Извештај: Пригожин сакал да ги предаде руските трупи – DW – 15.05.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Извештај: Пригожин сакал да ги предаде руските трупи

ЕМФ / дпа
15 мај 2023

Шефот на трупите Вагнер, Евгениј Пригожин, според извештај на „Вашингтон пост“, сакал да ги предаде руските сили, во замена за повлекување на украинските сили од Бахмут.

https://p.dw.com/p/4RMK7
Евгениј Пригожин
Евгениј ПригожинФотографија: YULIA MOROZOVA/REUTERS

Шефот на трупите Вагнер, Евгениј Пригожин ѝ понудил на Украина да ги предаде позициите на руските трупи, во замена за повлекување на украинските војници од источноукраинскиот град Бахмут, пишува весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на документи од американските тајни служби кои се нашле на платформата Дискорд.

Според весникот, Киев ја одбил понудата бидејќи Пригожин не важи за човек кому може да му се верува. Пригожин, како што се вели, за давање на понудата ги искористил своите контакти со украинската воена тајна служба.

Платеничките трупи Вагнер се борат на страната на регуларните руски сили. Тие со месеци се активни во регионот на Бахмут, каде во моментов се водат најкрвавите борби, со големи загуби на двете страни.

Пригожин е во кавга со руското воено раководство. Тој постојано се жали на недостиг на поддршка од руското Министерство за одбрана. Вели дека не му се доставува доволно муниција.  Шефот на Вагнер минатата недела призна дека неговите платенички сили во Бахмут се под сè поголем притисок. Но, Пригожин се смета за човек од доверба на шефот на Кремљ, Владимир Путин, кој таква понуда до Украина може да ја сфати како предавство, пишува „Вашингтон пост“. Документите не откриваат кои позиции на руските војници сакал да ги открие Пригожин.

Пригожин во меѓувреме ги демантира информациите за можно предавство на руските сили. Во аудио порака на Телеграм тој вели дека тоа е „бесмислица“.