Ким сака да ја зајакне ударната сила на војската – DW – 28.12.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Ким сака да ја зајакне ударната сила на војската

СН/агенции
28 декември 2022

Северна Кореја годинава тестираше повеќе ракети од кога било досега. Во говорот пред членовите на партијата, властодржецот Ким Јонг Ун сега најави нови цели за проширување на воените капацитети.

https://p.dw.com/p/4LTUk
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун во обраќање пред парламентот во Пјонгјанг во септември 2022 година
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун во обраќање пред парламентот во Пјонгјанг во септември 2022 годинаФотографија: KCNA/AP/picture alliance

Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг Ун, ги претстави воените цели на Северна Кореја за 2023 година на состанокот на владеачката Работичка партија, пренесе корејската новинска агенција КЦНА.

Вториот ден од шестиот проширен пленарен состанок на Осмиот централен комитет на партијата, Ким ја разгледа новонастаната ситуација на Корејскиот полуостров и поширокиот политички контекст, се наведува во извештајот кој го објави централниот комитет на Работничката партија.

Ким на партиските колеги им ја претставил новата „насока за борба против непријателот“ и целите за засилување на обранбената моќ, се додава во извештајот, но нема детали за целите.

За време на пленарниот состанок, Ким, исто така, укажал на „низа сериозни недостатоци“ забележани годинава во областите на науката, образованието и здравството, и предложил начини за нивно надминување и поставил клучни задачи за наредната година, соопшти КЦНА.

Севернокорејските лидери порано држеа говори на Нова година, но во последните години Ким свикуваше повеќедневни партиски собири на крајот на годината за да објави важни политички одлуки.

Северна Кореја годинава испука голем број ракети во рамки на тестовите на ново оружје, меѓу кои и тестирање на тактичко нуклеарно оружје, нови интерконтинентални балистички ракети и шпионски сателит. На почетокот на неделава, во натамошна провокација, севернокорејски беспилотни летала навлегоа во воздушниот простор на Јужна Кореја.