Година дена без Албанци – DW – 19.09.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година дена без Албанци

19 септември 2024

Негативистичкиот дух на „деалбанизацијата” е спасоносната формула за префрлање на ѓубрето отаде тарабите и тешење со помислата дека „сепак не сме последна дупка на кавалот, се уште”. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4kolm
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Licovski

Непосредно пред и по последните избори, за соговорниците од Европскиот Фронт и ВЛЕН имав само еден совет и предлог. Договорно или засебно, сеедно, да излезат со став дека се откажуваат од учество во Влада, од какви било позиции во првиот и вториот ешалон, од дипломатијата, од внатрешните работи, да се повлечат од сите медиуми на македонски јазик и генерално да ја исполнат желбата на Христијан Мицкоски и Зоран Заев за целосна, комплетна и сеопфатна деалбанизација во политиката и јавниот простор за период од 11 месеци и 29 дена. Со цел да се смират духовите потресени од албанскиот апартхејд, албанската неукост, албанското аматерство, албанското неработење, албанската дипломатија, албанското играње фудбал по Министерства кое така драматично, така длабоко и широко ја потресуваше Северна Македонија

Секако дека не очекував Фронтмените и Вленерите да се согласат и да прифатат таков аскетски предизвик на откажување од бенефициите на власта. О да, со климање на глава даваат до знаење дека ја споделуваат – од нив замислената – моја срџба и протест за антиалбанската хистерија. За жал, ни првите ни вторите не ја разбираа скриената порака дека тие самите, со своето учество и искривени приоритети, се дел од проблемот подеднакво како и македонските партии од осенчената страна на улицата. И дека секое нивно жалење, секоја поплака од која било (о)позиција, е однапред хендикепирана од страста за фотеља и алчноста за пари.  

Во една таква алтернативна историја, настрана долгиот „годишен одмор” на македонската политика и „јавност” од Албанците, ќе се дадеше можност на дело да се покаже и докаже македонското едно општество за сите, македонската наука, македонскиот професионализам, македонската работливост, македонската дипломатија македонското шетање по Министерството за односи помеѓу заедници во одела измиени и испеглани некаде пред последниот 8 март.  Северна Македонија ќе беше стабилна, нормална, државнички сериозна и политички  скандинавска. Доколку навистина верувате во тоа. 

„Аморфен и прилагодувачки естаблишмент” 

Во реалноста, ништо од тоа немаше да се случи. Освен една мала, но суштествена разлика. Во еден таков период на целосна апстиненција од „албанска иритација”, ќе се потврдеше и на површина ќе избиеше мотивот за сите наведени неповолности кои не следат и грдат со децении.  Мотивот на на перпетуалниот конфликт на тнр. естбалишмент со Македонците, секогаш умесно и грижливо прикриван низ кавги со Албанците, со Бугарите, со Грците, со САД, со ЕУ. Намерно не  велам конфликт на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ со Македонците, бидејќи во крајна основа  тие се само кондуктори, инструмент, транспортно средство и труба во рацете на естаблишментот  кој редовно периодично ги користи за да си ги скрие трагите. 

Последната патрдија со Софиски знамиња и минорен, но податлив пример за начинот на кој дејствува тој „аморфен и прилагодувачки естаблишмент”. Една посета на тнр. претседателка со иредентистички бекграунд, со бесрамно газење на сопствениот Устав, најавено од нејзината канцеларија како „посета на Софија”, на крај се сврти во панично префрлање на сопствената непрофесионалност како копиле пред портите на Радев. Што е сосема очекувано и логично од страна на оние кои со години ги меркаат крвните зрнца на „хирургот забеган во дипломатија”, на накриво поставени знамиња, на незнаење протоколи. Се разбира дека таквите кои во туѓи очи препознааа трошки, нема да сакаат да си признаат дека темелно прописно и резилно се разголија како дилетантски трупци во очите на сопствените граѓани. 

Епизодата е сепак минорна, но податлива за разбирање на оперативниот модус на естаблишментот кој секогаш мора да биде во право, особено кога ја закопува сопствена држава до нос или пак и ги крши нозете на сопствената земја за да не исчекори надвор од магичниот круг на опчинетост со естаблишментот. А тој естаблишмент е веќе со години соочен со најголемата закана и страв по неговото постоење. Страв од поинакви практики, поинакви светогледи, поинакви етнички претставници кои ја тресат во темел утешителната помисла за од господ дадената  супериорност. Тој страв ја диктира новата политика на естаблишментот, онаа на помалку  самопромоција и многу повеќе сатанизација на другите, поинаквите, поквалификуваните, на  нехипнотизираните од „величините” на естаблишментот расеани од Мултигруп и Балканска Банка,  до Сорос и МЦМС, Комерцијална и МАНУ и секоја друга дупка на лустрирани и демек-лустрирани  бирократски метузалеми на комунизмот со сите нивни прелетувања помеѓу СДСМ и ВМРО.  

Терминот „деалбанизација” е затоа лош по звук, но сосема адекватен за логиката на естаблишментот. Изборот на термини е прозорец на духот. Изборот на „деалбанизација” е  поприфатлив бидејќи е поевтин, полесен за манипулација, емотивен за разлика од терминот  „ремакедонизација” кој е потежок за изведба, опасен за манипулација и предизвикувачки за  реализација бидејќи отвара теми кои се всушност жива кал за палатите и нозете на  естаблишментот. Негативистичкиот дух на „деалбанизација” е спасоносната формула за  префрлање на ѓубрето отаде тарабите, за фрлање отров кон соседските кози и тешење со  помислата дека „сепак не сме последна дупка на кавалот, се уште”. За обединување во  спротивност како смисла на постоење. Деалбанизацијата е Southern Comfort на македонскиот  естаблишмент, неспособен и кукавички да го сопре и расточи сопствениот Голем на  самоуништување низ рацете на ВМРО и СДСМ. Затоа, ремакедонизацијата не е заборавена  мисла, не е ни опција, туку е поттик за бегство од местото на злосторството врз сопствениот народ во кое ВМРО и СДСМ ја убија, море утепаа, смислата на македонството. Па затоа, со секој чекор поблиску до местото на злосторството, се повеќе ќе расте гневот кон Албанците, кон Грците, кон Бугарите, кон Американците, кон Европејците...  

Овој естаблишмент, а не некакви гумени телца на надувување СДСМ или ВМРО, упорно не сака и не ја прифаќа понудата за помош од САД и ЕУ. Од проста причина што, како што напати се има укажано, таквата помош се базира врз понудата „што сакаш за себе” и неприфаќање на барањето „да цркне козата на комшиите”. Требаа децении за естаблишментот да капитулира и насилно прифати дека никој – ни Исток ни Запад – нема да влезе во конфликт со Грција, за да удоволи на естаблишмент кој катадневно вришти за патриотизам и катаноќно шурува со грчката олигархија. Никој нема трпение за следни децении по кои ќе се признае она што веќе се знае за оваа нова епизода на „идентитески патриотизам” на естаблишмент со Македонија на усни и Бугарија пашапорт на граница. 

Соочување со естаблишментот-капитален предизвик за секој народ 

Најновиот експонент на естаблишментот, Мицкоски Христијан, најавува пат во Брисел каде што „ќе им списка сѐ во лице на Европејците”, како Миленка и Неделко на времето. Иако попрво ќе биде  ЕУ реприза на чаламот пред НАТО Самитот, со можност да повторно од Мицотакис или Захариева дознаеме за „конструктивните ставови на премиерот на Северна Македонија искажани на пленарните седници”. Народски кажано, на Мицкоски веќе му е „земена мерката” во НАТО и се  чека поволниот момент за „кроење на костумот” во ЕУ. Неговите непресушни штанц-аргументи за  „УЧК команданти во еден стан во Чаир”, за давање поткуп кој тој не го примил, за обидите за  дестабилизација итн. се веќе препознаети во сета раскошна провидност на човек кој сака да се  промовира себе во фактор на стабилност, т.е. во нов стабилократ од доверба на западот. 

А притоа ја изумува клучната поента на стабилократијата. Која се раѓа од вистински кризи и се промовира како гарант на мирот. Мицкоски, заедно со Сиљановска и Муцунски, се фактори кои безумно ја подриваа стабилноста изградена од партнерите и претходниците и сега безочно и кусогледо скокаат од една кризна провокација кон друга, ексклузивно вперени кон токму оние кои придонеле кон таа стабилност која му овозможува перчење. А притоа молкот од трибините го сметаат како доказ дека публиката е толку воодушевена од нивните бравури што не може да стигне до воздух и се соземе за „браво мајстори!” крик. 

Десетици години пред Нивице, грчки соговорник ме убедуваше дека единствената мудра политика на Атина кон Скопје е онаа на „Dolce far niente”, на смиреност, ладнокрвност, резистентност кон секоја провокација која на крај ќе се одбие од Солунските бедеми и врати по глава на „Скопјаните”. Таквата политика подоцна беше преземена и од Тирана, а сега Софија се обидува да постапи по иста мерка и покрај сите обиди од Скопје да се наметне кавга. Тишината од Вашингтон и Брисел  кон Македонија, толку чудна среде сите наслови и настани кои се одвиваат околу нас, се  индикатор дека стратегијата на мраморни лица кон сите овдешни поплаки на естаблишментот, се  веќе стандард прифатен од сите. Таков е ефектот на надворешната политика која бара поводи за  кавги и одбива понуди за „дипломатски компромиси”, кои Мицкоски однапред одбивно ги најави  пред патот (и поразот) во Брисел. 

Фронтот и Влен си имаат амбасадори и дипломати, но пустата алчност не им дава р’бет да темелно ја препознаат таквата стратегија и кон неа се прилагодат. Дотолку повеќе што судирот на естаблишментот и Македонците ќе ескалира до критични пропорции во кои тие не смеат да земат учество или повторно се искористат како спунт. Тој процес, тој капитален предизвик на секој  народ во соочување со сопствениот саможив, сталинистички рецидивен естаблишмент кој се  одвива во Белград, Подгорица, Приштина, Тирана, Сараево, нема да го одмине ни македонскиот дел на Северна Македонија. Во тој процес, сите имаат време за чекање. И Албанците, и Бугарите, и Грците, и Американците, и Европејците, и естаблишментот пред се. Освен „колку сме – толку сме” Македонците. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач