директорот на ФБИ Кристофер Вреј поради неговата изјава.

„Не, за жал, тоа беше куршум кој го погоди моето уво и силно го погоди. Немаше стакло, немаше шрапнели. Не е ни чудо што некогаш познатото ФБИ ја изгуби довербата на Америка“, рече Трамп во четвртокот на мрежата Тру соушал.

Томас Метју Крукс по неуспешниот атентат врз Трамп беше застрелан од страна на снајперист на американската Тајна служба
Томас Метју Крукс по неуспешниот атентат врз Трамп беше застрелан од страна на снајперист на американската Тајна служба Фотографија: Bethel Park School District via AP/picture alliance

Еден загинат во обид за атентат врз Трамп

Атентатот на поранешниот претседател го изврши Томас Метју Крукс на предизборниот митинг во градот Батлер во Пенсилванија на 13 јули.

Трамп тогаш беше ранет во десното уво, додека еден од присутните на собирот беше убиен а двајца беа ранети. Напаѓачот беше застрелан од снајперист на Тајната служба.

Трамп сега најави дека сака да се врати на местото на нападот. Тој се уште не даде никакви детали за планираниот настан во Батлер.