Гир: Потребни се брзи реформи и партиски консензус за во ЕУ – DW – 13.10.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гир: Потребни се брзи реформи и партиски консензус за во ЕУ

ДТЗ
13 октомври 2022

Според евроамбасадорот Гир, проширувањето ќе зависи од консензусот на сите партии, бидејќи сите имаат свој удел и одговорност на патот кон ЕУ. Тој посочи дека Собранието треба да ја одигра главната улога во процесот.

https://p.dw.com/p/4I7Di
евроамбасадор Дејвид Гир
Амбасадорот на ЕУ во С. Македонија, Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

Евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција во Скопје, само еден ден по објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, порача дека се потребни забрзани реформи, кои треба да се одвиваат паралелно со скринингот и дека во нивното спроведување мора да бидат вклучени сите,  и власта и опозицијата. „Процесот на скрининг мора да оди паралелно со реформскиот процес. Ова не е работа само на власта, туку на сите - власта, опозицијата, локалната власт, бизнисот и обичните граѓани“, рече Гир.

Според него, процесот на проширување ќе зависи од консензусот на сите партии, бидејќи сите имаат свој удел и одговорност на патот кон ЕУ. Тој посочи дека Собранието треба да ја одигра главната улога во процесот. „Тоа ќе биде клучно во усвојувањето на законите и ќе има круцијална улога во целиот процес на преговарање. Тоа ќе биде централна точка за јавните дебати коишто ќе бидат предмет на договарање“, посочи Гир на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ. 

Бојан Маричиќ
Бојан Маричиќ смета дека Македонија најдобро стои во регионот во кластерот фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но исто така и во кластерот ресурси, земјоделство и кохезијаФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Фокусот на Собранието

Северна Македонија вчера го доби првиот извештај по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава. Главните забелешки во извештајот се однесуваат токму на работата на Собранието, за која ЕК констатира дека е нарушена од политичката поларизација со што се одложува усвојувањето на многу закони.

Комисијата на 113 страници посочува дека пратениците успеале да ги усвојат заклучоците за отворање на преговорите со ЕУ, како и дека заедно со Владата се обврзале на уставни измени за вметнување на граѓаните кои живеат во државата во нејзиниот Устав. ЕК укажува дека се потребни правилно планирање и консултации, за да се ограничи употребата на процедурите за носење закони по скратена постапка.

„Надзорот на извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се врши на поредовна основа. Предлозите за внатрешна реформа на парламентот договорени во Дијалогот Жан Моне на почетокот на 2020 година треба да се спроведат без понатамошно одлагање“, се вели во извештајот, во кој се додава дека  се потребни решителни напори за да се продолжи во процесот за пристапување во ЕК, како и да се стави посебен фокус на ефективна примена на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи. Истите забелешки денеска ги повтори и евроамбасадорот Гир, кој се осврна на политичката поларизација во Собранието, недостигот на консензус за важни прашања - како што е изборот на уставни судии и членови на повеќе комисии - кои треба да се ангажираат по систем на заслуги, а не да станува збор за политичко назначување. 

Земјата се оценува како умерено подготвена  кога станува збор за јавната администрација, судството, борбата против корупцијата.Извештајот посочува дека се неопходни реформи и во судството, кое не смее да биде под никакво внатрешно влијание,  како и да се намали влијанието при вработување во управни одбори и во надзорни тела.

Северна Македонија и ЕУ
Северна Македонија вчера доби позитивен годишен извештајФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Позитивен извештај како патоказ

„Северна Македонија вчера доби позитивен годишен извештај - имаме одржливи реформи, препознаен напредок и ни претстојат нови можности“, оцени вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој смета дека извештајот е водич за реформите и објективен пресек на состојбите, но ги  детектира и областите каде треба да испорачаат повеќе резултати. 

Маричиќ смета дека Македонија најдобро стои во регионот во кластерот фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но исто така и во кластерот ресурси, земјоделство и кохезија.

Во однос на функционирањето на Собранието, Маричиќ порача дека е неопходно опозицијата да присуствува на собраниските координации, бидејќи тоа е местото каде се договараат сите прашања за работата на парламентот.

Бојан Маричиќ
Бојан Маричиќ смета дека Македонија најдобро стои во регионот во кластерот фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но исто така и во кластерот ресурси, земјоделство и кохезијаФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Подадена рака

„Сме имале и претходно несогласување, но никогаш немало бескрајна блокада за да дојдеме до точка на блокада на Уставниот суд. Има простор да се разговара за се`, но сите одлуки се носат со мнозинство. Има закони кои се во собраниска процедура и за кои треба двотретинско мнозинство“, рече Маричиќ. Тој порача дека ќе и` подаде рака на опозицијата, особено на Националниот совет за евроинтеграции, со кој претседава Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, за да седнат и да се договорат за усвојување на европската агенда, со што реформскиот план ќе тече без блокади и со поддршка на опозицијата.  

Ваквиот повик следи откако претходно ВМРО-ДПМНЕ оцени дека според Извештајот на ЕК, Владата не спроведува доволно реформи, нема отчетност и вистински решенија.