Миграциска политика: Унгарија како пример за Германија? – DW – 12.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Миграциска политика: Унгарија како пример за Германија?

Бернд Ригерт
12 септември 2024

Унгарија со години не ги почитува европските закони за азил. Сепак, целите на оваа членка на ЕУ - помалку миграција, поголема контрола - би можеле да бидат многу добредојдени кај други членки на Унијата, како Германија.

https://p.dw.com/p/4kXA7
Германскиот канцелар Олаф Шолц и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан
Германскиот канцелар Олаф Шолц и премиерот на Унгарија, Виктор ОрбанФотографија: Ludovic Marin/AFP

Германија од понеделник (16 септември, 2024) ќе ги контролира сите граници за да пронаоѓа мигранти и баратели на азил кои илегално влегуваат во земјата. Ова е дел од „најголемиот пресврт“ во политиката за азил, како што повтори канцеларот Олаф Шолц во средата во Бундестагот. Сепак, нема да има директно враќање на барателите на азил во Австрија, Полска или Франција. Тоа го бараше најголемата опозициска пратеничка група- ЦДУ/ЦСУ. Според сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, вакви директни отфрлања го прекршуваат актуелниот закон за азил и таканаречените Даблински правила во Европската унија.

Орбан го охрабрува Шолц

Аплауз за обновените гранични контроли на копно, канцеларот Шолц доби токму од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој со години се обидува да спречи каква било миграција од надвор од ЕУ во Унгарија. Користејќи го хаштагот „Стоп за миграција“, Орбан му напиша на Шолц на платформата Х: „Добредојдовте во клубот!“. На каков клуб мисли, не прецизираше.

Германија сака значително да го намали бројот на илегални доселеници
Германија сака значително да го намали бројот на илегални доселенициФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Унгарија го крши правото на ЕУ

Кога станува збор за политиката за азил, Орбан е единствениот член на клубот „Стоп за миграција“ во ЕУ. Унгарија со години редовно и систематски го крши европското право. Европскиот суд на правдата ова го има утврдено повеќе пати од 2015 година до сега. Последно во јуни годинава судот одреди казна од 200 милиони евра за владата во Будимпешта бидејќи Виктор Орбан одбива да се придржува на една пресуда од минатата година. ЕСП побара од Унгарија да ја промени својата пракса да прифаќа барања за азил само во унгарските амбасади во Србија или Украина. Според правото на ЕУ, барателите на азил мора да може да поднесат такво барање и на самата граница.

Виктор Орбан не ја прифаќа пресудата од Луксембург и одбива да ја плати казната. Затоа се очекува Комисијата на ЕУ да ги намали исплатите од буџетот на ЕУ почнувајќи од следната недела. Според пресудата на ЕСП, доспева казна од еден милион евра дневно.

Орбан инсистира на национално решение

На настан во Италија минатата недела, Виктор Орбан инсистираше на тоа дека Унгарија, членка на ЕУ, треба сама да одлучува за својата политика за имиграција и азил. Орбан во Чернобио рече дека отфрла мешавина од различни цивилизации. „Некои работи не треба да се решаваат во Брисел. Кој може да дефинира дали една држава треба да живее со мигранти, или не? Тоа мора да го реши народот и неговите избрани лидери, а не империјалистичкиот центар на присилната интеграција“, рече Виктор Орбан, кој е моментално е и претседател на Советот на ЕУ. Сепак, шефот на европската влада со најдолг стаж, чија земја има значителни дефицити во правната држава, го занемарува фактот дека политиката за азил подлежи единствено на европското, а не и на националното законодавство.

Унгарската ограда на границата со Србија (архивска фотографија)
Унгарската ограда на границата со Србија (архивска фотографија)Фотографија: Getty Images/L. Balogh

Унгарија херметички ја затвори границата со Србија, која е и надворешна граница на ЕУ, со ограда и бодликава жица. Унгарските власти во еден период поставија транзитни зони во меѓуграничниот простор кој е „ничија земја“ каде барателите на азил некогаш беа држени со месеци за време на процесот. Европскиот суд на правдата и ваквата пракса ја прогласи за незаконска и и стави крај. Но, Виктор Орбан ја постигна својата цел. Минатата година Унгарија даде азил на точно пет лица. Во моментов има само 15 постапки за азил.

Јасен тренд: пожелно е помал број луѓе

Бројот на баратели на азил кои пристигнуваат во Унгарија е драматично низок. Канцеларот Олаф Шолц исто така би сакал да види значително намалување. Во мај 2024 година, во Германија имаше 365 илјади активни постапки за азил. „Мора да можеме да избереме кој ќе ни доаѓа во Германија. Тоа го кажувам многу експлицитно. И затоа е исто така важно да управуваме со нерегуларната миграција и да го намалиме бројот на луѓе кои нерегуларно доаѓаат во Германија. И да ги враќаме оние кои не смее да останат“, рече Олаф Шолц во Бундестагот во средата (11-ти септември). Трендот оди во правец на унгарската позиција,  имено да се постигне поголема контрола и да има помал број на лица кои влегуваат во земјата. Сепак, средствата кои се користат не може да се споредуваат.

Маките на мигрантите со бирократијата во Германија

Постапка на надворешните граници

На европско ниво, земјите-членки, вклучувајќи ја и Унгарија, усвоија „пакт за миграција“ кој според одговорната еврокомесарка Илва Јохансон има за цел да го намали бројот на баратели на азил кои влегуваат во ЕУ и да го зголеми бројот на враќања и депортации. Постапките за азил треба да се забрзаат и, доколку е можно, да се одвиваат на надворешните граници на ЕУ во затворени прифатни центри, налик на унгарските транзитни зони. Уставното право на азил треба остане загарантирано. Префорсираните земји како Грција или Италија треба да може да префрлаат баратели на азил во други земји на ЕУ. Со оглед на тоа дека ќе биде потребна солидарност и прифаќање на оние на кои им е потребна заштита, Унгарија сега го отфрла и миграцискиот пакт и одбива правно да го спроведе. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во никој случај не сака да биде дел од таквиот „клуб“ на ЕУ.

Напротив, Орбан дури се заканува дека и тие малку баратели на азил и бегалци кои успеваат да стасаат до Унгарија, ќе ги натовари во автобуси и ќе ги истовари во белгискиот главен град Брисел пред институциите на ЕУ. Комисијата на ЕУ во вторникот остро ја отфрли оваа закана како кршење на сите можни правила.

Новите германски гранични контроли наидоа на критики од другите политичари на ЕУ. Полскиот премиер Доналд Туск ги нарече „неприфатливи“ можните враќања на мигранти во Полска. Тие законски се изводливи само доколку одбиеното лице не поднело барање за азил во Германија и не може да покаже валидна виза. Австрискиот канцелар Нехамер најави дека и неговата земја би сакала да спроведе враќања, доколку биде потребно и дека германското толкување на законот за азил е „своеволно“.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија