Германија се надева на водечка улога во обновата на Украина – DW – 24.10.2022
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се надева на водечка улога во обновата на Украина

БГ /дпа
24 октомври 2022

За обновата на Украина ќе биде потребен нов „Маршалов план“, порачаа германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред почетокот на германско-украинскиот бизнис форум.

https://p.dw.com/p/4Iafc
Мост Сиверскиј Доњецк
Обновата на Украина ќе чини најмалку 350 милијарди долари. Уништен мост на реката ДоњецкФотографија: Evgeniy Maloletk/AP Photo/picture alliance

Германските бизнисмени во источна Европа ја повикаа својата земја да ја преземе водечката улога во брзата обнова на Украина, во пресрет на форумот кој денеска започнува во Берлин. Заменикот-претседател на Комитетот за источно европски економски врски, Ханс- Улрих Енгел смета дека првичните напори треба да бидат насочени кон итна помош, на пример за обнова на уништената инфраструктура. 
Потоа, фокусот треба да се насочи кон „таргетирани мерки и адекватни рамковни услови за придонес кон обновата на украинската економија“, рече тој. 

Германско-украинскиот бизнис форум кој започна во понеделникот во Берлин беше отворен од германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот премиер Денис Шмигал. Неколку украински министри допатуваа во Берлин или ќе учествуваат на состаноците преку видео-врска. 

Маршалов план  

Пост-воената обнова на Украина ќе биде „генерациска мисија“ која бара стратегија на ниво на „Маршаловиот план“, порачаа Шолц и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во заедничка колумна за весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг во неделата.

Преку ткн. Маршалов план, САД ја финансираа реконструкцијата на европските земји со десетици милијарди долари меѓу 1948 и 1952 година.

Европа има посебна улога во поддршката за Украина затоа што земјата е кандидат за членство во ЕУ, напишаа Шолц и Фон дер Лајен: „Затоа, патот на обнова е исто така и пат на Украина кон ЕУ“.

Обновата на Украина би можела да чини околу 350 милијарди долари, според септемврискиот извештај на Светска банка, украинската влада и Европската комисија. Сумата е за 1,6 пати повисока од годишниот бруто-домашен производ (БДП) на Украина во 2021 година кој изнесуваше околу 200 милијарди долари.