Илон Маск се заканува со тужба против Марк Закерберг – DW – 7.07.2023
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Илон Маск се заканува со тужба против Марк Закерберг

ЖА / агенции
7 јули 2023

Сопственикот на Твитер, Илон Маск е толку гневен на новата конкуренција од Фејсбук-концернот Мета, што го активирал својот адвокат. Алтернативата на Мета за Твитер, Тредс, во првиот ден собра преку 30 милиони корисници.

https://p.dw.com/p/4TY91
Тредс Мета Твитер Илон Маск
Илон Маск со обвинувања против Тредс, конкуренцијата од МетаФотографија: STEFANI REYNOLDS/AFP

Илон Маск и Марк Закерберг очигледно нема да станат пријатели: Твитер, според медиумски извештај, му се заканува на Фејсбук-концернот Мета со тужба поради тукушто стартуваната конкурентска апликација Тредс. Адвокат на Твитер во писмо до Мета го обвинува концернот дека во Тредс се користени доверливи информации и интерни извори од Твитер, како што пишува веб страницата „Семафор“, која објавува и копија од писмото.

Алекс Спиро, адвокатот на Твитер меѓу другото ја обвинува Мета дека вработила десетици поранешни соработници на Твитер, кои располагале со доверливи интерни информации.

Илон Маск, станувајќи сопственик на Твитер во октомври минатата година, отпушти илјадници вработени во платформата за кратки вести, а многумина од нив најдоа работа кај другите технолошки концерни.

„Семафор" пишува дека во Мета ги отфрлаат обвинувањата, негирајќи дека во тимот за развој на Тредс се ангажирани поранешни вработени во Твитер.

Мета ја стартуваше својата конкурентска апликација на Твитер ноќта кон четвртокот. Тредс се смета за силен ривал на Твитер, бидејќи апликацијата може да се потпре на база на фотографии и видеа на преку една милијарда кориснички конта на апликацијата Инстаграм на Мета. Само во првиот ден откако се појави, Тредс собра 30 милиони корисници, како што соопшти шефот на Мета, Марк Закерберг.