Озлогласениот шеф на сицилијанската мафија е мртов – DW – 25.09.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалИталија

Озлогласениот шеф на сицилијанската мафија е мртов

ЖА
25 септември 2023

Шефот на сицилијанската Коза ностра, Денаро, почина на 61-годишна возраст во затворска болница во Италија. Мафијашкиот бос кој беше страв и трепет и долго време најбаран криминалец, е одговорен за серија свирепи убиства.

https://p.dw.com/p/4WlD7
Италијанскиот мафијашки шеф Матео Месина Денаро
Италијанскиот мафијашки шеф Матео Месина Денаро при апсењето во јануари 2023 годинаФотографија: ITALIAN CARABINIERI PRESS OFFICE/AFP

Италијанскиот долго време најбаран мафијашки шеф, Матео Месина Денаро е мртов, тој починал во затворска болница во градот Аквила како последица на заболување од канцер, како што пренесе италијанската новинска агенција Анса.

Шефот на сицилијанската Коза ностра  беше фатен во средината на јануари годинава, по три децении во бегство. Беше уапсен при обидот под лажно име да биде примен на лекување во приватна клиника поради рак на дебелото црево во сицилијанскиот главен град Палермо.

Одговорен за убиствата на Фалконе и Борселино

Здравствената состојба на злосторникот во последните денови била драстично влошена – во петокот вечерта лекарите соопштија дека Месина Денаро се наоѓа во кома од која веќе нема да се разбуди. На негова сопствена желба бил исклучен од апаратите за одржување во живот.

Како член на Коза ностра, Месина Денаро извршил или организирал серија убиства, меѓу кои и смртоносните бомбашки напади врз „ловците“ на мафијашите,  Џовани Фалконе и Паоло Борселини,  кои во1992 година одекнаа во јавноста во цел свет.

Од неговото апсење, Денаро бил подложен на две операции, од кои последната беше во август, по што примал хемотерапија. Италијанските медиуми објавија дека на семејството во изминатите денови му било овозможено да се прости од него.