Директорот на ЦИА во Сараево – разговори за сецесионизмот – DW – 21.08.2024
  1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Директорот на ЦИА во Сараево – разговори за сецесионизмот

Самир Хусеиновиќ
21 август 2024

„Сецесионизмот на Додик“, безбедносната ситуација во БиХ и регионот и глобалните прашања - биле темите на разговорот на директорот на ЦИА Вилијам Барнс и претставници на БиХ во Сараево.

https://p.dw.com/p/4jj3z
 Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс САД
Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс Фотографија: Jack Gruber-USA TODAY/picture alliance

Неименуван функционер на Владата на САД вели дека причината за посетата на директорот на ЦИА (Централната разузнавачка агенција) Вилијам Брнс на Сараево е „да се разговара за загрижувачката  сецесионистичка реторика и постапките на претседателот на ентитетот Република Српска (РС)  Милорад Додик и Владата на РС“.  „Остварени се средби со колеги од разузнавачката заедница, членови на Претседателството и министерот за надворешни работи. Тие разговараа за прашања од заемен интерес, кои ги вклучуваат територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ“, се вели во изјавата на американскиот функционер, која ја пренесоа медиумите во БиХ.

Во Сараево, Брнс разговараше со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и директорката на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, Алмира Џува. На состанокот во Претседателството на БиХ присуствуваше и членката на Претседателството Жељка Цвијановиќ, која се наоѓа на американската листа на санкционирани лица, поради закани за Дејтонскиот мировен договор, интегритетот и суверенитетот на БиХ. На  „опасната антидејтонска политика на раководството на босанскохерцеговскиот ентитет РС, која ги загрозува мирот и  безбедноста во земјата и регионот“,  укажа и Денис Беќировиќ, член на Претседателството на БиХ. „Ова е многу важна посета, пред сѐ од безбедносен аспект, но и потврда за силната поддршка на САД за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, наведе Беќировиќ.

Разговорите затворени за јавноста

Со шефот на ЦИА разговараше и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ. Шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина смета дека посетата на еден од клучните луѓе на американската администрација потврдува дека БиХ е „на врвот на приоритетите“ на американската надворешна политика. „На средбата уште еднаш добивме потврда за целосна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ, но и  осуда на сецесионистичките пораки и потези“,  изјави Конаковиќ за ДВ, истакнувајќи дека не може да коментира некои делови од разговорот, бидејќи беа затворени за јавноста. Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина потсетува дека Брнс е „човек со богато искуство и одлично познавање на состојбите во регионот“.

Елмедин Конаковиќ БиХ
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ: Потврда дека БиХ е „на врвот на приоритетите“ на американската надворешна политикаФотографија: Ministry of Foreign Affairs of BiH

Медиумите во Босна и Херцеговина јавуваат и дека Брнс „ги згаснал надежите на сецесионистите“ кои очекуваат пресврт во американската политика кон Босна и Херцеговина во случај на победа на Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД. „Според нашите информации, Брнс на состаноците јасно ставил до знаење дека политиката на САД кон Босна и Херцеговина нема да се промени, без разлика која партија во САД е на власт, било да се Демократи или Републиканци“, пишува порталот „Рапорт“.

Посета „за собирање податоци“

За „ненадејната“ посета на Вилијам Брнс на Сараево во екот на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, известуваат и регионалните медиуми, но Армин Кржалиќ, професор на сараевскиот факултет за криминологија, криминологија и безбедносни студии, за ДВ изјави дека во посетата на директорот на ЦИА на Сараево „нема ништо изненадувачки". „Посетата е во согласност со методологијата на американските разузнавачки служби, кои ги собираат сите релевантни податоци, вклучително и оние поврзани со можното руско влијание во светот и нашиот регион“, вели Кржалиќ.

Тој забележува дека Босна и Херцеговина е интересна од безбедносен аспект за САД, кои активно се вклучени во стабилизацијата на безбедносните услови од војната во 1990-тите. „САД го создадоа  Дејтонскиот договор  и се заинтересирани за негово доследно спроведување и подобрување, за да не се случи неуспех како оној во Авганистан“, вели Кржалиќ.

Армин Кржалиќ: „Ќе бидат разочарани сите што имаат сепаратистички и централистички интереси"

Професорот од Сараево очекува продолжување на американската поддршка за Босна и Херцеговина. „САД инвестираа многу во Босна и Херцеговина, особено во процесот на формирање на одбранбени и безбедносни сили преку одбранбени реформи (укинување на армиите на ентитетите и формирање на вооружените сили на Босна и Херцеговина), и тие се свесни дека одбранбените институции се тие кои се најмногу напаѓани“, забележува Кржалиќ. Во „нападите“ врз одбранбените институции и вооружените сили на Босна и Херцеговина, предничи претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, барајќи укинување на вооружените сили на Босна и Херцеговина и повторно формирање на армии на ентитетите.

Вилијам Брнс ЦИА
Вилијам Брнс во повеќе наврати престојуваше во БиХ Фотографија: Mark Schiefelbein/AP/picture alliance

„Сите оние кои посакуваат некакви промени за остварување на сепаратистички и централистички интереси немаат на што да се надеваат, бидејќи пораките по посетата на Вилијам Брнс потврдуваат дека САД остануваат посветени на Дејтонскиот договор и целовитоста на БиХ која стреми кон  евроатлантските интеграции“, заклучува професорот Армин Кржалиќ.

Посебен интерес за ОХР и државниот имот

Вилијам Брнс е поранешен амбасадор на САД во Русија и, како што пишува Слободна Европа, централна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, бидејќи е и член на претседателскиот кабинет на Белата куќа. Тој беше назначен на позицијата директор на ЦИА во јануари 2021 година. Тој служеше за време на шест претседатели и администрации (на двете партии) во текот на четири децении јавна служба во дипломатијата и разузнавачкиот сектор. Тој беше и американски амбасадор во Јордан.

Брнс во неколку наврати ја посети Босна и Херцеговина, а во 2012 година, во својство на помошник државен секретар на САД, особено се интересираше за работата на ОХР (Канцеларијата на високиот претставник) и прашањата за државниот имот. И денес функционерите во БиХ се расправаат за државниот имот, а решението на тоа прашање е услов за затворање на ОХР.

Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, по Сараево ќе ги посети Белград и Приштина.