Трамп повторно го доведува во прашање ТВ дуелот со Харис – DW – 27.08.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп повторно го доведува во прашање ТВ дуелот со Харис

ЖА
27 август 2024

Ќе учествува или не? Првично, американскиот претседателски кандидат Трамп сакаше да се соочи во ТВ дуел со неговата противкандидатка Харис само по негови услови. Потоа попушти, а сега веќе пак се премислува

https://p.dw.com/p/4jxoI
Доналд Трамп  Камала Харис САД
Доналд Трамп уште еднаш го доведе во прашање ТВ-дуелот со неговата противкандидатка Камала Харис Фотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance und Mat Otero/AP/dpa/picture alliance

Доналд Трамп уште еднаш го доведе во прашање ТВ-дуелот со неговата противкандидатка Камала Харис закажан за 10 септември:  Републиканскиот кандидат  на претседателските избори во САД се пожали на својата онлајн-платформа Truth Social дека  радиодифузерот Еј-Би-Си Њус, каде што треба да се одржи дебатата, е пристрасен кон него.

Па зошто да се соочи со демократката Харис токму на оваа телевизиска станица, праша Трамп. Еј-Би-Си е „фејк њус“, го повтори Трамп обвинението што често го упатува. Наведе и примери - новинар на Еј-Би-Си неодамна спровел „смешно и партиско интервју“ со републиканскиот сенатор Том Котон - коментаторите и експертите што се појавиле таму биле „т.н. група за дискусија на мразачи на Трамп“. Пред да се одржи дуелот, Еј-Би-Си треба да „одговори на многу прашања“, порача Трамп.

Спор за исклучување на микрофоните

Американскиот претседател Џо Бајден -  тогаш сè уште демократскиот кандидат - инсистираше на едно правило за време на ТВ-дуелот со Трамп во јуни: микрофонот на кандидатот кој моментално не зборува мораше да остане исклучен. Неговата наследничка Харис сега го бара токму спротивното: Според нејзиниот шеф за комуникации Брајан Фалон, таа сака двата микрофони да останат вклучени во текот на целата дебата. Бајден сакал со исклучувањето на микрофоните да го спречи Трамп да упаѓа во говорот.  Харис и нејзиниот тим  сега очигледно сметаат дека ова може да го стави Трамп во лошо светло. Тимот на Трамп претпочита исклучен микрофон „бидејќи не верува дека нивниот кандидат може 90 минути да издржи настап на претседателско ниво“, ги обвинува Фалон Републиканците. Тимот на Трамп отфрла промена на правилата. „Доста е со игрите. Се согласивме на дебатата на Еј-Би-Си со точно исти услови како и дебатата за Си-Ен-Ен“, изјави советникот на Трамп Џејсон Милер за списанието „Политико“. Самиот Трамп на новинарите им изјави дека би сакал микрофоните да бидат вклучени - но во договорот стои дека правилата ќе останат исти.

Еј-Би-Си Њус пред две и пол недели објави дека  Трамп и Харис ќе настапат еден против друг на телевизискиот канал  на 10 септември. И републиканецот и демократката го потврдија своето учество на овој датум, објави тогаш телевизијата. Тоа е единствената телевизиска дебата досега пред изборите на 5 ноември, што е закажана меѓу потпретседателката и екс-претседателот, а датумот беше веќе договорен меѓу Трамп и Бајден кога тој сè уште беше кандидат на Демократите.